Чкрипењето со запчињата кај децата почесто се случува во текот на ноќта. Причини за тоа можат да бидат растењето на нови запчиња, настинка, алергија, па дури и стрес.

Дали чкрипењето има трајни последици?

Бруксизам е медицински термин за чкрипење со забите или стискање на вилицата и не е ретка појава кај децата. Истражувањата покажуваат дека дури три од десет деца чкрипат или „мелат“ со забите и кај повеќето тоа ќе помине само од себе.
– Чкрипењето со запчињата (бруксизам) во сонот кај децата не е така ретка појава и почеста е во текот на ноќта отколку дење. Најчесто се јавува во периодот на никнување на млечните и трајните запчиња. Некои деца чкрипат еден пократок период, а кај повеќето тоа престанува со никнувањето на трајните заби – вели Ивана Цекиќ, стоматолог.

Причини за бруксизам

Не постои само една јасна причина зошто се јавува бруксизмот. Во некои случаи горните и долните заби не се правилно порамнети. Можно е помалите деца да чкрипат со запчињата поради болката при растењето на забите, па на тој начин го „масираат“ болното забно месо. Сепак, најчесто се јавува во периодот на никнувањето на млечните и трајните запчиња. Ако детето е болно, има проблем со алергии, па со самото тоа отежнато дише на носот, може да се појави краткотрајно чкрипење со забите.

– Стресот има значајна улога и најчесто е поврзан со училиштето или проблемите во семејството, но и со други проблеми, на пример, хиперактивноста. Всушност, децата ноќе повторно ги доживуваат сите активности и настани што се случиле во текот на денот – објаснува Цекиќ.

Дали бруксизмот има трајни последици?

Многу случаи на бруксизам поминуваат дури и незабележано, без штетни последици и единствено претставуваат „звучен проблем“ за останатите членови во семејството. Понекогаш, ноќното чкрипење може да ја оштети забната глеѓ, па забите стануваат почувствителни на температурни промени, но предизвикуваат и силна болка во вилицата.

Како ќе знаете дека треба да се јавите на лекар?

– Кога како последица од бруксизмот ќе се појави болка во подрачјето на зглобот, трошење на запчињата или скратување на забната коронка, проблемот не треба да се занемарува, туку треба да се обратите за помош кај лекар за дентална медицина – советува Ивана Цекиќ.

 



912

X