Животот се промени, а со него и семејните односи. Затоа во филозофската литература сè почесто се разгледува ова ново и актуелно прашање: дали возрасните деца можат да ги игнорираат своите должности кон родителите?

Многу луѓе уште се плашат да им кажат на родителите „не“ и се подготвени да ги жртвуваат сопствените интереси и соништа само за да не слушаат прекорувања. Поради тоа, има многу луѓе што ги поминуваат годините не живеејќи го својот живот и стануваат заложници на чувството на вина и должност, а тие години со ништо не можат да ги вратат.

Не би постоел без тебе, но моето раѓање е твој избор

Омилената фраза на родителите-манипулатори звучи приближно вака: Те носев девет месец, не спиев, не се одделував од твојот кревет – и каде е сега твојата благодарност. Меѓутоа, тоа се природни работи кои ги прави секоја жена кога ќе одлучи да стане мајка. Така ли е?

Детето воопшто не предвидува дека сета таа грижа и топлина што сега ја прима ќе мора подоцна да ја врати. И кога еднаш од него ќе се бара да се „оддолжи“, тогаш љубовта кон родителите ќе почне постепено да се гаси и тоа ќе доведе до меѓусебни обвинувања, а потоа и до обострано разочарување. Барањата и очекувањата од возрасните се појавуваат тогаш кога раѓањето на детето би требало да исполни одредени очекувања, кои ги вложувале во детето. Во семејствата во кои владее љубов, раѓањето на детето е сосема природна работа и родителите ја прифаќаат грижата за новиот член на семејството како нешто што се подразбира само од себе, така што подоцна нема да има потреба за посебно искажување благодарност.

Толку многу ти дадов и жал ми е што тоа помина незабележано

Детето од првиот момент на животот дава сѐ што има: своите мили погледи, прегратки, првите зборови, цртежи и сето она што ќе го направи. А родителите мора да имаат сила и желба да го забележат сето она што детето го прави за нив. Ако таквите важни ситници остануваат незабележани и возрасните веруваат дека е доволно да ги задоволат само неговите основни потреби, тогаш не треба да се чудите што детето кога ќе порасне, нема да чувствува приврзаност кон своето семејство. Премногу е да се каже дека нема да има желба да се грижи за остарените мајка и татко.

Во најдобар случај, возрасното дете ќе им помага на родителите купувајќи им храна, лекови или ќе им ги плаќа комуналните трошоци, но ќе се труди што поретко да ги посетува.

Родителите не ни стануваат секогаш блиски

Нема сомневање дека родителите играат важна улога во животот на секој човек, но тоа не значи дека тие се единствените луѓе на светот на кои може да се потпреме. За жал, има и спротивни ситуации – кога децата се соочуваат со недоразбирање, отсуство на поддршка, игнорирање на нивните проблеми, а критиките што ги добиваат од родителите се поболни отколку од непознати луѓе.

И покрај трудот на некои луѓе да ги почитуваат родителите по секоја цена, морате трезвено да ја процените ситуацијата – ако се соочувате со презир, понижување и веќе немате желба со нив да ги поделите своите чувства, тогаш тоа не е однос помеѓу блиски и не треба да живеете во илузии: ако не ве поддржувале во детството, најверојатно ништо нема да се промени.
Во тој случај човекот има целосно право да не им даде поддршка на родителите бидејќи и тој не ја добил од нив. Доколку на детето безусловно сте му давале љубов, тогаш вашето возрасно дете нема да ја почувствува потребата за нешто да ви плати, туку неговата природна грижа за вас ќе биде израз на сите оние чувства што се собрале во текот на многу години.

Постои теорија на пријателството според која децата треба да го прават за родителите истото што и за своите пријатели, затоа што доброволно ги одржуваат пријателските односи. Ако родителите и детето немаат заемни емоции, во тој случај детето нема обврска кон родителите.

Нема да станам она што ти би сакал да бидам

Родителите можат да имаат свои желби во врска со вашата иднина, но никогаш не смеат да ги попречуваат вашите сопствени замисли. Да се биде возрасна личност, значи самостојно да се избира сопствениот пат, а тој може да биде сличен на искуствата од вашите родители, но може да биде и нешто сосема поразлично.

Детето од раното детство знае што сака, но ако постојано го правите изборот наместо него, ќе израсне во личност која панично ќе се плаши од грешки, ќе зависи од околностите и одговорноста за сопствениот живот ќе ја префрла на други. Ако се откажете од сопствените одлуки само за да ги исполните очекувањата на своите родители, значи дека се обидувате да бидете нешто што не сте. Жртвувањето на своите соништа заради семејните очекувања е сигурен начин за создавање незадоволство, болка и бес – и таквите чувства ќе ве следат целиот живот. Здравите семејни односи ви дозволуваат да бидете свои. Ако тоа не е случај, тогаш дошло време тоа да го разрешите и да поставите граници.

Не го давам своето време

Често желбата да се помине секој момент со детето е последица од тоа што родителите веќе немаат никакви цели или забава во животот. Понекогаш таквото однесување доведува до тоа подоцна од детето да се бара истата посветеност што ја покажувале кон него. Во нормална ситуација, децата растат и одат по својот пат, а родителите остануваат еден со друг и со она што го оствариле додека детето растело. За родителите што не сакале или не умееле да се занимаваат со сопствениот живот, нивните возрасни деца, иако сакаат да почнат сопствен живот, продолжуваат да бидат лепилото без кое сѐ ќе се распадне во семејството.

Возрасното дете само ќе одлучи каква помош е подготвено да даде и нема смисла да се бара повеќе. Без разлика на тоа колку деца и внуци имате, секој треба да биде подготвен да се грижи за себе.

Не можам ни твоето време да го вратам назад

Незадоволството на детето затоа што не ги „надоместило трошоците“ настанува тогаш кога родителот не успеал да се оствари во она што сакал. Тогаш му се чини дека појавата на бебето го оневозможила да ги реализира своите потенцијали и го спречила да ги постигне саканите успеси. Детето не може да му го врати времето на родителот што тој не го потрошил на себе.

Нема сомневање дека во првите години родителите речиси целото свое време го трошат на грижата за детето, но како подоцна ќе управуваат со своите животи, зависи само од нив. Доколку, од некоја причина, улогата на родители не им донела задоволство, тие во детето пронаоѓаат виновник бидејќи им ги „зело најдобрите години“ и се јавува незадоволство, а потоа и барање за да им се надомести изгубеното.

Малку статистика

Според истражувањата на американските социолози, постои голема разлика помеѓу степенот на финансиска поддршка која родителите очекуваат дека ќе ја добијат и помошта што децата планираат да им ја дадат: 92 отсто од испитаните родители изјавиле дека во пензија не очекуваат никаква финансиска помош од своите деца, само 1 отсто очекуваат да бидат згрижени, 2 отсто очекуваат нивните деца на свој грб да ги преземат поголемиот дел од трошоците, а 5 отсто изјавиле дека децата ќе им помагаат по потреба.

И покрај тоа што повеќето родители не очекуваат помош, 63 отсто од децата изјавиле дека планираат финансиски да им помогнат на своите пензионирани родители. А дури 61 отсто од децата се подготвени да ги викнат родителите да живеат со нив, кога ќе престанат да работат.

Заклучок

Најдобро што родителите може да направат за своите деца е да им дадат слобода и можност да го живеат сопствениот живот. Ако на детето му дозволите да учи од сопствените грешки, кога ќе обрнете внимание на неговиот избор и желби, поддржете го и помогнете му, без наметнување на своето мислење – таквите деца ќе станат луѓе со природно чувство за благодарност и одговорност. И ако притоа родителите не заборават на себе, тогаш никогаш нема да имаат чувство на „потрошен живот“, па така нема да имаат ни причина да се жалат.

Не заборавајте дека детето го копира однесувањето на родителите – во моментот кога ќе ви затреба помош, погледнете го сопствениот одраз и ќе видите каков човек сте биле.

Што мислите вие – имаат ли децата обврски кон родителите?



912

X