„Моето четиригодишно дете во сите ситуации добро го владее сопствениот бес. Многу работевме на тоа и кога е бесна користи зборови, а не своите раце или, пак, оди во некој мирен агол во домот и се обидува да се смири. Но, во некои ситуации и понатаму покажува несоодветно однесување. На пример, кога ќе ѝ ги исклучам цртаните филмови, се случува да фрла предмети наоколу. Трчам да ги тргнам предметите за да не се повреди. Иако ѝ ги нудам сите опции за кои претходно сме разговарале, упорно сите ги одбива и продолжува со фрлање на предметите. Не ми е јасно како некогаш сè функционира како што треба, а кога ќе ѝ се исклучат цртаните, заборава на сите тактики што сме ги применувале. Кога ќе ја казнам, покажува уште поголем отпор. Значи, казнувањето нема никаква смисла. Не знам што да правам, се чувствувам беспомошно“.

Ваквата ситуација навистина е честа кај сите семејства и може да биде повод родителите да навлезат во тој маѓепсан круг на казнување-неуспех-казнување и чувството на беспомошност. Постојат повеќе причини зошто родителите го прават тоа:

Грешка не смее да се случи, забранета е

Родителите често поради своите искуства од детството, градат мислење за тоа како да постапат со своите деца за да ги научат на одредена лекција. Доколку во нивното детство грешките биле забранети и не смеело никако да се случат, голема е веројатноста дека и од своето дете ќе очекуваат да не ги прави. Доколку се случи детето да направи некаква грешка, која за родителите е недопустлива, голема е веројатноста родителите бурно да реагираат и да пристапат кон казнување.

Мора да страдаш за да ја научиш лекцијата

Тука се и предрасудите дека е потребно да се страда за некој да си ја научи лекцијата. Тоа уверување се пренесува и на децата, но тоа однесување се манифестира како омаловажување на неговата личност, а може да придонесе и за создавање многу лошо мислење за себе. Тука веднаш се јавува ризикот од ниска самодоверба, која може да остане присутна во текот на целиот живот.

Детето мора да биде казнето за да ја научи лекцијата

Дури и кога родителите не се толку лути за да изгубат контрола, постои уверување дека детето мора да биде казнето за да ја научи лекцијата, па тогаш родителот го казнува од „педагошки причини“. Секако, казната нема да доведе до учење на лекциите што родителот ги сака, туку до тоа детето да се инаети и да сака да му се одмазди на родителот, што секако не е цел на воспитувањето.

Недостиг на знаење на родителите за други алтернативни алатки кои може да се користат наместо казна

Иако родителот увидува дека казната не доведува до вистинскиот резултат, често не знае за некои други начини со кои ќе му помогне на детето да ги научи животните лекции или некоја важна социјална вештина. Во таков случај, родителите се чувствуваат беспомошно, се обидуваат со сѐ, но ништо не им оди. Тоа доведува до фрустрација, па на крајот се откажуваат од намерите.

Автор: Николина Милосавлевиќ



912

X