Воспитување

Родителството е признавање на детските чувства. Не игнорирање. Не намалување

Зошто детето не сака да каже зошто плаче?

Се разбудив утрово прва (што ретко се случува) и станав да си направам кафе и да го испијам во тишина. Но, за жал, штом кога ја спуштив шолјата на масата и посегнав по тел… всушност, по книгата, се слушна гласот на моето дете:

„Мамооо! Дојдиии!“

Одам кај него и гледам дека е лут. Седам на креветот, а тој почнува да плаче и не дозволува да го земам. „Зошто си ми лут?“ – го прашувам. Плаче уште посилно.

„Добро. Јас не сакам да бидам покрај некој што ми вика“ – станувам и си заминувам. Тој ме следи, сега веќе врескајќи. Кој  би требало да знае подобро да се снајде во оваа ситуација? Мојот тригодишник или јас?

Детските чувства се реални

Има многу примери со кои на родителите секојдневно им се покажува дека чувствата на децата не се еднакво валидни како чувствата на возрасните. Детето ќе се пожали дека не може да јаде бидејќи не е гладно, родителот вели дека мора. Детето не сака да облече дуксер бидејќи му е топло, родителот тврди дека не е, дека е ладно и дека веднаш треба да го облече. Детето ќе падне и ќе го изгребе коленето, доаѓа расплакано, а родителот вели; „Ништо не е, зарем ќе плачеш за тоа!“

Ваквите, навидум безопасни примери каде што родителите покажуваат колку чувствата на детето и неговата перцепција на сопственото тело се неважни се всушност првите чекори кон кршењето на довербата во релацијата родител-дете. Секое чувство на детето треба да се признае. А не да се игнорира. Не да се намали неговата важност. Не треба да брзате да објасните, да го обвините или задолжително да го поправите. Едноставно – треба да го признаете.

За тоа постојат повеќе начини. Можете внимателно да го погледнете и да го сослушате детето. Можете да кажете и: „Ах, разбирам“. Можете да се обидете да го идентификувате чувството, ако гледате дека детето не го може да го направи тоа. Или едноставно да се каже нешто како: „Баш би било супер сега некој да смисли машина за лекување гребеници!“ или „Зошто не постојат зимски шорцови што би можеле да ги носиме кога надвор е студено…“

Понекогаш децата не ги разбираат своите чувства

Иако некои деца можат и знаат да објаснат што чувствуваат, многумина не можат. За нив, прашањето „зошто“ значи уште посилна фрустрација – со веќе постоен стрес (кој нам, на возрасните, ни се чини бесмислен), сега од нив се бара и да ја анализираат причината и да пронајдат разумно објаснување. А не можат. Не можат бидејќи многу често ни самите не знаат од каде им е таа лутина, изненадувачка. Во другите ситуации, дури и ако умеат да објаснат, ќе одложуваат да ви кажат бидејќи веруваат дека нивните причини ќе ги сметате за бесмислени („И зошто сега ти толку викаш?!“).

Она што на децата им е потребно е да ги разбереме и почитуваме нивните чувства, а не да ги преиспитуваме. Однесувањето да, чувствата не. Дали баш би било важно да се знае причината поради која е лут или тажен за јас да покажам разбирање? Побрзав да му го спречам плачењето и што побрзо да го решам проблемот…

Можеби плачеше бидејќи го разбудила вревата на улица. Можеби сонувал лош сон. Можеби му било топло. Можеби плачел затоа што тоа е нешто што децата често го прават. Јас, се разбира, сакав да го утешам, но моето ЗОШТО не помогна многу.

„Зошто“ звучи како обвинение

Кога малку обрнав внимание, сфатив дека „зошто“ го користам речиси секојпат кога моето дете емоционално се „крши“. Што се случило? Што не е во ред? Зошто плачеш сега? Зошто си лут? Зошто си тажен? Зошто ја фрли играчката?

Во моментите на бес „зошто“ звучи како обвинение. Зошто не ми кажа дека си ја скршил вазната? Зошто заборави да го фрлиш ѓубрето? Зошто не го намести креветот?

Ваквите прашања ги поставуваат децата во речиси невозможна позиција. Тие или ќе се перципираат себеси како лошо дете или ќе почнат да се бранат и да ги обвинуваат другите. Ниту едното ниту другото не помага проблемот да се реши.

Ако се прашувате што помага, вратете се неколку пасуси назад, одговорот е во обележаниот дел од текстот.

Автор: А. Цвјетиќ

Извор

Поврзани написи

To top