Здравје

Зошто денес децата спијат сѐ помалку?

Новите пронајдоци што ги користат и децата секогаш претставуваат уникатен и непредвидлив предизвик за родителите. Прашајте ги претходните генерации родители, кои се обидувале најдобро што можат да го регулираат гледањето телевизија, пристапот до интернетот и слично, додека ги воспитувале своите деца

Уредите на допир, како што се паметните телефони и таблетите, ги има во секоја куќа во современите земји. Истражувачки тим од Универзитетот „Биркек“ во Лондон открил дека малите деца што ги користат овие уреди помалку спијат ноќе, иако останува нејасно што точно го предизвикува нарушувањето на сонот. Претходно било откриено дека времето поминато пред екраните е поврзано со проблеми во спиењето кај децата. Сепак, досега останува нејасно дали овие проблеми се прошириле и со користење екран на допир.

15 минути помалку сон за секој час играње на телефон или таблет

Преку онлајн-анкета во која учествувале голем број родители, во која се барало од нив да кажат дали нивните деца користат екрани на допир пред заспивање, истражувачкиот тим дознал дека за секој час користење некаков уред децата на возраст од шест месеци до три години имале за 15 минути пократок сон.
Тимот добил повратни информации од родителите на 715 мали деца. Околу 70 отсто од родителите што го пополниле прашалникот велат дека имаат уред со екран на допир. Од нив, 75 отсто изјавиле дека нивните мали деца (помеѓу шест месеци и три години) користеле екран на допир на дневна основа.

Им требало повеќе време за да заспијат

Потоа родителите биле прашани за просечното времетраење на попладневните дремки и ноќниот сон на децата, кој се дефинира како време што обично му е потребно на детето да заспие, како и тоа колку често се буди.
Децата што ги користеле овие уреди со екран на допир спиеле помалку во текот на ноќта и во текот на денот. Всушност, во просек тие спиеле 26 минути помалку во текот на ноќта отколку децата што не користеле вакви уреди.
Користењето уреди не е поврзано со будењето во текот на ноќта, а на овие деца им било потребно подолго време за да заспијат.
„Овие резултати покажуваат дека популарноста и достапноста на уредите доведуваат до тоа масовно да ги користат и бебињата и малите деца и е поврзано со намален сон. Сега се потребни понатамошни истражувања за надградување на ова почетно истражување, кои ќе ни помогнат да разбереме дали употребата на овие уреди предизвикува проблеми со спиењето“, велат истражувачите.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top