Децата, т.е. браќата и сестрите што добиваат еднаков третман од своите родители имаат повисоко ниво на меѓусебно самопочитување и самовреднување, располагаат со помногубројни социо-емоционални вештини, кои ги прават повешти во социјалните и партнерските врски

Во мојата психолошка практика можам да забележам многу возрасни луѓе што имаат нетолерантен, отуѓен или студен однос кон своите браќа или сестри, а на прашањето зошто е така, и самите веднаш немаат конкретен одговор сè додека не ги преиспитаме раните семејни односи и нивната динамика во семејниот систем. Всушност, семејните односи и третманот врз браќата и сестрите од страна на родителите може да имаат големо влијание врз понатамошното однесување кај децата. Децата, т.е. браќата и сестрите што добиваат еднаков третман од своите родители имаат повисоко ниво на меѓусебно самопочитување и самовреднување, располагаат со помногубројни социо-емоционални вештини кои ги прават повешти во социјалните и партнерските врски.

Најчести причини поради кои се создава и расте нетрпеливоста помеѓу братчињата и сестричињата во семејството се следниве:

1.Фаворизирање на едно од децата

Фаворизирањето на едно дете најчесто родителите не го прават свесно или намерно. Обично фаворизирани се децата кои постигнуваат одлични училишни или академски успеси, деца кои се талентирани во нешто, мирни и тивки итн. Дали нетрпеливоста ќе расте, зависи од тоа каков е целокупниот семејниот систем, бидејќи доколку едно дете е „фаворит“ кај родителите, на другото дете му се нанесува емотивна болка и се чувствува загрозено, игнорирано, неинтересно и пробува на кој било начин да дојде до родителското внимание, најчесто на погрешен начин, манифестирајќи пасивно агресивно однесување кон братчето или сестричето кое е фаворит.

2. Споредување

Особено е важно да избегнете споредување помеѓу децата во семејството, како на пример: „Сестра ти е помала и поуспешна во математика, ти не можеш да го постигнеш ни основното“ или „Види сестра ти колку е мирна и културна, ти си сосема спротивното“. Ова е еден начин кој родителите го користат со цел да мотивираат некое од децата, но мора да знаат дека ова е погрешен начин на мотивација. Со една реченица, не воведувајте ги децата во ситуација во која тие меѓусебно ќе треба да се борат.

Фото: Борче Поповски

3. Стереотипност во воспитувањето

Тоа подразбира дека родителот секојдневно користи типични претстави кои и самиот ги стекнал, т.е. научил. Како на пример: „Ти си помал, мора да слушаш“ или „Ти си постар, попушти му“.  Ова се случува затоа што првото дете често на одреден начин е попривилегирано во некои активности, бидејќи тоа прво било само со родителите и го имало целото внимание. Доколку подолго бил единец, неговата позиција е помоќна. Меѓутоа, првото дете можеби го имало целото внимание, но воедно имало и разни оптоварувања во смисла дека го пробивало ледот за многу работи, па на помало дете животот често му е полесен бидејќи родителите веќе еднаш ги поминале развојните фази и сега се поопуштени бидејќи веќе совладале некакви воспитни вештини.

4. Различен воспитен стил

Доколку родителите, на пример, со едното дете користат авторитетен, а со другото дете попустлив воспитен стил, ќе предизвикаат раздор и чувство на лутина која ќе се зароби во гнев и ќе биде одраз на емотивната болка со која  ќе се соочи детето.

5.Борбата на децата за родителската љубов и внимание

Секое дете е индивидуално, посебно и неповторливо на овој свет. Секое дете е различно. Некое поспособно во одредени активности и вештини, друго пак во други. Така и во борбата за родителската љубов и внимание некое од децата ќе биде поуспешно, а некое помалку успешно. Борбата која на детето потешко му оди го прави често пати да се чувствува разочарано, немотивирано или раздразливо и фрустрирано. Во тој контекст важно е родителот да им обрне еднакво внимание на децата и да ги препознава нивните потреби.

Автор: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти



912

X