Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

е-пошта: d_ljubica@yahoo.com
тел: 072 214 191

Повеќе од авторот

Знаци што можат да ни навестат дека станува збор за СИ пречка се дефицит во вниманието, трапавост при извршување моторни активности, проблеми во усвојувањето на школските знаења…

Сензорна интеграција (СИ) е процес при кој мозокот ги добива информациите примени од сетилата, ги препознава, толкува и ги средува за потоа да реагира со соодветно дејство. Соодветно дејство или адаптивен одговор се јавува кога личноста успешно се справува со предизвиците што доаѓаат од средината. Ова е сложен процес и е тесно поврзан со функционирањето на централниот нервен систем (ЦНС).

Сензорната интеграција поаѓа од три постулати:

1. Кај лицата со нормална СИ овој процес тече спонтано и како краен резултат имаме едно планирано и организирано однесување.

2. Кога постои СИ пречка, или недоволно интегрирање на примените дразби, доаѓа до дефицити во сознајните и моторните процеси на учење.

3. Целисходните примања на дразби во рамките на однапред испланирани активности и планирањето и создавањето на адаптивниот одговор кај личноста ја подобруваат сензорната интеграција и со тоа и способноста за учење. Од овој постулат произлегуваат идеите за терапија по оваа метода.

Кога се поставува дијагноза, видливиот дел е моториката, а сензориката останува скриена во мозокот и е невозможно директно да се процени. Затоа се осмислуваат серија активности преку кои се открива дали навистина постои проблем во сензорното-интегративниот процес кај детето.

Моторниот и сензорниот процес се меѓусебно поврзани. Моториката е таа што го дава крајниот резултат, завршетокот на активноста. Способностите за функционална поддршка помагаат да се интегрираат и приспособат информациите добиени од компонентите за провокација и реакција на сензорниот систем, како и отфрлање на непотребните информации добиени притоа, кои не се важни за конкретната активност. Тука спаѓаат способностите за тактилна дискриминација и дискриминација на дразбите добиени од другите сензори, коконтрактција (обезбедува стегање на мускулите околу зглобот за да се постигне стабилност), мускулен тонус, рамнотежа и симетрија, развојни рефлекси, латерализација и билатерална интеграција.

Мозокот прима информации од следните сензорни системи: тактилен, проприорецептивен, вестибуларен, олфакторен, густативен, аудитивен, визуелен. За сензорна интеграција, суштествени се првите три системи, па оттаму пречки во останатите системи не се сметаат за сензорно интегративна пречка (на пример, слепило, глувост). Од големо значење се и односот кон гравитацијата, степенот на подвижност, степенот на внимание, постротациониот нистагмус, осетливоста на движења, проприоцептивната осетливост и емоционалната стимулација. Нормалната реакција на секој од овие системи е индикатор за добро функционирање на личноста. Следствено, намалените или нагласените реакции на некој од системите доведуваат до неадекватно функционирање

Од друга страна, проблематични области се следните:

1. Проблеми во модулацијата на сензорните органи (неволни или емоционални реакции на дразби кои другите луѓе ги сметаат за безопасни, задоцнета реакција или отсуство на реакција).

2. Проблеми во вестибуларната и проприоцептивната обработка (тешкотии при организирање на телото во просторот, контрола на држење и билатерална интеграција).

3. Проблеми во соматосензоричката обработка (тешкотии во организирање на дразбите кои се примаат преку допир, движење на зглобовите и промена на положбата на телото во просторот).

Знаци што можат да ни навестат дека станува збор за СИ пречка се дефицит во вниманието, трапавост при извршување моторни активности, проблеми во усвојувањето на школските знаења итн.

Поврзаноста помеѓу степенот на модулација на сензорниот систем и функционалните капацитети за поддршка доаѓа до израз во способноста да се заврши докрај некоја активност, или накратко тоа е праксијата. Тоа е способност на организмот да изведе моторна активност, или да го координира телото преку сложени движења кои бараат адаптивен одговор.
Jane Ayres: „Праксијата е уникатна човекова особина која обезбедува ефикасна интеракција со физичкиот свет. Таа е една од најзначајните врски меѓу мозокот и однесувањето. Праксијата за физичкиот свет е исто што и говорот за социјалниот свет. Двете овозможуваат акции и трансакции“.

Праксијата е најважниот организациски аспект на функцијата што човекот може да го постигне. На неа се базираат академските способности, однесувањето, артикулацијата, емоциите и односот кон средината. За децата што имаат проблеми во праксијата велиме дека се развојно диспраксични, што се разликува од апраксијата која ја среќаваме кај лица, на пример, по преживеан мозочен удар. Диспраксичните деца се трапави и несмасни при вршењето на активностите поради сложената поврзаност помеѓу подоптималното сензорно процесирање, подоптималниот капацитет за функционална поддршка и подоптималната идејација.

Диспраксијата е голема и сложена област која треба добро да се разбере за да можат да се разберат и проблемите на децата со сензорно интегративни пречки. Овие деца имаат проблем во почетното планирање на некое за нив ново или необично движење (на кое не се навикнати), внатрешно усвојување на планот за тоа движење, пренесување на моторното учење на нови ситуации, издвојување на заедничките елементи од претходните учења, за во следното да ги уочат само разликите или да додадат нови елементи. Пример, диспраксично дете кое учи да вози ролери… стартно вложува многу повеќе труд за да ја совлада вештината, му треба многу повеќе време да ги искоординира движењата и тие пак нема да се доволно координирани. Понатаму, ако некое детенце му се попречи на патот (новонастаната ситуација) нема план, идеја кое ново движење или маневар да го направи за да го избегне. Исто така, не може да ги искористи шемите од ова учење за да лизга на мраз (трансферот му е ограничен).

Сензорно интегративниот пристап кој им се препорачува на децата со СИ пречки опфаќа 3 области:

1. Срединска интервенција, се однесува на структурирање на средината и активностите што му се нудат на детето со цел кај него да се развие способност за создавање адаптивен одговор. Од специјално подготвените средини каде што се применува овој пристап, се преминува и во домот и градинката и училиштето на детето, односно се прават адаптации во организирањето на наставата за да се намали сензорната дефанзивност кај детето.

2. Детските одговори, целта на СИ пристапот е кај детето да се создадат адаптивни одговори кои се во согласност со неговата развојна возраст и се социјално, психолошки и средински приспособени.

3. Се почитуваат циклусите на третманот, а тоа се: модулација на сензорниот систем, третирање на капацитетите за функционална поддршка во рамките на адаптивниот одговор и барање адаптивен одговор неопходен за извршување на активностите докрај. Прво мора да се нормализира степенот на сензорна модулација, да се олеснат функционалните капацитети и на крај како резултат да се добие адаптивен одговор.



912

X