Воспитување

Знаете ли што е Моро-рефлекс и зошто е важен за бебињата?

Новородените бебиња, велат мајките што родиле и одгледале повеќе од две-три деца, личат на бонбониери. На изглед се малечки, убави, различни и полни со изненадувања.

Некои од тие изненадувања, и убави и помалку убави, едноставно ги очекуваме, а за некои не сме подготвени. Како што знаеме однапред дека во речиси секоја кутија ќе има и бонбона со марципан и со рум, така знаеме дека и повеќето бебиња многу спијат и многу плачат. Но, ако никој не нè предупредил на бонбониера со чили или бибер, нема да ја очекуваме, како што никогаш не би ги очекувале ни некои од чудните работи што ги прават новороденчињата, а се резултат на вроден рефлекс.

Моро-рефлекс, еден од најкомплексните и најважните

Бебињата, објаснуваат неонаталозите, се раѓаат со силни рефлекси кои им помагаат да се приспособат на новата средина и да одговорат на сите изненадувања со кои се среќаваат. Некои од нив, како што се рефлексот на барање на дојката со усните и рефлексот за цицање, бебето може да ги покаже во првите минути и часови од животот, бидејќи само што ќе го стават на градите од мајката, инстинктивно ќе ја сврти главата кон изворот на допирот, а ако успее да дојде до дојката, инстинктивно и ќе почне да цица. Во првиот момент, знаат сите мајки,  ќе се јави рефлекс за стискање со дланката за дофаќање некој предмет, но ќе се јави и Моро-рефлексот, еден од најкомплексните и најважните, кој исчезнува по три-четири месеци.

На раѓањето тој му го овозможува на бебето оној прв најважен здив, а потоа служи за спречување на синдромот на изненадна смрт кај новороденчето. Тој ќе го натера бебето, ако се нурне со лицето во подлогата, да ја крене главата и да ги ослободи дишните патишта. Се јавува и кога на детето изненадно ќе му се изгуби површината под нозете или кога за време на интензивни светлосни или звучни дразби ќе ги рашири прстите и рацете и ќе се обиде да дофати што било за да го спречи „паѓањето/пропаѓањето“, а најизразен е кога бебето го спуштате во креветче.

Доколку тоа ви го отежнува успивањето или го нарушува сонот на бебето, што не е малку невообичаено, пробајте ги следните трикови:

Кога го спуштате, бебето држете го цврсто кон себе колку што е можно подолго. Тоа значи дека треба да се свиткате повеќе за да го одвоите бебето од себе дури во моментот кога со грбот ќе го допре душекот. Во тој случај нема да има впечаток дека пропаѓа, па нема да се исплаши. Од помош може да биде и цврстиот повој, односно цврстото замотување на бебето во тенка ткаенина со рацете испружени покрај телото и со испружени нозе, па така нема да може да мрда со нив. Така „стиснато“ бебето ќе има чувство дека е во матката, на сигурно, па нема да се плаши од пропаѓање, а ниту од сопствените екстремитети, кои се мрдаат околу него.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top