Целта на зајакнувањето е да го научиме детето да се снаоѓа и кога родителите не се до него. Но, знаеме ли што точно значи тоа и како да го реализираме?

За детето да израсне во самостојна и способна возрасна личност, која знае да ги користи сопствените сили, која може да се носи со неуспесите и чувствува дека може да влијае врз луѓето и врз светот околу себе, важно е да се зајакнува во текот на растењето. Зајакнувањето се однесува на создавање можности детето да се чувствува способно да носи одлуки, самостојно да ги извршува активностите и критички да размислува, со што родителите покажуваат доверба во него и ја зајакнуваат неговата самодоверба и самопочит. Тоа не значи дека на детето треба да му се дозволи самостојно да ги носи одлуките што треба да ги носат возрасните. На детето и тоа како му е потребна родителска поддршка и водство. И токму тоа е клучната улога на родителите.

Како се зајакнуваат децата?

Со развивање самостојност кај децата

За да се развијат самостојност и одговорност, важно е детето да се поттикнува на самостојно извршување на активностите, водејќи сметка за неговата возраст, развојната фаза и можности. Кога детето е мало, тоа значи поттикнување на самостојно хранење, облекување, средување на играчките. За дете на школска возраст тоа вклучува пишување домашни задачи, извршување одредени домашни обврски, избор на слободни активности и друго. Кога детето ќе успее самото да направи нешто, ќе се чувствува способно и успешно.

Дозволување децата да погрешат

Понекогаш родителите сакаат да ги заштитат своите деца од неуспех, па сакајќи да им помогнат, го преземаат извршувањето на активностите штом тие ќе погрешат. И така – ќе пишуваат домашни задачи, ќе му го подготвуваат училишниот ранец, ќе стојат покрај тобоганот и ќе го предупредуваат – „внимавај, ќе паднеш!“… На тој начин децата добиваат порака дека не им е дозволено да погрешат и лесно се откажуваат ако нешто не им оди од рака бидејќи не стекнале искуство да истраат кога ќе наидат на некаква пречка. Правејќи грешки, детето може да ги почувствува природните последици од своето однесување, па во идни ситуации ќе може поодговорно да постапува. Улогата на родителите е да му помогнат на детето да научи нешто од своите грешки и да се прифати себеси како несовршена личност која може и да погреши.

Со поттикнување критичко мислење кај децата

Родителите често ги учат децата да бидат пристојни и послушни. Но, важно е со децата да разговараме дека во ситуации кои не им се пријатни или се опасни, во ред е да бидат непристојни и дека е важно што побрзо да излезат од таквата ситуација. Разговарајте со децата за хипотетичко-загрозувачки ситуации кои можат да се случат и што тие можат да направат. На пример, можете да ги прашате што би направиле ако непознато лице им каже дека треба да ги одведе дома, па поттикнете ги самите да дојдат до можни одговори, на пример, да кажат „не“ и покрај инсистирањето, да ги повикаат родителите, да побараат помош…

Со пофалби

Пофалбите ја зајакнуваат детската самодоверба. Корисно е пофалбите да се специфични, па така наместо воопштеното „браво!“, можете да кажете: „Ми се допадна како почека да го завршам разговорот за да ми поставиш прашање“. Потребно е пофалбите да се реални и искрени. Ако на децата им кажуваме дека се „најпаметни, најубави, дека можат да направат сè што ќе посакаат“ ја јакнеме нивната самодоверба, но може да се случи детето да создаде нереална слика за себе, да очекува и другите така да мислат за него, па потоа може и да изгуби доверба во она што вие му го кажувате. Конечно, важно е да се пофали трудот на детето, обидот нешто да направи, а не само крајниот резултат.

Со поставување граници

Поставувањето граници се однесува на јасниот став на родителите дека нема да исполнат некоја желба (а не потреба) на детето и дека нема да толерираат некакво однесување. Со поставувањето граници децата учат дека не можат да добијат сè што ќе посакаат, со што учат и како да се носат со фрустрациите. За ова е клучна доследноста на родителите. Тие и натаму треба да бидат покрај децата и трпеливо да им објаснат зошто не можат да го добијат посакуваното. Така детето се учи да ги препознава работите што не може да ги промени, нема да „експлодира“ кога нешто нема да му оди од рака и учи да прифаќа дека нема секогаш да биде по негово. Исто така, децата учат од примери, па со поставувањето граници тие учат како да постават свои лични граници кон другите, како и да ги почитуваат туѓите граници.

Текст: Ивана Лукичевиќ

 



912

X