Од својата втора година децата почнуваат да ги имитираат активностите на своите родители, како што се метење на подот, миење на автомобилот, разговарање на телефон и слично, а тоа најчесто може да се забележи во нивната игра со другите деца. Така девојчињата во играта ќе ја имитираат улогата на мајката – ќе играат готвење, ќе се грижат за бебе или ќе се „шминкаат“. Момчињата ќе ја имитираат улогата на таткото – ќе глумат утринско станување од креветот проследено со проѕевање, ќе се подготвуваат за на работа или со алати ќе ги поправаат предметите низ домот.

Зошто децата имитираат?

Децата ги имитираат своите родители или постарите браќа и сестри бидејќи тие им се примери и сакаат да бидат како нив кога ќе пораснат. Во детскиот свет мајката и таткото се најдобрите и најпаметните лица на светот. Имитирајќи ги, учат како да се однесуваат кон луѓето и другите членови од семејството, како да разговараат, да усвојат некои говорни вештини и правила на однесување во домот. Имитирањето не е само детска игра, туку е и процес на формирање на детскиот идентитет.

Секогаш пофалете го доброто однесување

Имитирањето е начин на кој децата учат и не би требало да ги спречувате во тоа. Ако детето имитира нешто лошо што сте го направиле, подобро размислете за тоа и подобрете го вашето однесување. Потоа обидете се на детето да му објасните дека тоа не е однесување за пример, а неговата доверба ќе ја стекнете ако таквото однесување не го повторите. Кога детето ќе ги имитира добрите особини, задолжително е да го пофалите и да му дадете до знаење дека сте горди, па така ќе ја изградите неговата самодоверба.

Децата не можат да препознаат опасности како возрасните, а тоа е ризично кога се обидуваат да имитираат возрасни, на пример, во готвење. Погрижете се сигурноста да е приоритет, а одвлекувањето на вниманието користете го како најсилна алатка за контрола на детското однесување. За детето да се спречи во имитирањето на неприфатливото однесување, потребно е да му го насочите вниманието на други активности во кои може да бидат вклучени и  родителите.

Најдобриот подарок што можете да му го дадете на своето дете е времето поминато со него. Играјте и така научете го за границите на забавата, цртајте и научете го на креативно размислување, собирајте сликички и научете го на рутина и одговорност. Со нив детето може да фантазира да стане фудбалер, пожарникар, астронаут или музичар, а дополнителна креативност може да биде лепење на сликичките по омилените тетратки или предмети.

Телевизорот не е добар одвлекувач на вниманието

Според препораките на Американската педијатриска академија, децата помлади од 18 месеци не би требало да ги користат медиумите бидејќи истражувањата покажуваат дека тоа го забавува нивниот когнитивен развој, вклучувајќи го и развојот на вокабуларот и јазичните вештини. Децата од претшколска возраст не би требало да ги користат медиумите повеќе од еден час дневно, а родителите би требало со децата да ги гледаат и коментираат содржините. Така, телевизорот не е целосно забранет, туку треба да се одберат квалитетни и едукативни содржини наменети исклучиво за деца.

Вие сте првиот учител на своето дете, но и вашето дете ви е учител вам. Тоа ве поттикнува да бидете подобра личност и промислено да донесувате одлуки, а детето за возврат само ќе ги усвои таквите особини. Ако родителот сака трпеливо дете, мора и самиот да биде трпелив. Домот е исто така првата училница на детето, па треба да биде полна со забавни и едукативни содржини во кои и самите ќе бидете вклучени.



912

X