Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 2 години и 5 месеци. Не зборува многу, освен 10-ина збора како мама, маче, чао… Но, од друга страна, нонстоп кажува зборови што не ги разбираме и ништо не значат, а и постојано е насмеан, весел и темпераментен, скока, трча се качува насекаде… Сака компјутери и ги знае песните што му ги пуштам, но многу ретко одговара на сопственото име и ретко кога извршува задачи. Нема многу внимание кога се обидувам да играм со него или кога именувам предмети или делови од човечкото тело. Со играчки или коцки игра, но не со големо внимание, повеќе сака да растура отколку да гради. Во градинка оди без проблем, но многу сум загрижена дали недостигот на говор и недоволно внимание кон опкружувањето се симптоми на аутизам?

ОДГОВОР: Развојната психологија поставува одредени развојни норми кои ја отсликуваат оваа возраст, а кои варираат од дете до дете во зависност од нивниот целокупен индивидуален развој. За да се утврдат таквите норми, се тестираат постигнувањата на детето на когнитивен, социјален, емоционален план, моторички, т.е. фина и груба моторика и развојот на говорот. На пример, во овој период детето треба да си го кажува своето има, колку години има, спонтано чкрта со молив или боица, само јаде, само држи чаша и пие, фаќа мали предмети меѓу врвот од показалецот и палецот итн.

Таквите норми, како што кажав, варираат од дете до дете, затоа е многу поважно вие да му обезбедите стимулативна и природна средина за неговиот развој. Тоа што сака компјутери ми укажува дека многу рано сте го вклучиле во светот на технологијата, која во овој период само ги блокира мозочните центри и го попречува нивниот адекватен развој, а воедно со тоа сте обезбедиле вештачка средина за раст и развој. За таа цел, потребни ви се природата и парковите, кои се незаменливи. Трчање, играње топка, па дури и во студени денови, не е забрането. Кога не сте во можност да излезете надвор, во природа или во парк, тогаш истите вештини вежбајте ги дома.

Ви предлагам неколку идеи: залепете по подот ситни играчки со цврст селотејп одозгора и барајте од него да ги бара и да ги одлепува, сокријте предмет за детето да го бара, спојте ги столовите во колона како воз и барајте од детето да се вовлекува под нив, залепете пајажина со самолеплив фластер на вратата и барајте од детето да се протнува низ неа, направете линија на подот и одете нога пред нога, користете јаже, хулахоп и сл. Играјте со баскет-балон. Вртете хулахоп. Тој е одличен за активирање на телото. Играјте криенка. Пуштете музика на мајчин јазик и правете фискултурни вежби. Сечете со ножички.

Целта е детето низ движење да мисли и да решава проблеми. На тој начин ќе се ослободи од акумулираната енергија создадена во текот на денот. Секако, би ве советувала доколку имате каква било причина за загриженост во врска со забавен или дисхармоничен развој навреме да се посоветувате со психолог, дефектолог или педијатар кој директно ќе го опсервира и ќе ги тестира развојните постигнувања на вашето дете со цел обезбедување објективно мислење.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X