Благодарение на честите посети на новите мајки, една бабица од Австралија ги забележала најчестите проблеми што ги мачат мајките и решила да сподели совети како да се надмине најпредизвикувачкиот период од родителството – првиот месец откако на свет ќе пристигне новороденчето.
Важно е да имате план
Многу мајки и татковци се толку зафатени со планирање на породувањето, што забораваат да направат план кога детето ќе дојде дома. И тогаш најчесто им е потребна поддршка. Затоа, направете план за вакви работи:
-ако бебето се храни со адаптирано млеко, кој ќе го храни навечер?
-ако доите, дали треба да го нахраните бебето и потоа да му го дадете на таткото или на доверлива личност за да се одморите?
-каков е вашиот генерален став за доаѓањето на роднините и пријателите веднаш по породувањето?
Пелените за новороденчиња, исто така, се одлична облога за градите
Кога ќе дојде вашето млеко, вашите гради може да се загреат. Земете пелена, истурете мала количина вода, оставете ја да се натопи и ставете ја во замрзнувач. Ставајте ја на градите по потреба. Освен што ќе ги лади градите, ќе го апсорбира и секое истекување на млекото.
Складирајте намирници пред да дојде бебето
Последното нешто што сакате да го направите откако вашето бебе ќе заспие навечер е да одите во продавница затоа што немате влошки или тоалетна хартија.
Патентите се спасители, копчињата не
Бебешките пижами со копчиња се многу слатки, но кога треба да ги менувате седум пати во текот на ноќта, тие одеднаш веќе не се толку слатки. Едноставно го повлекувате патентот нагоре и надолу, па пресоблекувањето со патент е многу полесно и поедноставно. Особено ако е ладно и треба само да му ги смените пелените на бебето.
Едуцирајте се за постпородилниот период
Ова звучи како клише, но многу е важно да бидете информирани што да очекувате пред, за време и по раѓањето. Една од работите за која е важно да се едуцирате е првата помош. Никогаш не знаете кога ќе ви треба и ако некогаш дојде тој ден, без разлика дали вашето дете ќе има пет дена, пет месеци или пет години, ќе бидете благодарни.
Резервна облека за мајката и бебето
Дали треба да посетите педијатар, да одите на важен семеен настан или нешто друго? Може да се случи бебето да подригне или да ви поврати на облеката веднаш по излегувањето од дома. Затоа, кога ќе спакувате резервни марамчиња и бебешка облека, спакувајте дополнителна маица и за себе.
Подготовка на оброк
Претходно подготвените замрзнати оброци ставени во фрижидер можат многу да помогнат. Би извадиле едно наутро и би го загреале за ручек. Хранливо, вкусно и бара минимален труд.
Набавете ноќна светилка
Ноќното осветлување во вашата соба ќе ви помогне да менувате пелени, да го пресоблечете или да го нахраните вашето бебе, во текот на ноќта без да мора да го вклучите светлото.
Контакт кожа на кожа
Поврзување, успешно доење, регулирање на температурата на новороденчето, регулирање на дишењето на новороденчето, посмирена мајка и бебе – сето тоа се придобивките доколку го ставите бебето на својата кожа. Ако се вратите дома и имате проблем со доењето, бебето е многу вознемирено, а вие сте преоптоварени, едноставно допрете ја бебешката кожа на вашата кожа и гледајте како се случува магија.
Никогаш не потценувајте ја моќта на топлата вода
Го нахранивте и го пресоблековте вашето бебе, и сега се обидувате да го заспиете, но бебето сè уште е вознемирено? Наполнете ја кадата со топла вода или туширајте го бебето со топла вода и тоа ќе се смири. Исто така, топол туш пред измолзување/хранење ќе ги отвори вашите млечни канали и ќе ви помогне да го зголемите снабдувањето со млеко.
Дозволете му и на вашиот партнер да се одмори од работа
Колку и да се силни, на секоја мајка ѝ е потребна поддршка и љубов по породувањето. Партнерот треба да е тука за мајката, но и тој е човек со обврски на кој повремено му треба пауза и одмор. Усогласете ги потребите со партнерот.
Општи правила: не посетувајте ги болните, мијте ги рацете и не бакнувајте го детето
Новороденчињата немаат ист имунолошки систем како постарите деца или возрасните. Нешто едноставно како обична настинка кај возрасен може да биде опасно за новороденчето. Воспоставувањето на овие правила помага да се заштити бебето од болести.
Не плашете се да кажете дека ви треба помош
Има луѓе околу вас кои се подготвени да го гледаат вашето бебе додека се туширате, да донесат храна, да ве проверуваат, да ве остават да плачете, да ве потсетуваат дека добро ја вршите работата… Заблагодарете им се и прифатете ја нивната помош. Но, има и такви кои уште повеќе ќе ви ја исцрпат енергијата при посетата. Затворете им ја вратата од вашиот дом некое време.
Одморот е важен дел од закрепнувањето
Ќе слушнете совет од типот: „Спиј кога спие бебето“, но понекогаш тоа едноставно не е можно. Одморот ви помага да закрепнете физички и психички, дури и ако тоа е само 20-минутна дремка или читање добра книга. Искрено, потребни биле 40 недели за да се формира ново суштество во вашиот стомак, како би можеле да „оздравите“ за само неколку дена?
912