Во текот на есента и зимата, кога е зголемена појавата на грип, настинки и кашлица, треба да се обрне внимание и на зачестената појава на вирусни гастроентеритиси, познати како стомачни вируси.
Вирусите се предизвикувачи на 30 до 40 проценти од инфективните дијареи во развиениот свет, што ги доведува вирусните гастроентеритиси на второто место од листата со најчести заболувања (веднаш зад инфекциите на горните органи за дишење). Патот за нивно пренесување е феко-орален (значи преку валкани раце и консумација на заразена вода и храна), но некои видови можат да се пренесат и на друг начин.

Ротавирусот е главен виновник за 65% од тешките дијареи во светот

Гастроентеритисот може да биде предизвикан од многу видови вируси, но некои од нив сепак преовладуваат.
Кај децата инфекциите најчесто се предизвикуваат од ротавирус, кој е главен виновник за дури 65 проценти од тешките дијареи во светот. Ротавирусните инфекции најчесто се јавуваат во зима, во подрачјата со умерена клима, и најголема зачестеност е во декември и во април.
Веднаш зад нив се наоѓаат аденовирусите и калицивирусите (особено норовирус), а сè позачестени се и инфекциите со астровируси.
Иако кај возрасните најчести се инфекциите со калицивирусите, не смее да се заборави на пренесувањето на ротавирусите кај лицата што се во близок контакт со заразеното дете. Имено, децата можат да го шират ротавирусот непосредно пред појавата на симптомите на болеста, за време на болеста и уште седум дена по завршувањето на болеста.

Од симптоми до дијагноза

Клиничката слика на вирусните гастроентеритиси може да се разликува од целосно асимптоматска инфекција, па сè до живото-загрозувачки дехидрации. Болеста типично се манифестира со краток период на благо покачена температура, мачнини и повраќања, непосредно пред да се појави воденеста дијареја (многу ретко со примеси од слуз или крв). Дијарејата во просек трае од 1 до 4 дена, иако траењето кај аденовирусните инфекции може да се продолжи и на две недели. Кај постарите деца повраќањето може да биде доминантен симптом на болеста.
Исто така, важно е да се разликуваат вирусните гастроентеритиси од дијареите што настануваат од други причини. На вирусна етиологија може да се посомневате кога повраќањето е силно изразено, кога периодот на инкубација е подолг од 14 часа и кога сите знаци на болеста се повлекуваат по три до четири дена. Важни епидемиолошки фактори што секако мора да се земат предвид се податоците за годишното време, патувањата, исхраната и контактите со деца, односно со други луѓе.
Висока температура, грчеви во стомакот и присуство на слуз и крв во изметот речиси секогаш се знак дека се работи за инфекција со бактерии или паразити.
Конечните докази за вирусни гастроентеритиси се поставуваат во лабораторија. Инфекциите со ротавирусите, аденовирусите и астровирусите можат брзо да се дијагностицираат со употреба на комерцијални тестови базирани на откривање вирусни антигени во изметот. Со културата од изметот се исклучуваат бактериските предизвикувачи на болеста, а често се прави и комплетна обработка на паразитите за да се елиминира и таа можност.

Што можеме да преземеме?

Антибиотиците во лекувањето на вирусните гастроентеритиси не се делотворни, а примената на антиеметици и антидијаретици никако не се препорачува.
Лекувањето на акутните гастроентеритиси е неспецифично и се темели на надоместување на течностите и електролитите (соли и минерали) изгубени со дијарејата и повраќањето. На тој начин се прави обид да се спречи дехидрацијата која би можела да доведе до тешки компликации како хиповолемичен шок.
Со оглед на тоа што ризикот од дехидрација е поголем кај доенчињата и малите деца, родителите мора внимателно да следат колку пати детето било по голема нужда.

Улогата на пробиотиците

Во последно време како помош за побрзо совладување на болеста некои стручњаци препорачуваат користење на пробиотици. Пробиотиците се непатогени, живи организми кои ако се дадат во доволна количина, имаат благопријатно дејство врз организмот.
Со своето дејство, тие помагаат во поправањето на изгубената рамнотежа во цревната микрофлора, па така својот благотворен учинок го искажуваат токму кај дијареите, но и кај други заболувања (алергии, констипации или инфекции на уринарниот систем).
Стручно-научен консензус е дека пробиотиците применети во активна терапија против акутна дијареја кај децата значително го намалуваат интензитетот на симптомите и го скратуваат траењето на гастроентеритисот за еден ден. Кај здрави лица и деца, пробиотиците се сметаат за безбедни и сигурни препарати, со многу мал број евентуални компликации. Освен тоа, голем број студии покажале дека пробиотиците можат да го зајакнат имунолошкиот систем, што како последица има спречување на пробив на патолошки микроорганизми. Некои студии го покажале и корисниот ефект при надоместувањето на цинкот.

Вакцини

Треба да се напомене дека во 2006 година Европската комисија одобрила вакцина против ротавируси, дозволувајќи активна вакцинација на доенчиња на возраст од 6 недели. Се работи за жива, течна вакцина која се применува перорално во три дози. На тој начин се намалил бројот на хоспитализации и најтешки форми на болеста. Развојот на вакцините за другите вируси на гастроентеритисот исто така е во завршна фаза.

Заклучок

Правилната хигиена и натаму е клучниот чекор во превенцијата од вирусни гастроентеритиси. Зачестеното миење раце и соодветна постапка при приготвување храна го спречуваат ширењето на повеќето заразни болести, а не само појавата на стомачни вируси.
Повеќето инфекции се решаваат спонтано, а за потешки форми на болеста треба да се обратите кај лекар (особено ако се појават симптоми на дехидрација и ако дијарејата е долготрајна и придружена со крвав измет).

 



912

X