Се размислува учебната година да трае од 1 септември до 10 јуни, но зимскиот распуст за основците и за средношколците да биде од ноември до февруари. Ако се скратени наставните програми, ќе имаат поголеми распусти во текот на годината. Идејата е кога ќе има ризик од криза, децата да одат на распуст, а потоа пак да се вратат на училиште и да учат по скратена програма
Како е најпаметно, а истовремено и најбезбедно да функционира воспитно-образовниот процес од 1 септември? Образовните власти размислуваат за неколку сценарија, а што ќе биде применето, зависи од тогашната актуелна епидемиолошка слика. Ковид-19 комплетно ги промени условите и начинот на учење, а коронавирусот е причина да се види каков тип на учење е најдобро решение и како е најбезбедно во однос на заштитата на децата.
Како што дознава „Деца.мк“, Бирото за развој на образованието подготвило документ кој сега е во Министерството за образование и наука, а содржи попрецизни детали во однос на наставните програми, времетраењето на учебната година, како и времетраењето на зимскиот распуст – период кога е најголем ризикот од ширење на инфекции. Што од него ќе се прифати, ќе зависи од актуелната состојба.
Според нашите извори, ако биде одлучено наставата да е традиционална, тогаш учебната година ќе трае како и досега, регуларни 180 работни дена.
Можно е само децата од прво до петто да одат на училиште
Дознаваме дека освен традиционалниот модел, има можност наставата да е исто така традиционална, но да трае 100 дена, а онлајн-делот да е само дополнување, со цел да се реализира наставната програма.
– Ако наставата е целосно онлајн, тогаш учебната година ќе трае исто како и во случај да е традиционална – 180 дена. Има варијанта и децата од прво до петто одделение да одат на училиште со физичко присуство, за разлика од другите, кои не би оделе – велат нашите извори.
Веќе се скратени наставните програми
Наставните програми се веќе скратени и како такви се подготвени за реализација, а кратењето е предвидено и со новиот Закон за основно образование, велат нашите извори. Имено, во членот 50 став 6 стои: „Воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што одлучува министерот и го утврдува организирањето на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни дена, врз основа на скратени наставни програми, изготвени од Бирото, а донесени од министерот“.
Распуст од ноември до февруари
Учебната година ќе трае од 1 септември до 10 јуни, но можно е зимскиот распуст за основците и за средношколците да трае од ноември до февруари, доколку тоа го налага состојбата со вирусот.
– Ако се скратени наставните програми, ќе имаат поголеми распусти во текот на годината. Идејата е кога ќе има ризик од криза, децата да одат на распуст, а потоа пак да се вратат на училиште и да учат по скратена програма. Но, треба да се има предвид дека скратените програми се направени само да се користат во случај ако се одлучи учебната година да трае 100 наместо 180. Која опција ќе се прифати, ќе видиме допрва – ни објаснува изворот.
Советниците во Бирото за развој на образованието ги крателе програмите врз основа на модел кој им бил даден, односно имале водич согласно кој е кратен материјал и се спојувани наставни содржини. Тие би биле објавени во август за да можат наставниците да ги применуваат од следната учебна година.
912