Поставувањето квалитетни граници е темел на развојот на самосвесно и задоволно дете. Најголема препрека на тој пат во родителството се стравовите, длабоко вкоренети блокатори на опуштеното и интуитивно родителство. Како да ги препознаете, во кои реакции се уочуваат и како да ги победите, советува д-р Шефали Цабари, клинички психолог и авторка на светскиот бестселер „Освестено семејство“.

Животот не смее да биде несреќен

Многумина растат во дом каде што постои голема загриженост поради тагата. Наместо периодите кога сме несреќни да ги набљудуваме како природен дел од човековото искуство, ние се чувствуваме виновни и потиштени. Се лажеме дека животот не смее да биде несреќен. Кога ќе се потпреме на искуствата што нè прават несреќни, ги учиме своите деца да се плашат не само од своите природни човечки чувства, туку и од животните успеси и падови. Така децата растат во уверување дека никако не е пожелно да се чувствуваат несреќно.

Не можам ни да набројам колку пати сум чула како родителите му велат на своето дете: „О, па ти си тажен. Можеби еден кекс би ти помогнал?“ Кога ќе ги прашам родителите како ја поврзале тагата со храната, ме гледаат и ми велат: „Зар врската помеѓу храната и тагата не е очигледна?“ Начинот на кој храната ја користиме за намалување на болката, така ги користиме и цигарите, алкохолот, дрогата, телевизијата, па дури и телесните вежби за да го намалиме чувството на тага. Ако децата ги тргаме од прифаќањето на оние моменти кога не се среќни како нешто природно, тогаш тие се одвојуваат од реалните животни доживувања. Веруваме дека ги штитиме од болка, но всушност ги лишуваме од можноста да ја градат сопствената отпорност.

Кога дури во страв ќе ја предвидиме несреќата, тоа ја спречува нашата способност да им помогнеме на нашите деца во нивниот емотивен раст и развој и тоа на следните начини:

– Се обидуваме да ги развеселиме кога ни изгледаат тажно и веднаш се обидуваме да го решиме проблемот.
– Ги прекоруваме кога се ранливи.
– Не покажуваме сочувство кога нивните чувства и нам ни предизвикуваат непријатност.
– Не ги учиме децата како да се носат со болката, туку само како да ја избегнуваат.

Децата учат да ја закопаат тагата и носат маски

Во непрекинатото бегство од својот страв од несреќа, а со тоа и страв од неуспех, таквите лица често се најнесреќни од сите. Иако тоа е ставено под маска, тие се крајно тажни и своите денови ги исполнуваат со секојдневни активности за да не се соочат со чувството на одвоеност од себеси. Кога конечно ќе бидат присилени да се соочат со она што цел живот го избегнувале, светот се руши околу нив. Децата често носат маски за да ги усреќат своите родители. Потоа често ги изразуваат своите вистински чувства во облик на телесна тегоба, како што е мигрената, болки во стомакот или увото, или пак почнуваат да редат слаби оценки на училиште. Парадоксално е што таквиот нездрав начин на изразување на болка само ја зголемува маката на детето.

Од страв до освестување

Во моментот кога ќе сфатиме дека стравот неретко го условува нашето однесување кон децата и кога ќе го препознаеме својот „емоционален чип“ кој сме го наследиле од сопственото семејство, се отвора простор за освестено дејствување и учење како поинаку да се носите со предизвиците на родителството.

Наместо да се стремиме кон искуства во кои нема страв, храбро ги прифаќаме сите ситуации во кои ќе се затекнеме, знаејќи дека сме психички доволно силни да се носиме со стравот предизвикан од таквите ситуации, бидејќи на тој начин веќе не се плашиме од стравот, туку почнуваме да го гледаме како сојузник за поттикнување поголема радост и исполнетост.

Универзумот не се дели повеќе на задоволство и недостиг на задоволство, на стравување и непостоење на страв, туку е интегриран во целосно искуство кое се мери со тоа колку длабоко сме свесни, колку растеме и колку сме во допир со своето срце.

Автор: д-р Шефали Цабари, клинички психолог



912

X