Најпосле, вашиот тинејџер веројатно ќе добие смартфон. Но тоа не мора да значи дека е крај за сè друго.

За родителите, одредени избори во врска со смартфонот и социјалните мрежи можат да бидат и премногу. Најпосле, вашиот тинејџер веројатно ќе добие смартфон. Но тоа не мора да значи дека е крај за сè друго. Пред да му го дадете телефонот на детето, инсталирајте апликација која го ограничува времето што може да го помине на него. Постојат повеќе апликации кои го прават истото, а секојдневно се презентираат нови. Во моментов достапни се неколку и не чинат повеќе од неколку долари месечно. Апликациите можат да го ограничат и времето за поминување на одредени страници, дури и целосно да го исклучат телефонот. Полесно е да им се даде телефон на тинејџерите, па да се види дали се одговорни, но подобро е прво да се инсталираат сите елементи за контрола пред тие да го променат кодот или да станат зависни од социјалните мрежи. Тоа се случува премногу лесно – прашајте ги повеќето возрасни кои како и тинејџерите се речиси зависни од телефонот. Одредувањето граници е елегантно решение затоа што тинејџерите и натаму ќе можат да се информираат за случувањата и да комуницираат со другарите, а телефонот нема да стане центар на нивниот интерес.

Уште едно златно правило: никој, вклучително и возрасните, не би смеел да спие со телефон во близина. Многумина од АИ-генерацијата, како и милениумците, ми рекоа дека речиси секогаш го држат телефонот вклучен во текот на ноќта и дека цела ноќ ги будат известувањата и ѕвонењето. Некои ми рекоа дека го стишуваат телефонот преку ноќ, но сепак посегнуваат по него кога не можат да спијат, па дури и во текот на ноќта. Тоа не е вистински рецепт за добар сон. Не е во прашање само стимулацијата од страна на телефонот, туку и светлината што ја емитува: нашите мозоци, кои еволуирале во однос на мозокот на пештерскиот човек, ја интерпретираат таа светлина како сончева и го редуцираат производството на хормонот кој овозможува сон – меланинот – и така уште повеќе ни го отежнуваат спиењето.

Што ако го користите телефонот како будилник, како што прави секоја млада возрасна личност и секој тинејџер со кој разговарав? Одговорот е едноставен: купете евтин будилник. Тогаш вашиот телефон со целиот стимулативен материјал и светлината што ве буди може да се остави на другиот крај од собата кога одите на спиење.

Да претпоставиме дека вашиот тинејџер сака да креира свој профил на социјалните мрежи. Доколку сакате да му го ограничите пристапот на само еден, кој би го избрале? Според повеќето стручњаци, „Снепчет“. Прво, повеќето тинејџери со другарите споделуваат снепови кои исчезнуваат за неколку секунди. Нив ги споделуваат само со одредени пријатели и прво мора да изберат што точно сакаат да пратат некому. На тој начин, тоа што го споделуваат не е изложено на погледи и коментари на пошироката публика, која би можела да става лајкови (или не), што е начин на кој функционираат „Инстаграм“, „Твитер“ и „Фејсбук“. И ако некој посака да сподели нешто со поширок аудиториум, тоа може да го стави во „Снепстори“. Дури и тогаш „Снепстори“ трае само 24 часа.
Апликациите за социјалните мрежи се менуваат толку брзо што овие информации можеби ќе бидат застарени кога ќе го читате текстот. Сепак, ќе важи генералниот совет: изберете платформи кои овозможуваат кратки, поединечни објави, а не такви што бараат трајни, групни објави. Објавите наменети за поголем аудиториум охрабруваат внимателен избор и присопосбување на фотографиите, односно правење педесетина снимки за да се добие селфи што ќе им одговара, внимателно размислување како да се состави објава само за да се добијат лајкови. Ова е доволно проблематично и за возрасните, а кај тинејџерите може да биде уште полошо. Исто така, „Снепчет“ не им дозволува на корисниците да бараат одредени содржини, што значи дека тинејџерите имаат помали шанси да наидат на несоодветни материјали. Новите апликации за „лајв чилинг“, како што е „Хаузпарти“, исто така можат да бидат корисни – тоа во основа е видеочет за три или повеќе лица, кој на тинејџерите им овозможува да се гледаат додека разговараат. Тоа не е баш непосредна комуникација, но е поблиску до тоа отколку повеќето социјални медиуми.

Сите ние, и тинејџерите и возрасните, треба да се трудиме да го оставаме телефонот кога сме во друштво со некого. Некои пријатели установиле корисно правило: кога заедно ручаат или вечераат, сите ги стишуваат телефоните и ги оставаат со екранот надолу на средината на масата. Кој прв ќе посегне по телефонот, ја плаќа сметката. Сметам дека тоа може да биде одлично правило и за возрасните…

Способноста да се остави смартфонот исто така е од круцијална важност за студирањето и работата. Човечкиот мозок не може толку да го дели вниманието. Можеме да го сосредоточиме вниманието на само една когнитивна задача во еден момент. Доколку се обидеме да работиме две работи кои го бараат нашето свесно внимание, мора да го насочуваме час кон едната час кон другата работа, што одзема време.

Марк, кој студира информациски технологии, се согласува дека доколку сакате да се фокусирате на материјалот, не може да го делите вниманието. Неговата техника е да учи приближно дваесетина минути, а потоа, „без оглед што работам, правам пауза од пет минути. Ги проверувам ФБ, Инстаграм, Твитер. Потоа ми се вклучува другиот аларм и вели: ‘Внимавај, време е да се вратиш на работата’“. Малку би го усовршила планот на Марк – ако ви оди работата или учењето, не прекинувајте по дваесет минути. Почекајте додека не почувствувате дека ви попушта вниманието или дека сте уморни, максимум 45 минути, а потоа направете пауза. Но, неговото правило за петте минути за другите работи е добро. Тоа би требало да ве спречи подлабоко да забраздите во дивината на социјалните мрежи… Поентата е во тоа што ако се обидувате да работите или учите, оставете го телефонот подалеку од себе и држете се подалеку од „Гугл“ и електронската пошта што можете подолго. Тие се најлесниот начин да ви помине целиот ден за на крајот да сфатите дека ништо не сте направиле.

Сè на сè, клучот е во умереноста, и за тинејџерите и за возрасните… Не спијте со телефонот и не ставајте свои разголени фотографии на него. Тој не ви е љубовник. Не насочувајте го постојано вниманието кон него кога сте во друштво со некого. Тој не ви е најдобриот пријател.

Текст: д-р Џин Твенги, автор на книгата „Интернет генерација“

 



912

X