Една година живеев заедно со моите колешки и со децата и лицата од Специјалниот завод – Демир Капија. Тие можат да ве направат само попозитивна личност. Многу љубов, многу искрени насмевки може да добиеме од лицата со попреченост, а можат да ни покажат кои се вистинските вредности во животот на еден човек. Предрасудите ќе ги промениме само ние, родителите, кои ги воспитуваме нашите малолетни деца, вели дефектологот д-р Јасмина Трошанска

Со протест жителите на неготинското село Тимјаник се кренаа против тоа во нивна близина да бидат сместени деца со попреченост. Разубедувањето не ѝ појде од рака и на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Загрижените мештани покажаа дека имаат купишта предрасуди и неточни информации поврзани со децата и луѓето со попреченост.
Со д-р Трошанска, претседателка на Здружението „Сина светулка“ од Скопје, разговараме за тоа зошто ни се случи Тимјаник, како да не се повтори, како полесно да ги прифатиме оние што се дел од нас, децата и луѓето со попреченост, што може да научиме од нив…

Што мислите, зошто ни се случи реакцијата на населението во Тимјаник?

– Искрено, верувам дека станува збор за недоразбирање кое набрзо ќе се разреши. Пред почетокот на вакви проекти секогаш треба да се предвиди простор за сензибилизирање на населението. Верувам дека такво нешто е сторено бидејќи сериозни организации го спроведуваат овој проект. За жал, сè уште живееме во средина во која не се почитуваат правата, особено во помалите средини. Според природата на развојот на процесот на инклузивност и менување на свеста на луѓето, општеството е зрело за прифаќање на лицата со попреченост и ќе ги вложи сите свои ресурси во нивна полза само откако ќе се случи остварување на правата на меѓуетничките заедници и половата рамноправност. Кај нас сето тоа се обидуваме да го доведеме до некое ниво, но тешко оди. Свеста не се менува така лесно. Во оваа ситуација луѓето треба да тргнат од човечноста во себе и да постапат со многу емпатија, односно „да се стават во чевлите на лицата со попреченост“ и да постапат онака како што би сакале некој со нив да постапи доколку би биле лица со попреченост.

Што треба да се прави и како да се работи со луѓето за да се променат ваквите состојби и да се надминат предрасудите?

– Лицата со попреченост треба да бидат постојано помеѓу нас со цел да го усовршиме нашето чувство за помош кон послабиот. Има една изрека на Марија Монтесори: „Патот по кој се јакнат слабите е пат по кој се усовршуваат јаките“. Не треба да правиме разлики помеѓу луѓето.
Од секого можеме да „добиеме“ по нешто. Од лицата со попреченост можеме да добиеме многу љубов, многу искрени насмевки, можат да ни покажат кои се вистинските вредности во животот на еден човек. Предрасудите ќе ги промениме само ние, родителите, кои ги воспитуваме нашите малолетни деца. На децата треба да им укажеме на лошите постапки и да им покажеме како треба и како не треба да се однесуваме. Ситуацијата што во моментов е главна тема по сите медиуми и социјални мрежи треба да ја осудиме и да не ѝ посветуваме внимание. Вниманието треба да го насочиме само кон позитивните аспекти на отварањето и животот во малите групни домови. Медиумите да спроведат повеќе кампањи за лицата со попреченост кои ќе допрат и во најмалите средини. Исто така, потребна е едукација на населението. Лицата со попреченост се во сите сфери на општественото живеење. Преку едукативни семинари за луѓето од различна професија тие ќе можат да „откријат“ како да придонесат за откривање и искористување на потенцијалите на лице со попреченост во рамките на одредена професија. Или, пак, како од свој професионален домен да помогнат за надминување на стереотипите и предрасудите.
Доколку ваквата ситуација има друга заднина, доколку се кријат други интереси зад сета ова ситуација, нека им е на чест и совест на тие што ги создаваат ваквите состојби. Тоа не заслужува никаков коментар.

Како треба да се однесуваме со децата и луѓето со попреченост?

– Својот професионален ангажман го започнав како дефектолог на проектот за деинституционализација во далечната 2003 година. Една година живеев заедно со моите колешки и со децата и лицата од Демир Капија. Тие можат да ве направат само попозитивна личност. Како што и претходно напоменав, со нив треба да се однесуваме со многу емпатија. Секој од нас може да стане лице со попреченост, секој од нас може во семејството да има лице со попреченост. Не е потребно да ги сожалуваме, ниту пак да правиме работи наместо нив, туку треба да ги гледаме како личности кои се на одредена возраст и со нив да се однесуваме како да немаат попреченост. Доколку е потребно, треба да ги отстраниме бариерите за тие да можат активно да се вклучат во општеството со максимум од капацитетите што ги имаат. Потребно е да ги разбереме, понекогаш поради попреченоста, тие можат да пројават одредено однесување. Поради тоа што сакаат да кажат нешто, а не можат, тие можат да бидат депресивни, фрустрирани, нервозни, тажни… Особено со децата, со нив треба многу трпение, љубов и позитивна енергија, исто како и со секое дете што нема попреченост. Децата со попреченост треба да ги подготвиме да живеат самостојно и да придонесуваат во општеството.

Како поединци, како можеме да им помогнеме, а како може да помогне општеството?

– Од ситуацијата што ја гледаме треба да извлечеме поука. Општеството ќе се грижи доколку поединците се грижат. Сите ние заедно го претставуваме нашето општество. Тргнати сме на добар пат, државата веќе презема одлични активности и не треба толку внимание да им се посветува на негативните реакции. Напредокот на едно општество се мери според неговата грижа кон ранливите категории, според овозможување хумани услови за децата со попреченост, според искористување на капацитетите на лицата со попреченост итн. Во иднина, потребно е многу да работиме сите заедно на нашиот развој и промена на свеста. Само така ќе се движиме во нагорна линија и ќе овозможиме подобра иднина за сите деца!

Кои се децата со попреченост?

– Деца кои поради одредена попреченост, имаат потреба од дополнителна помош и поддршка. Овие деца можат да имаат мали тешкотии во учењето, психијатриски нарушувања, интелектуални тешкотии, тешкотии во движењето, нарушување на сетилата, проблеми во однесувањето, хронични болести итн.
Кога се зборува за децата со попреченост, секогаш треба да се зборува прво за детето, а потоа за попреченоста бидејќи и тие се деца и поминуваат низ истите фази во животот како и секое дете, имаат детски желби, интереси, однесување и темперамент. Честопати кај нас премногу внимание ѝ се посветува на попреченоста и се заборава на детето што бара внимание, нежност и многу љубов за да израсне во зрела личност која ќе придонесува во општеството во рамките на своите потенцијали.

Наташа Бошковска-Златкова
Милена Атанасоска-Манасиева



912

X