Големо истражување објавено минатиот месец откри докази за дискриминација врз основа на плодноста при вработување во три различни земји: Германија, Швајцарија и Австрија. Истражувањето открило дека мажените жена што немаат деца имале помала веројатност да бидат вработени на работни места со скратено работно време отколку постарите, омажени жени со постари деца, бидејќи работодавците сметаат дека овие жени имаат потенцијален ризик за бременост.

Во основа, има помала веројатност работодавците да вработат жена ако сметаат дека таа допрва треба да формира семејство.

Истражувачите откриле дека кога станува збор за аплицирање за работни места со скратено работно време, жените што имаат две деца на училишна возраст имаат најголема веројатност да бидат викнати на интервју, додека мажените жени што немаат деца имаат најниски стапки за јавување и интервју.

Иако истражувањето било фокусирано на земји каде што се зборувал германскиот јазик, проблемот секако постои и кај другите нации.

Така, на пример, анкета спроведена во Велика Британија открила дека 28 отсто од работодавците нема да ги земат предвид за работа жените што неодамна стапиле во брак или за кои сметале дека наскоро ќе формираат семејство.

Во САД, Комисијата за еднакви можности за вработување наведува дека иако официјално на работодавците не им е дозволено да ги дискриминираат жените врз основа на тоа дали може да забременат или имаат намера да забременат, неофицијално некои работодавци признаваат дека не вработуваат жени поради уочениот ризик од бременост, исто како и работодавците во неодамнешно европско истражување.

Истражувачите биле изненадени кога откриле дека потенцијалната плодност им штети на кандидатките дури и кога аплицираат за работа што се смета дека има позитивно мислење кон семејството. Работата со скратено работно време е привлечна за родителите и за оние што сакаат да станат родители, но и за луѓето што немаат деца.

Според истражувачите од Универзитетот „Пердју“, сè повеќе и повеќе работници денес очајно бараат одржлива кариера преку професии со скратено работно време и намалени работни обврски кои и понатаму ќе им овозможуваат да се движат напред во својата кариера, но нема да поминуваат 40 или повеќе часа на работното место.

Џордан Џејсон е меѓу професионалците на кои им ја намалиле платата во замена за помалку работа, а мотив за тоа ѝ биле децата. Џејсон е професионалец за дигитални медиуми во Њујорк и објаснува дека доброволно се согласила да зема 20 отсто помала плата за да може да работи четири дена во неделата, откако се вратила од породилното отсуство.

За жал, иако ѝ била намалена платата за 20 отсто, нејзиниот обем на работа не бил.

– Не се промени мојата работна етика. Често имам телефонски повици или состаноци во текот на петтиот ден, кој всушност ми е неработен, доколку има нешто важно – вели таа.

Истражувачите од „Пердју“ велат дека поголемиот дел од времето вработените како неа работат исто како работниците со полно работно време, а извештајот од мултинационалната компанија „Ернст и Јанг“ заклучува дека жените со скратено работно време се најпродуктивните членови на работната сила.

Жените како Џејсон се вредни работници, понекогаш дури и на нивна штета. Друго неодамнешно истражување откри дека мајките што работат со скратено работно време имаат просечно 20 минути неплатени за прекувремена работа неделно. Тоа е лошо за мајките како Џејсон, но добар знак за работодавците. Овие жени се продуктивни и лојални. Штета што работодавците ја испуштаат можноста да ангажираат вредни, ефикасни вработени затоа што тие еден ден можеби ќе имаат бебе.

Автор: Хедер Марку



912

X