Вчера пристигнав во училиште и наидов на неопислив метеж пред и низ целата улица. Бидејќи моите реакции, како и кај сите просветни работници, се обучени за итни и вонредни ситуации, веднаш помислив дека се случило такво нешто. Го паркирав автомобилот на соседната улица, стигнав до училиштето пеш, едвај поминувајќи низ тесниот тротоар. И дури тогаш разбрав: причината за алармот е дождот. Многу родители се таму бидејќи децата не смеат да накиснат. Само да напоменам дека дождот беше прилично слаб.

Овој настан беше само порта кон она што ми се наметна како целодневна тема. Ми беше жал за децата.

Но, ајде да одиме по ред.

Сè почесто слушаме како нашите деца се разгалени, несамостојни, неспособни за живот, остануваат со родителите до доцните триесетти години, а психички уште подолго, не учат доволно… и така натаму. Подготвени сме да ги обвиниме сите за тоа. Од војните во деведесеттите, сиромаштијата, политиката, училишните програми и сè воопшто, но целосно се забораваме себеси, затоа што сме убедени дека сме им најдобри пријатели на нашите деца, дека правиме сè што е добро за нивна благосостојба и во суштина, преку нив ги отстрануваме нашите сопствени дамки, ги лекуваме личните фрустрации. Родителите денес западнаа во мрачен ќор-сокак на искривени огледала и бизарни верувања, каде што паѓаат на нос од работа, обврски, посветеност, а најчесто лудо отфрлаат сè.

Родителите работат многу. На детето треба да му се обезбеди сè. За цена не се прашува. Доаѓаат доцна дома и слободното време им го посветуваат на децата, читаат дека тоа време треба да биде активно и квалитетно, па остатокот од домашната работа го завршуваат навечер. Детето нема поим дека во домот се готви, поправа, чисти. Детето го преспива тоа. Во текот на будните часови, тоа е центар на вниманието, играта, заедничкото учење или, пак, добило електронска играчка.

Родителите избираат градинка и училиште бескрајно распрашувајќи се за секој детаљ бидејќи нема да дозволат никаков неуспех во образованието на идниот гениј, каков што детето мора да биде. Откако ќе почне со наставата, го следат, му ја носат чантата до петто одделение и задолжително членуваат во неколку вибер-групи каде што детално се разработуваат прашањата за сите секојдневни активности: од однесување, домашна работа, до тоа што кажало и направило детето. Информациите се вкрстуваат, бидејќи посветениот родител мора да го знае секој момент од животот на своето дете. Училиштето е многу тешко, програмите се премногу напорни, па до факултет ги учат сите лекции со децата, ги знаат сите прашања од тестовите, а понекогаш го вклучуваат и семејството, експерти за одредени области. На детето останува да ги презентира сите овие дела на училиште.

Во играта детето не смее да пропушти ниту една играчка. Доколку се скара со други деца, родителите се тука веднаш да ја делат правдата. Не смее да падне, да закачи крлеж, а убодот од комарец веднаш се третира со соодветно средство. На силно сонце, дожд, ветер – и во зима, не се излегува од дома. Времето мора да биде оптимално. Додека оди по улица, детето се држи за рака и се надминуваат сите препреки, како што се дупките. Малечко е, па ќе се сопне. До подоцнежните години гледаме мајки како ги држат своите деца за раце кога минуваат улица. Не се сигурни дали детето ја сфатило опасноста што го демне.

Па, потоа се случува детето да порасне и родителот да дојде до заклучок дека сега може да направи сè само. Не е важно дали тоа дете има десет, петнаесет или осумнаесет години. Родителот го пушта и му дозволува, а детето ништо не знае и не може ништо самото да направи. Не може самo да учи, не се сеќава што има за домашна, го заборавилo чадорот, јакната му останала на училиште, се расправа и тагува затоа што никој не го разбира, наставничката не го сака. Препреки и неправди насекаде. Родителот слуша, гледа, се чуди и, секако, доаѓа до заклучок дека училишните програми се премногу тешки и чудни, сите други деца се невоспитани, а наставниците недоволно професионални.

Не е така, пријатели.

Ние, родителите, сме виновни што сме ги чувале во златен кафез, негувајќи им го чувството дека се благороден огранок од бесценета лоза. И потоа ја отворивме вратата од кафезот и ги оставивме да го најдат својот пат во реалниот свет, каде што сите мислат дека се такви ограноци. Децата талкаат збунети од вистината дека животот се состои од обврски, дека светот не е секогаш праведен, дека нема кој да воспостави ред, да исчисти зад нив и да има оправдување.

Порано, кога бевме деца, не беше баш сè толку поразлично. Училиштето беше многу построго, улицата опасна, но нашите родители не ни ги врзуваа врвките од чевлите и не купуваа патики со лепенки. Ако не знаевме да ги врземе, не пуштаа да паднеме… и така додека не научивме.

Автор: Билјана Васиќ/ професорка по српски јазик и книжевност

Извор



912

X