Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам 8,5-месечно бебе, му ја даваме сета љубов и внимание, но има нешто за кое не знам како да постапам. Доколку не му дозволам нешто што го сака, тој почнува да плаче и да се дере додека не го добие. Исто така, и кога ќе ја види неговата баба, престанува да јаде, не дава да го пресоблечам и почнува да плаче затоа што сака да оди кај неа. Со неа си играат на друг кат. Не знам како да постапам за тоа што кога е со неа, не сака да дојде кај мене, а кога ќе го земам, почнува да плаче. Нема ограничено време за играње со неа, а доколку не ја гледа, си јаде нормално, го пресоблекувам насмеан затоа што сака кога е гол и си играме заедно. Ве молам за совет, како да постапам.
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Кои се најзначајните личности во животот на вашето дете? Вие и вашиот сопруг.
Кој кажува што е најзначајно за животот на вашето дете? Вие и вашиот сопруг.
Кој го ограничува времето за игра со вашето дете? Вие и вашиот сопруг.
Ве поддржувам да си го земете местото што ви припаѓа, да дозволувате онолку колку што ви е потребно, да не дозволите другите да станат приоритетна личност на вашето дете освен вие двајца. Можеби честопати се чувствувате несигурни, очигледно ова ви е прво дете, но кој не поминал низ тоа? Сите ние го делиме вашето искуство. Потребно е, заради односот со вашето дете, да ја вратите контролата на родителствувањето, а тоа значи да сте со многу појасни граници во однос на другите згрижувачи, да одбиете и да кажете „не“ доколку не се согласувате и да барате тие да ве поддржат на начин што вам ви одговара.
Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт
Вашата интерпретација на ситуацијата е поттикната од вашата несигурност на млада мајка, нешто што повозрасните мајки/родители не секогаш толку свесно знаат да го искористат за да воспостават доминација. Не станувајте мајка која ги трга рацете од своето дете затоа што другите така сакаат или мислат. Вие сте најважната личност во неговиот живот, затоа земете ја контролата, имате право на тоа. Не дозволувајте еден ден вашиот син да дојде со чувство дека прерано сте го пуштиле и недоволно сте се бореле за него. Затоа што ако денес дозволите друг да го утеши, сметајќи дека не сте доволно добри и доволни за него, утре самиот ќе ви го покажува тоа, и уште повеќе ќе ви ја храни несигурноста.
Во секој случај, секогаш поддржувам млади мајки да се дружат со други млади мајки и да споделат искуства и да разменат стратегии за соочување со вакви секојдневни ситуации.
Не дека вашиот син се смирува само со вашата свекрва. Тоа кажува дека вие се чувствувате послаба и дека ви е страв да бидете единствената и најдобра мајка на своето дете. А тоа само вас ве има, па кажете ми, имате ли друга опција освен да верувате во она што сакате да го развивате со вашето дете?
Не пишувате дали работите, честопати ова чувство се појавува како резултат на таа прва фамозна сепарациона ситуација, каде што анксиозноста многу појасно се манифестира кај мајката отколку кај детето. Како и да е, не дозволувајте да има игра без вас во вашиот дом, на вашиот килим и во ваше присуство. Баба може да го чува единствено кога вие ќе ја замолите и кога излегувате, и баба може да си игра единствено во ваши домашни услови и тогаш кога според вас е најсоодветно.
Одговара:Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912