Кооперативните активности, стратегии и игри се алатки за социјален, емоционален и академски развој на децата. Преку нив децата учат како да се почитуваат, како да се однесуваат во групни и тимски ситуации, како да бидат одговорни за своите постапки, учат како да работат заедно, како да комуницираат и како да решаваат проблеми. Во современото образование, кооперативните активности играат клучна улога во создавањето позитивна и инклузивна училишна средина.
Кооперативните активности се методи на учење во кои учениците работат во тимови за да постигнат заеднички цели. Наместо да се фокусираат на индивидуални успеси, кооперативните активности ги поттикнуваат учениците да соработуваат и да се поддржуваат едни со други, што создава атмосфера на соучење и заемна помош. Во рамките на овие активности, учениците често имаат можност да разменуваат идеи, да ги делат своите размислувања и да научат од своите соученици. Кооперативните активности развиваат способност за комуникација, слушање и соработување. Учениците научуваат како да изразат свои мислења, но и како да го почитуваат мислењето на другите. Овие активности создаваат инклузивни услови во кои сите ученици, без разлика на нивните способности, можат да се вклучат и да учат. Учениците со попреченост често имаат можност да учат од своите соученици, што води до нивно побрзо вклучување во општеството. Работата во група создава чувство на одговорност не само за сопственото учење, туку и за учењето на другите. Ова ја зголемува мотивацијата на учениците и нивната посветеност на задачите. Преку кооперативните активности учениците се соочуваат со различни перспективи и решавања проблеми, што го развива нивното критичко размислување и способноста да донесуваат одлуки.
За процена на кооперативните активности ги издвојувам следниве клучни принципи: процена на индивидуални придонеси и процена на групната динамика, односно како групата функционира како целина и дали постои рамномерна поддршка помеѓу членовите. Исто така, треба да се види дали групата ги достигнува целите што ги поставила. И како последен, но исто така важен принцип се социјалните и емоционални вештини кај секое дете поединечно, односно комуникација, емпатија и лидерство.
Кооперативните стратегии им дозволуваат на учениците да работат заедно во групи за да постигнат заеднички цели. Во контекст на учењето, тоа значи дека учениците се одговорни не само за сопственото учење, туку и за учењето на своите соученици. Кога учениците активно учествуваат во групни активности, тие развиваат вештини за решавање проблеми, комуникација, слушање и конструктивно решавање конфликти. Една од најпопуларните кооперативни стратегии е кога учениците се поделени во мали групи и секој член добива различен дел од информацијата која треба да ја сподели со другите по завршувањето на задачата. Целта е да се создаде комплетна слика или решение, кое не може да се постигне без соработка на сите членови на тимот. Групното решавање проблеми им овозможува на учениците да работат заедно на решавање комплексни задачи. Често се користат ситуациите кои бараат креативност и критичко размислување. Преку оваа активност се развиваат вештини како што се логичко размислување, работа под притисок и тимска координација.
Кооперативните игри имаат различно значење за развојот на децата. Од социјален аспект, придонесуваат за развој на емпатија, толеранција и вештини за комуникација. Од когнитивен аспект, преку нив се доаѓа до подобрување на критичкото размислување и решавање проблеми, додека од емоционален аспект, зголемена самодоверба и вклученост во групата. Кооперативните игри се изведуваат кога има градење и конструкција, како што е играта кула од коцки, каде што тимовите треба заедно да изградат највисока можна кула од коцки или друг материјал без да се урне. Може да се направи и игра каде што секое дете добива дел од сложувалка, па сите мора да соработуваат за да ја комплетираат. Кооперативни игри се применуваат и при физички активности и игри за поттикнување емпатија и самодоверба.
Како специјален едукатор и рехабилитатор би предложила неколку примери на кооперативни игри:
Тимски игри: „Зборови во круг“, „Мост на доверба“, „Лов на богатство“ и др.
„Зборови во круг“ – Учесниците во играта се поделени во мал групи. Еден учесник започнува со збор, а секој следен учесник мора да додаде збор што започнува со последната буква од претходниот збор. Целта на играта е да се создаде комуникација помеѓу сите членови на групата и да се поттикне соработка.
„Мост на доверба“ – Учесниците во играта се делат во двојки. Една личност ги затвора очите, а другата ја води низ поставени пречки или низ просторот. Целта на играта е да се развијат довербата и комуникацијата меѓу учесниците.
„Добиј ја наградата“ – Тимовите следат траги кои бараат соработка и размислување за да ја пронајдат „наградата“.
Креативни игри и активности: Заедничко создавање приказна, уметнички проекти. Децата создаваат заеднички проекти каде што секој има специфична задача.
Заедничко создавање приказна: Почнете со наслов или почетна реченица, како на пример: „Еден ден, во далечен град…“ Секој учесник во играта додава по еден дел, на пример: „децата сакаа да…“ На крај, сите учесници заедно ја завршуваат приказната, што може да резултира со смешни, креативни и уникатни наративи. Оваа активност поттикнува соработка, комуникација и креативност, додека секој ја има својата специфична задача, но сето тоа води кон создавање едно заедничко дело.
„Симулации и сценарија за решавање конфликти“ – Учесниците преземаат различни улоги во симулирани сценарија, на пример, решавање конфликти или градење заеднички план.
„Нема погрешен одговор“
Оваа игра се поставуваат отворени прашања и учесниците работат заедно да дојдат до што повеќе одговори, без да се грижат за тоа дали се точни. Ова ги охрабрува сите учесници во играта да бидат креативни и да не се плашат од неуспех.
За примена на сите овие кооперативни активности, стратегии и игри, потребна е инклузивност, односно адаптирајте ги активностите за да одговараат на индивидуалните потреби на децата. Осигурете се дека сите деца добиваат можност да учествуваат рамноправно. Поставете јасни правила и улоги кои ја охрабруваат соработката.
Игри со проблеми: „Симулации и сценарија за решавање конфликти“, „Игри со улоги“, „Нема погрешен одговор“ и др.
Автор на текст: Марија Давчевска, специјален едукатор и рехабилитатор/наставник- ментор
912