Најпроблематични се задачите каде што од учениците се бара да дадат објаснување за својот одговор, да покажат практично разбирање и примена на стекнатото знаење, пишува во извештајот од пробното ТИМСС-тестирање спроведено во септември лани

Во Македонија заврши главното меѓународно тестирање ТИМСС, кое во април и во мај се реализира во 150 основни училишта во државата со 4.000 ученици од четврто одделение, избрани по случаен избор. Тестовите ќе почнат да се оценуваат од идната недела, а конечните резултати ќе бидат објавени следната година, кога ќе заврши тестирањето во сите 70 држави во целиот свет што се дел од оваа обемна студија. Пробното тестирање во септември лани покажа слаби резултати. Но тоа не значи дека и оние на главното ќе бидат такви зашто пробното се изведува во мал број училишта.

TIMSS (Trends in International Mathematics and Science Study) е меѓународна студија по математика и по природната група предмети (физика, хемија, биологија и географија) која ги мери знаењата и способностите на учениците по математика и по природната група предмети (физика, хемија, биологија и географија) во IV и во VIII одделение.

Како што информира Бети Ламева од Државниот испитен центар (ДИЦ), која е национална координаторка на ТИМСС, со учеството во оваа студија ќе се добијат многубројни податоци за нашиот образовен систем, за наставните програми и наставниот процес, за постигнувањата на учениците, работата на наставниците, сознанија за социо-економските и образовните фактори поврзани со постигнувањата на учениците по математика и природни науки, а ќе може и да се споредат постигнувањата на учениците на меѓународно ниво.

– ТИМСС-студијата им овозможува, пред сѐ, на креаторите на образовната политика носење одлуки со цел подобрувања во образованието врз база на валидни податоци. Преку ова тестирање се гледа и што сѐ имаат децата дома, што имаат во училиште, како се реализира наставата, затоа што таа не е иста кај нас и, на пример, во Сингапур. Годинава првпат учествуваме со популација од четврто одделение. Светските барања одат во насока на примена во нови ситуации на она што се учи, односно да се знае како би постапиле во дадена ситуација. Со оценување на тестовите, кое ќе го вршат искусни наставници, сѐ уште не сме започнале, тоа ќе се случи од идната недела. Резултатите ќе бидат објавени на крајот од идната година, кога ќе бидат готови резултати од сите држави во кои се спроведува тестирањето – вели Ламева за Деца.мк.

Во септември минатата година беше спроведено пробно ТИМСС-тестирање, а според извештајот објавен на веб-страницата на ДИЦ, резултатите не се сјајни. По предметот математика над 65 отсто точно одговорени задачи од нашите ученици се само 16 задачи. Над 90 отсто точно одговорени задачи од учениците од нашата држава нема. Од добиените резултати се забележува дека на најголемиот број задачи точно одговориле само околу една третина од тестираните ученици. Ова најмногу се однесува на задачите што се од когнитивно подрачје на мерење знаење и многу мал број од примена. Карактеристично е што во оваа група најголем број задачи се од содржинското подрачје мерење и геометрија, со што се укажува дека тестираните ученици се со ниски постигнувања во ова подрачје.

Ниту по природни науки нема над 90 отсто точно одговорени задачи.

„Најпроблематични се задачите каде што од учениците се бара да дадат објаснување за својот одговор, да покажат практично разбирање и примена на стекнатото знаење. На пример, во физика, каде што во прашањето се бара да ги разбираат физичките состојби и промени на материјата, како и за заеднички форми и извори на енергија и објаснување на практичната примена на знаењето, бројот на точно одговорните прашања е најнизок. Низок степен на точно одговорени прашања има и кога се бара од ученикот да опише, поврзе и да даде соодветен пример на своето знаење како одговор на поставената задача“, пишува во извештајот од пробното тестирање.

Со учеството во меѓународните студии на мерење на постигнувањата на учениците се добиваат многу податоци за образовните системи, наставните програми, наставниот процес, постигнувањата на учениците, работата на наставниците, како и споредување на постигнувањата на учениците на меѓународно ниво.

Македонија беше дел од ТИМСС во 1999 година, во 2003 и последен пат во 2011 година. Во 2011 година земји што имале највисоки постигнувања по математика биле Република Кореја, Сингапур и Кинески Тајпеј, а најниски Мароко, Оман и Гана. Во тој извештај Македонија има постигнато најниски резултати од сите европски држави-учеснички во оваа студија.

Во извештајот од истата година, споредено со постигнувањата на учениците од Република Македонија по природната група предмети со претходните два циклуси на ТИМСС во кои сме учествувале (1999 и 2003 година), податоците покажале дека резултатите од ТИМСС 2011 се најниски. Земји што имале највисоки постигнувања по природната група предмети се: Сингапур, Кинески Тајпеј и Република Кореја, а најниски Индонезија, Мароко и Гана. Република Македонија има постигнато најниски резултати од сите европски држави-учеснички во оваа студија.

Инаку, неодамна директорот на Бирото за развој на образованието, Зекирија Хасипи, изјави дека прво ќе се чекаат резултатите од ТИМСС 2019, па потоа ќе се одлучува дали и што ќе се менува во Кембриџ-програмите по кои веќе неколку години учат нашите деца.



912

X