Му ветивте на вашето дете дека ќе му го донесете омиленото колаче кога ќе се вратите од работа, но по напорниот ден сте заборавиле. Влегувате во домот и се обидувате да најдете изговор за да го смирите разочараното дете. Тоа што ќе го кажете ќе одреди колкава емпатија ќе покаже детето, според една неодамнешна студија спроведена на Универзитетот „Дјук“, а објавена во списанието „Когнитивен развој“.

Децата на возраст од три до пет години можат да разликуваат кои изговори заслужуваат прошка, а кои не. Излегува дека извинувањата што вклучуваат помагање на друго лице се поразбирливи меѓу децата отколку оние што изгледаат себични.

На пример, ако вашето дете ве праша зошто не може да јаде бонбони пред вечера, а вие му кажете дека не успеавте да ги купите затоа што му помагавте на колегата да ја заврши работата, тоа може да биде посоодветно од обичната фраза „затоа што јас така реков.“

Себичното извинување е исто толку лошо колку и никакво извинување

Истражувачите користеле кукли за изведување експерименти. 64 деца на возраст од три до пет години гледале серија видеа во кои куклите ветуваат дека ќе им покажат некоја интересна играчка, но потоа си заминувале и се враќале со празни раце. Куклите потоа понудиле два изговора: „Морав да му помогнам на пријател со домашните задачи“ и „Сакав да гледам телевизија“, додека некои не понудиле објаснување.

Сите деца се согласиле дека не е во ред да се прекрши ветувањето. Сепак, децата имале помалку негативни чувства за оние кукли што велеле дека им помагаат на другите во споредба со оние што рекле дека сакаат да гледаат телевизија или оние што не се извиниле.

Ова покажува дека децата сметаат оти давањето приоритет на другите е полегитимен изговор отколку давањето приоритет на себеси.

Извор



912

X