Помислив на ова минатиот викенд кога ги гледав моите деца како си играат, се затвораат и се тркалаат во една обична кутија од нашата нова правосмукалка.

– Се разбира, ни се расипа првосмукалката – налутено кажа мојот маж кога се обидуваше да го исчисти нередот по појадокот. Веднаш со децата заклучија дека на правосмукалката ѝ нема спас и дека ќе треба да се купи нова. Побрзавме и купивме нова, си дојдовме дома со најтивкиот модел и со радост го отворивме ова ново чудо.
И тука почнува она што сакав да го споделам.

Во секое зло нешто добро

Го извадивме нашиот нов производ од кутијата и додека ние се забавуваме со копчињата и додатоците, децата со огромно задоволство ја нападнаа таа огромна кутија, која за нив стана куќа, шатор, коњче….. Почнаа со затворање, криење превртување. Си играа со насмевка како во раката да држат најубава лего-играчка или кукла што оди и зборува. Нам воопшто не ни обрнуваа внимание, а ние се погледнавме и си рековме: „Зарем е доволна само една кутија со слика од правосмукалка?“

Се разбира дека е доволна. Од силна желба некако да ги заиграме, да ги забавуваме, научиме… заборавивме дека децата и покрај силните играчки што ги поседуваат, најмногу уживаат кога сами создаваат и измислуваат играчки. И јас кога бев мала под еден кревет во дневната соба имав многу играчки. Но ништо од тоа не ме интересираше. Поголемо задоволство ми беше да играм докторка или семејство, за што беше потребно да се изгради куќа од ќебе. Бевме најсреќни кога градевме и ја затворавме вратата од собата за да не нè слушаат родителите. Всушност, родителите не се осмелуваа да се приближат.

Кутијата е симбол на неструктурирана игра

Се согласувам со данските педагози кои сметаат дека слободната и неструктурирана игра е исклучително важна бидејќи се развива вештина за постигнување среќа подоцна во животот. Еден цитат од книгата „Данското воспитување на децата“ од авторите Џесика Цоел Александер и Ибен Дисинг Сандал ми влезе в око: „На децата не им требаат игри што ги измислуваат возрасните, ниту пак посебни играчки. Колку повеќе децата имаат контрола врз играта, толку повеќе ја употребуваат својата имагинација и сами ја водат играта. Вештините што така ќе ги научат се од непроценлива вредност“.

Многу игри за повеќе среќа во животот

Преку слободната игра децата учат до каде им се сопствените граници, колку физички и психички стрес можат да поднесат, како можат да се договорат со другите учесници во играта, да менуваат правила, да се караат… Ако повеќе си играат сами, без мешање од страна на родителите или со повеќе играчки, ќе станат друштвено приспособени и поотпорни, а тоа во иднина ќе им помогне при справувањето со проблемите.

Време е да се ослободиме од тој притисок дека децата во секој момент мора нешто да учат, да напредуваат и дека сè што работат мора да биде по наш критериум или за некоја повисока цел.

Децата напредуваат, но низ игри што не ги водат возрасните.

„Толку сме оптоварени со организираните активности на нашите деца и на она што го учат, што забораваме на важноста на слободната, неструктурирана игра. Престанете да се чувствувате виновни што им дозволувате да си играат, мислејќи дека поради тоа не сте добри родители. Слободната игра е токму она што им е потребно на децата!“ сметаат авторите на книгата „Данско воспитување на децата“.
Кутијата ни го покажа тоа во едно неделно попладне. Се надевам дека почесто ќе ни текнува да ги пуштаме.

Автор: Маја Паулета



912

X