Западнонилска треска не се пренесува од човек на човек. Човекот може да се зарази преку заразен тигрест комарец

Стравот од западнонилска треска ги тресе земјите околу нас, во кои заразата усмртува и деца и возрасни. Во Македонија има тигрести комарци кои, ако се заразни, може да го пренесат вирусот, но засега имаме среќа, велат лекарите. Според податоците на Институтот за јавно здравје, досега не се потврдил ниту еден сомнителен случај на заболен од западнонилска треска. Со почетокот на школската година и со зголемувањето на бројот на деца што одат во градинка може да се зголеми бројот на настинки, а симптомите на треската може да се поклопат со оние на настинката. Знаците на болеста, и како се пренесува, треба да се знаат, но да не се крева паника, објаснуваат докторите.

Како се пренесува?

– Како да не се плашиме од западнонилска треска кога секојдневно читаме информации за заразени или мртви во околните земји, а годинава имавме многу комарци, како што знаете. Може ќе звучи смешно, ама како да се соочувавме со поинакви комарци. Ние редовно ги мачкавме децата со средства за да не ги касаат, но пак ги касаа, а на тие места им се правеа грутки – вели Александар Јовановски од Скопје.
Кога станува збор за западнонилска треска, добрата вест е што таа не се пренесува од човек на човек, велат лекарите. Човекот може да се зарази преку заразен тигрест комарец. Споредено со околните земји, низ годините кај нас има најмалку заразени и починати. Во периодот од 2011 до 2015 година во Институтот за јавно здравје се пријавени вкупно 22 случаи, од кои 3 завршиле со смртен исход. Во периодот 2016-2017 година и во 2018 година нема нови потврдени случаи.

Ќе бидеме раат за околу еден месец

– За околу еден месец ќе бидеме раат зашто завршува периодот кога живеат комарците, а би поминал и периодот на инкубација на вирусот ако некој бил заразен. Така се намалува веројатноста за нови случаи – објаснуваат од Институтот за јавно здравје.
Заразени и починати има во Италија, Грција, Унгарија, Романија, Хрватска, Србија, Косово…

Инаку, симптомите на инфекцијата се јавуваат од 3 до 14 дена по заразувањето. Околу 80 проценти од инфицираните поминуваат без симптоми, додека другите имаат полесна клиничка слика. Светската статистика покажала дека кај еден од 150 случаи на заразен се јавуваат силни знаци на болеста.
За полесна клиничка слика се сметаат симптомите: треска, главоболка, мачнина, повраќање, болки во телото, исип на кожата и потечени лимфни јазли.
Под тешка клиничка слика се подразбира: воспаление на мозокот, висока телесна температура, грчеви, губење на свеста, вкочанет врат, парализа.



912

X