Можете да слушнете чекори по скалите, потоа вратата се отвора без претходно чукнување. Здраво, деца. Вообичаено тоа не е проблем, но во моментот сте приклучени на „Зум“ и не смеат да ве вознемируваат. Знаете дека претходно планирање и задавање активности е начинот за да се спречи тоа. Добра идеја, но сега децата треба да сфатат дека секое зборување, прекинување, треба да престане и тоа веднаш. Па го правите она што го прават многу родители: ги замолчувате децата.
Замолчувањето може да функционира еднаш, можеби двапати, како брз потсетник што треба  да прави детето, но не е издржлива метода. „Ќе се навикнат и замолчувањето веќе нема да функционира“, вели Филип Зелазо, професор за детски развој на Универзитетот во Минесота.

„Поголем проблем е тоа што звукот на замолчувањето им го дава на децата она што го бараат: внимание. Па станува награда и охрабрување за уште повеќе прекинувања“, вели Абигејл Гевирц, професор по семејна наука и детски развој на Универзитетот во Минесота и автор на „Кога светот изгледа како страшно место“. Она што навистина сакате да го направите е да ги игнорирате кога прекинувањата се непосакувани.
„Потребен ви е план. Без план, нема резултат. Вашите зборови против желбите на децата. Можете да речете – НЕ – или Биди тивок/тивка, но тоа нема да биде најдобриот долгорочен пристап“, вели Зелазо.

Но, замолчувањето со звук „псст“ може да биде појдовна точка. Користете го, а потоа објаснете му на детето. Кажете му дека ви е потребна тишина кога сте зафатени. Потоа вклучете го детето како соработник во изнаоѓање на решението. Замолчувањето не прави ништо за да ја развие нивната автономност. Па затоа подобро е да ги вклучите во активноста. Повеќе од тоа, сакате тие самите да сакаат да дадат придонес.

Бидете директни и кажете им на децата дека целта е тишината, но креирајте и мистерија со вашиот план. Кажете дека и двајцата сте тајни агенти и кога сте на телефон, треба да бидат тивки за никој да не ги дознае тајните. Креирајте сигнал кој ќе значи дека започнува „тивката мисија“. „Децата сакаат да се преправаат, па со интриги, ќе останат тивки, не како да е тоа задача, туку дел од игра со вас“, вели Зелазо.

Ако со тајни агенти не успеете, обидете се со суперхерои. Со тоа можеби ќе успеете децата да станат пофлексибилни и подолго да останат доследни на одредена задача. „Преку суперхероите децата ќе добијат насоки и рамка за тоа како да се однесуваат. Ако Супермен може, тогаш јас сум Супермен, значи јас можам“, вели Зелазо.

Потребно е нешто различно бидејќи истата работа нема да продолжи да функционира. Планирајте заедно со децата и правете активности што тие ги сакаат. Ако се тоа лего-коцки, кажете им дека имате повик од работа, па ќе им дадете специјален предизвик. Држете лист хартија (уште еден сигнал) на кој ќе биде напишан еден број. Детето ќе треба да изгради нешто со толку парчиња колку што означува бројот. Тоа може да биде едноставна фигура со одредени форми или бои.

Предизвикот е да се пронајде вистинскиот баланс. Ако е нешто премногу лесно, нема да се грижат за тоа или да го научат. Ако е премногу тешко, ќе се фрустрираат и нема да бидат тивки. „Ограничени сме само од нашата имагинација“, вели Зелазо. Она што помага е и праксата, додава Гевирц. Кажете им на децата колку се одлични што имаат разбирање дека треба да работите. Кажете им ги правилата: Кога вашата врата е затворена, не може да влезат. Кога ќе слушнат дека зборувате, мора да бидат тивки. Кога и да го ставите прстот на устата, не смеат да зборуваат. И кажете им дека ќе ги игнорирате ако се обидуваат да зборуваат тогаш. Потоа играјте игри со различни сценарија. Отворена врата. Затворена врата. Вие зборувајте. Не зборувајте. Прашајте ги која ситуација е во ред и кога може, а кога не да ве прекинуваат.

Без разлика дали е вежбање или вистинска ситуација, кога ќе постапат правилно, наградете ги со дополнително време за играње, стикери, или што било друго што ги мотивира. Дајте им до знаење дека наградата ќе дојде секогаш кога ќе ги следат правилата.

Автор: Стив Калечман

Извор



912

X