Едноставна илустрација која е поделена во четири сегменти на доста суров, но реален начин покажува како се однесуваат најголемиот дел од денешните родители кон своите деца. Никој не знае што носи денот, а што ноќта, но не можеме да се ослободиме од впечатокот дека одговорот е – ништо добро за детето.

Гордите родители на новороденчето немаат лоша намера, но во ерата на дигиталната технологија без која не може да се живее тие ја обележуваат секоја пресвртница во животот на своето дете и тоа го објавуваат на социјалните мрежи. На секоја социјална мрежа имаме барем еден таков пријател кој има снимено сè – од самото раѓање на детето, па до тргнувањето во прво одделение. Нивниот најголем животен успех кој живее под будното око на паметниот телефон станува жртва на социјалните мрежи.


– Ја гледам илустрација што ми ја испративте и некој што не е во мојата струка би рекол – ова е доказ дека родителите ќе ги уништат своите деца. Важно е да се каже дека родителите не се најголемиот виновник. Имаме социјален и институционален проблем. Новопечените родители се неподготвени за нов вид воспитување – дигитално. Никој од нив не се подготвил за нов свет, пораснале во различен систем и кога ќе се создадат проблеми, не знаат како да се снајдат. Како што ги воспитуваат своите деца да се однесуваат убаво и пристојно, така мора да се едуцираат на доста сериозен и темелен начин кога станува збор и за дигиталното однесување, бидејќи живееме каде што живееме и мораме да се помириме дека ова е нашата реалност. Сведоци сме дека децата често се изложени на јавни критики поради инстаграм- и јутјуб-профилите. Родителите не се свесни во колкав потенцијален проблем ги навлекуваат своите деца кога ги изложуваат на дигиталната реалност – вели психотерапевтот Миња Радовиќ.

Во својата практика психолозите често се среќаваат со деца кои не можат да ги исполнат очекувањата на своите родители, и како тоа да не им е доволно, во дигиталната ера носат уште еден товар – суровиот интернет.

Миња Радовиќ смета дека родителите, иако имаат најдобри намери, прават големи грешки.

– Забележан е пораст на бројот на децата што подоцна прозборуваат, тинејџери кои патат од тешка форма на депресија, како и деца на возраст од 6 до 10 години кои имаат проблеми со самодовербата. Поради голем број информации, еден од најчестите проблеми е децата да не сакаат да зборуваат. Опкружени се со родители кои зборуваат, телефони од кои излегуваат гласови, телевизија и компјутери, па не чувствуваат потреба да зборуваат бидејќи сето тоа го прави некој друг наместо нив. Од друга страна, децата кои од најраната возраст се изложени на социјалните мрежи без своја волја, туку по желба на родителите, може да имаат сериозни проблеми. Децата денес побрзо растат и побрзо се соочуваат со проблемите што се специфични за адолесцентската доба – објаснува Радовиќ.

Со оглед на тоа дека личноста на детето се формира до седмата година, влијанието на социјалните мрежи е една од важните инстанции што може да ја уништат самодовербата.

Експертите во областа на психологијата велат дека родителите треба да ги пуштат децата сами да изберат како ќе се претстават.

– Да, треба да ги фотографирате вашите деца и да ги чувате спомените од првите чекори, првите добри оценки на училиште, но треба и да ги пуштите да бидат деца, а не да бидат изложени на очите на јавноста. За жал, се наоѓаме во цивилизациска фаза на петминутна популарност, па макар тоа било и преку детето – заклучува Радовиќ.



912

X