Првата генерација на деца родени за време на пандемијата во 2020 година веќе тргнува на училиште во некои земји, а наставниците низ Европа предупредуваат на загрижувачки тренд – сѐ повеќе првачиња доаѓаат на училиште со пелени и без основни хигиенски навики.
Според истражувањето на 1.000 наставници спроведено во Англија и Велс, на една четвртина од првачињата сè уште им е потребна помош при облекување или користење на тоалетот, додека половина од наставниците веруваат дека ситуацијата се влошила во последните години.
Проблемот не е ограничен само на Велика Британија, па слични појави се бележат и во Германија и Швајцарија, каде што наставниците сѐ почесто мораат да ги менуваат пелените на учениците, па дури и на единаесетгодишните.

Експертите тврдат дека причините обично не се од медицинска природа, туку одраз на промените во родителството. Психологот Рудигер Маас предупредува на прекумерна родителска контрола и заштита, што ги прави децата помалку независни. Родителите, често поради работа, сѐ почесто основните образовни задачи им ги препуштаат на градинките и училиштата.
Наставниците забележуваат и зголемување на проблемите со развојот на говорот, не само кај децата од странско потекло. Експертите предупредуваат дека прекумерната употреба на екрани на рана возраст ги лишува децата од илјадници изговорени зборови дневно, што долгорочно влијае врз нивната јазична способност.