Загадувањето на воздухот може да скрати седум месеци од животот на децата во премногу загадените градови.

Истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон направиле истражување во еден од најголемите градови во Велика Британија, Бирмингем.

Влијанието на загадениот воздух во Бирмингем се смета за полошо отколку во некои други поголеми градови во Велика Британија – извештајот открива дека се губат повеќе месеци од животот во Бирминген отколку во Манчестер, а пресметало и дека годишниот трошок поради загадувањето во Бирмингем бил меѓу 190 до 470 милиони фунти.

Истражувањето се осврнало на комбинираното влијание на два загадувачи – честички и азот диоксид – две од водечките причини за лошо здравје.

– Извештајот треба да биде повик за будење на креаторите на политиките, и тоа не само во Бирмингем. Треба да се справиме со овој невидлив убиец што им ги скратува животите на децата и предизвикува здравствени проблеми кај илјадници возрасни луѓе – вели Холи Билингтон, директорка на мрежата „Ју-кеј100“, која го нарачала истражувањето.

– Ужасно е што децата што живеат во Велика Британија дишат воздух што може да им го скрати животот. Како родител, сакате да направите сè што можете за вашите деца, но кога станува збор за загадувањето на воздухот, се чувствувате беспомошно – вели Сју Хујтон, координатор на Мрежата на родители за чист воздух.

– Потребно е владата и Советот на Бирмингем да преземат амбициозни акции за справување со токсичниот воздух во овој град и тоа треба да го направат сега – додава таа.

Сајмон Стивенс, извршен директор на Националната здравствена услуга на Англија, вели дека 2,6 милиона деца во Англија секојдневно дишат токсични гасови и сега постојат јасни и застрашувачки докази дека ова може да им ги скрати животите.

– Националната здравствена услуга презема чекори за намалување на човечкиот ефект врз животната средина, како и лекување на оние што страдаат од последиците од загадувањето на воздухот, но сепак не можеме самите да ја извојуваме оваа борба, потребна е поширока акција во општеството – вели тој.

– Квалитетот на воздухот е значително подобрен во последниве години, но загадувањето на воздухот продолжува да го скратува животот и затоа преземаме заеднички активности за справување со тоа – велат од Одделот за животна средина.



912

X