Правилото за мозочните авантури вели: Во никој случај да не се читаат решенијата на приказните пред децата навистина да се потрудат сами да го пронајдат одговорот

Замислени се да ги предизвикаат децата на размислување и на слатки маки, но и на радости по успешното решавање. Многу деца нема да успеат да ги решат сите загадочни приказни на најпродаваниот автор за деца во Србија, Урош Петровиќ, но едно е сигурно – дружејќи се со ова четиво, ќе научат и засекогаш ќе запомнат многу корисни нешта.
„Загадочни приказни“ на македонски јазик, издание на Либи, дел од „Арс Ламина-публикации“, беше промовирана на Саемот на книгата во Скопје, а Петровиќ одржа и едукативни работилници со деца и родители.

Правилото вели: Во никој случај да не се читаат решенијата на приказните пред децата навистина да се потрудат сами да го пронајдат одговорот.

Трагањето по решението е побитно од решението

Дејството на приказните е сместено во таинствениот свет на една траперска населба, а сите решенија се решливи без вплеткување магија, без моќни видарски напивки или без ѕиркање во старите траперски легенди.
– И не е толку битно решението, туку начинот на решавање, размислувањето, процесот на трагање по одговорот – вели Петровиќ.
Тој е коавтор на програмата НТЦ-систем на учење и за севкупен развој на децата заедно со д-р Ранко Рајовиќ.
Загадочни приказни раскажувал и на работилниците на Саемот.
– Работев со поголема група, половина деца, а половина возрасни. Им кажував од загадочните приказни. Децата победија со 5:3. Возрасните имаат поголемо знаење и искуство, но децата имаат поголема фантазија и храброст. Така имате еден навистина интересен натпревар – вели Петровиќ.
Првите две продолженија од загадочните приказни само во Србија се продадени над 100.000 примероци.
– Тоа е токму она што сакам да го работам со децата, а кое нивниот систем за размислување го прави многу помоќен. Некои приказни се лесни и се означени со две гинкови ливчиња, некои се потешки и се означени со три, уште потешките со повеќе ливчиња. Сѐ што е потребно за решавање на приказните веќе се наоѓа во главите на децата. Децата дури и поуспешно ги решаваат од возрасните – вели Петровиќ.

Што ќе изгуби третина од себе ако го свртиш да стои на глава?

Тој раскажува многу интересни искуства од работата со деца. Една негова задача вели: „Мудрецот прашува што е тоа што кога ќе го свртиш да стои на глава, губи една третина од себе?“
– Децата веднаш почнуваат да размислуваат со асоцијации, што е квалитетен начин на размислување. И кога ќе им кажеш дека тоа „го свртуваш на глава“, значи наопаку, тие помислуваат на песочен часовник, но целиот песок ќе истече, па не е изгубена само третина. Па, по некое време ќе им текне на чаша со вода, па размислуваат дали е чашата пластична или стаклена, колку вода има внатре, па дали кога ќе ја превртиш, ќе истече дел од неа или целата вода… Решението е едноставно. Тоа е бројот 9, кој кога ќе го свртиш наопаку, да стои на глава, го добиваш бројот 6, па значи изгубил една третина од себе. Сите знаеме како изгледаат 9 и 6, дека тоа се броеви, но прашањето е како во случајов да ги поврзеш за решение, како да размислуваш – објаснува Петровиќ.

Загатки за цело семејство

„Загадочни приказни“ е наменета токму за процесот на размислување на децата. „Денес децата“, вели Петровиќ, „брзо се откажуваат од она што почнале да го прават, токму поради тоа што ние, родителите, се опуштивме. И поради тоа, најдобро е овие загатки да ги решава целото семејство заедно. Тој што ја држи книгата не треба да го кажува решението, туку евентуално да даде малку помош. Она што е важно е решението никогаш да не се каже додека детето само не го открие“.
– Важен е процесот на размислување. На некои приказни во претходните изданија немаше решение, па добивавме писма да ги кажеме решенијата. Но кога рековме дека тие решенија ќе ги објавиме во следната книга, ни пишаа да не ги објавуваме оти сами ќе ги решеле загатките. Има загатки што ги решиле само 16 луѓе во светот што ги прочитале. Треба да се размислува, тоа е најважното, луѓето сакаат да размислуваат, тоа им годи, така се развива мозокот. Некои од овие приказни во книгата се потешки, некои полесни, но секоја од нив му прави некоја авантура на мозокот, а секоја ваква авантура прави една мрежа која нѐ води низ животот – објаснува Петровиќ.
Тој пишува книги за деца и млади кои ги поместуваат границите во современата литература, а има добиено многу награди за своите дела. Автор е на првиот роман со епска фантазија на српски јазик ,,Авен и јазопес во Земјата на Вауците“, кој самиот го илустрирал. Објавил збирка приказни за возрасни ,,Приказни од онаа страна“, а за романот ,,Петтата пеперуга“ ја добил наградата „Змејови детски игри“, како автор на најдобриот роман за деца и млади во 2007 година.
– Јас не сакам класични книжевни средби, затоа и на Саемот на книгата во Скопје направив своевидни работилници со загатки, решавања, размислувања… Вообичаено така правам и често имам и по 300 луѓе на таквите работилници. Децата даваат генијални одговори и многупати ќе нѐ изненадат, но мораме за тоа да им дадеме шанса – вели Петровиќ.
Петровиќ е задолжен за тестирањата на МЕНСА во Србија и е еден од најуспешните решавачи на IQ Х-тестот во светот.

 



912

X