Минатата година аерозагадувањето предизвикало прерана смрт на речиси половина милион бебиња во првиот месец од нивниот живот, а повеќето од регистрираните случаи биле бебиња во развиениот свет, покажуваат податоците. Изложеноста на загадувачите на воздухот е штетно и за бебињата кои сè уште се во утробата на мајката. Може да предизвикаат предвремено породување или ниска телесна тежина при раѓање. И двата фактора се поврзани со зголемена смртност на новороденчиња.

Приближно две третини од 500 илјади смртни случаи на новороденчиња што се документирани биле поврзани со загадување на воздухот, особено од цврсти горива како јаглен, дрво и животински измет за готвење. Откритието е објаснето во извештајот на „Состојба на глобалниот воздух – 2020“, а биле истражувани податоци од целиот свет, заедно со истражување кое го поврзува аерозагадувањето со здравствените проблеми.

Медицинските експерти со години предупредуваа за влијанието на нечистиот воздух врз постарите луѓе и оние со здравствени проблеми, но сега се на самиот почеток од разбирањето на смртоносниот ефект врз бебињата во утробата. Кетрин Вокер, научник во Институтот „Здравствени ефекти“, која и го објавила извештајот, истакнала:

– Не ги разбираме сосема механизмите во овој момент, но има нешто што предизвикува редукција во растот на бебето и телесната тежина при раѓањето. Има епидемиолошка поврзаност која се покажува низ повеќе земји во повеќе студии.

Бебињата родени со мала телесна тежина се поподложни на детски инфекции и пневмонија. Белите дробови на прерано родените бебиња може да бидат нецелосно развиени.

Бит Риц, професорка по епидемиологија во УКЛА, Лос Анџелес, која не била вклучена во истражувањето, вели дека аерозагадувањето во градовите во Индија, Југоисточна Азија и Африка се споредува со она во Лондон во викторијанската доба.

– Ова не е аерозагадување со кое се среќаваме во модерните градови (богатиот свет), туку она што се случувало во Лондон пред 150 години и на други места каде што се користел јаглен во внатрешни простории. Внатрешното аерозагадување не е дел од политиките, но треба да биде – вели Риц. Таа истакнува дека штетата што им се нанесува на децата не се гледа само во порастот на смртноста – намалувањето на аерозагадувањето ќе ја намали и штетата предизвикана врз преживеаните.

– Загадувањето му нанесува штета и на мозокот и на другите органи, па само да се преживее не е доволно – треба да го намалиме аерозагадувањето бидејќи има влијание врз сите наши органи – вели таа.

Некои од овие ефекти веројатно постоеле со векови, бидејќи луѓето често готвеле дома на оган при што честичките што се ослободуваат во воздухот ги вдишувале најмногу жените и децата, кои поминувале повеќе време дома. Сепак, проблемот е во тоа што густината на популацијата во многу развиени градови е голема и аерозагадувањето расте поради возилата и индустријата. Овие фактори значат дека сега нема бегство од нечистиот воздух, од утро до мрак, за стотици милиони луѓе.

Извештајот се концентрира на податоци од 2019 година, па тука не се вклучени влијанијата од политиките за карантин во 2020. Авторите велат дека пандемијата веројатно има влијание врз квалитетот на воздухот и смртните случаи од аерозагадувањето, но тие ефекти не се доволно јасни. Гринбаум вели дека влијанието од карантините врз намалување на аерозагадувањето е помало, но и дека чистењето на загадувањето од сообраќајот и индустријата изненадувачки ја смени и перцепцијата на луѓето за квалитетот на воздухот.

– Луѓето одеднаш сфатија како е да се има прекрасно сино небо. Дури и ако не траеше долго, сепак беше можно – вели Гринбаум. Некои студии посочуваат дека луѓето изложени на аерозагадување може да имаат повисок ризик за смрт од Ковид-19, но ова се само рани откритија.

Научниците велат дека има само мал знак на напредок во оваа област во изминатите 10 години и покрај зголемените предупредувања за ризиците од нечист воздух во изминатите 5 години.

6,7 милиони смртни случаи во 2019 година биле од долгорочно изложување на аерозагадување, фактор кој го зголемува ризикот од мозочен удар, срцев удар, дијабетес, рак на белите дробови и други хронични белодробни заболувања. Аерозагадувањето сега е четвртата причина за смртност на глобално ниво, веднаш зад пушењето и лошата исхрана.

Извештајот на „Состојба на глобалниот воздух – 2020“ е објавен од страна на Институтот „Здравствени ефекти“, која е независна непрофитна истражувачка организација основана од Американската агенција за заштита на животната средина и други ентитети.

Автор: Фиона Харви

Извор



912

X