Сите родители сакаат детето да им биде добро, воспитано, добро да учи, да биде мотивирано, за еден ден да израсне во добар, чесен и успешен човек.

Родителите се темелот во воспитувањето на детето, а сè друго во животот може да бидат вистински нешта на вистинско место, упорност, среќа и напорна работа, но без цврсти темели, успехот изостанува. Затоа психолозите се обидоа да доловат какви карактеристики мора да имаат родителите за да израснат успешни луѓе од нивните деца.

1. Ги тераат своите деца да работат

Ако детето никогаш не измило садови дома, тоа значи дека од мали нозе ќе научи дека некој друг ќе ја заврши таа работа наместо него. И не само тоа – на тој начин нема да стекне впечаток што точно значи работата, односно, нема да сфати дека секој од нас треба да има своја улога во работата со цел да се постигне една целина. Поради тоа, големи се шансите децата без обврски да пораснат во луѓе кои нема да знаат да го ценат тимскиот труд, нема да им паѓа на памет дека мораат еднакво да придонесуваат во општеството и да бидат емпатични не само кон другите луѓе, туку и кон нивниот труд. Овој е еден од заклучоците на една од најголемите студии на оваа тема – Harvard Grant Study, каде што стои уште една важна мисла: Децата коишто од мали нозе нема да имаат свои задачи и обврски, во подоцнежните години, на работата ќе гледаат како на нужно зло, а не како начин на живот.

2. Ги учат своите деца на социјални вештини

Научници од Универзитетот Duke кои соработувале на 20-годишното истражување во кое следеле 700 деца од предшколска возраст до навршувањето 25 години, откриле навистина силна врска меѓу успехот и нивните почетни социјални вештини. Децата кои од малечки биле „турнати“ во општеството, кои се социјализирале со деца во различни возрасни доби, во најразлични ситуации, покажуваат поголем степен на разбирање за другите, подобро и поефикасно реагираат на туѓата несреќа, болката, полесно им даваат помош на другите, подобро ги разбираат различните ситуации, подобро се носат со стресот, сами бараат помош.
Истата студија докажала дека децата кои во рана возраст биле поизолирани, имаат поголеми шанси во времето кога успешните млади луѓе ќе стануваат поуспешни, да завршат во затвор, маргинализирани, како што и самите во детството биле навикнати да ги игнорираат општеството и општествените норми.
Студијата заклучила дека токму социјалните и емоционалните вештини се пресудни за детето да расти здраво.

3. Ги учат да имаат високи очекувања и самите очекуваат многу од своите деца

Некои студии докажале дека не е добро децата да растат во духот на преголемите очекувања, но исто така не е добро да растат ни со премали очекувања, па затоа најдобра е „златната средина“. Родителите не смеат да им наметнуваат на своите деца високи очекувања за сешто, но неопходно е да очекуваат од нив успешно да завршат училиште или факултет. Постои еден поим познат како Пигмалионов ефект што дословно вели дека индивидуалните уверувања и очекувања влијаат врз случувањата. Со други зборови, ако детето расте со мислата на родителите дека еден ден ќе оди на училиште, ќе учи добро, за да може да запише факултет, навистина големи се шансите детето тоа да го сфати како свој пат. Без наметнувања и присила – само со очекувања.

4. Имаат здрав однос со сите околу себе

Родителите коишто не навредуваат, не се сметаат себеси за повредни од другите, кои негуваат односи со различни луѓе – се карактеристиките од кои детето многу ќе научи, бидејќи на таков начин нема да влегува во конфликтни ситуации. Тие кои негуваат односи со блиски, но и помалку блиски луѓе, секој конфликт ќе се обидат да го решат на нормален, мирен и здрав начин, а кога детето ќе посведочи на таквото однесување на своите родители, ќе научи како да се справува со светот на ист таков здрав и квалитетен начин.

5. Самите родители имаат повисок степен на наобразба

Иако наобразбата сама по себе нема голема улога во успехот на некој човек, се докажало дека родителите со повисок степен на образование навистина израснуваат успешни деца. Од една страна тоа е поврзано со високите очекувања, но исто е и во практиката, бидејќи децата сакаат да се споредуваат со своите родители. Секако, ако и децата препознале дека нивните родители се успешни.

6. Ги учат математика пред сè

Зачудувачка е информацијата дека децата кои рано го сфатиле концептот на математиката, подоцна покажале завиден степен на успешност. Тоа го покажала огромната студија на примерок од 35.000 деца ширум Канада, САД и Велика Британија, а била поврзана со успешноста на луѓето и раното сфаќање на броевите. И тоа не само броевите и собирањето, туку јасниот концепт на рангирање и односот меѓу броевите што на децата подоцна им донело низа предности и разбирање на економијата и бизнисот. Докажале дека многу подобро е децата уште во предучилишна возраст да учат за броевите и односите меѓу броевите, бидејќи тие деца подоцна покажале многу подобри резултати во учењето на азбуката и читањето, а со тоа стекнале и поголема љубов кон знаењето и книгите.

7. Имаат многу добар однос со децата

Студија изработена на примерок од луѓе кои се родени и живееле во сиромаштија, покажала дека децата од таквите семејства биле многу поуспешни ако односот во семејството бил квалитетен, со многу разбирање, трпение и љубов, отколку кај децата родени во сиромашни семејства со многу лоши односи меѓу членовите.
Со други зборови, посензитивните родители многу помалку наредуваат, но повеќе одговараат на потребите на детето, ги разбираат неговите желби и неговата индивидуалност, и создаваат цврста и сигурна база за детето да биде мотивирано да ги истражува своите лични способности.

8. Се чуваат од стрес

Не толку заради сопственото здравје, колку за да ги заштитат своите деца од влијанието на стресот. Стресот што луѓето со себе го носат од работа, стресот заради невработеноста, стресот заради недостаток од време, многу повеќе влијае врз децата отколку што си мислиме. Родителите кои се под стрес, едноставно не се во состојба да создадат топло, удобно и среќно опкружување за своите деца.

9. Го препознаваат напорот и покрај грешките

Едно од најлошите нешта што родителите можат да им го направат на своите деца во желбата од нив да создадат успешни луѓе е кога систематски ги туркаат низ животот и ги навредуваат и прекоруваат за нивните неуспеси. Родителите на успешните деца тоа го постигнуваат на посуптилен начин – наместо да ги туркаат, тие ги поддржуваат своите деца и наместо да ги навредуваат за неуспесите, ги тешат и ги охрабруваат велејќи им дека неуспесите се составен дел од успешниот живот.

10. И мајките работат!

Уште една студија спроведена на тема „успешни деца“ покажала дека мајките кои остануваат дома или работат од дома во текот на целото детство на децата, влијаат врз нив и тоа лошо, бидејќи на тој начин им се руши сликата дека секој човек мора да работи.
Тим од истражувачи од Harvard Business School дошол до податок дека ќерките чии мајки биле домаќинки, подоцна во животот наоѓале помалку платени работи од ќерките чии родители работеле. Истата студија покажала дека и синовите на мајки домаќинки, многу потешко прифаќаат домашни обврски, бидејќи се навикнале дека мајката сама ќе ја сработи работата, за разлика од синовите чии мајки биле вработени, а тие морале да учествуваат во домашните задачи.



912

X