Светската недела на доењето се одбележува во 170 земји и тоа од 1 до 8 август. Кампањата се организира по 27 пат, а слоганот за оваа година е „Да се поддржат родитeлите за да се овозможи доењето“.

Докторката Љиљана Станковиќ, неонатолог (педијатар за новороденчиња), во гинеколошко-акушерскиот центар „Народен фронт“ во Србија и координатор на Националната програма за поддршка на доењето, вели дека доењето не е само храна, туку е и љубов, емоција, сето она што мајката може да му го даде на своето дете. Истакнува дека е сосема нормално бебето да биде покрај својата мајка каде и да се наоѓа таа. „Последните децении заборавивме колку е доењето природно и нормално, почнавме повеќе да размислуваме за некои други работи, како мајките ќе изгледаат, дали ќе ги вратат килограмите…Сите периферни работни станаа поважни“, изјавила д-р Станковиќ во утринската програма на РТС.

„Денес мајките се многу раздвижени, отколку што биле пред педесеттина години, така што тие кога одат во парк на прошетка, кога бебето треба да јаде, тие нема потреба да се срамат“, вели таа. „Бебето треба да јаде кога сака и колку сака, мајката е секогаш тука, а мајчиното млеко е секогаш подготвено и нема причина од тоа да се срамиме“, рекла докторката.

Според нејзините зборови, приказната дека мајката треба да јаде за двајца апсолутно не е точна. Суштината на сите едукации, како што вели, е мајките да ја поттикнат самодовербата, односно да нема никакви промени во нивното однесување што се однесува до исхраната.

„Ако е исхраната балансирана, ако се земаат сите намирници и нема ограничувања, ако се пие доволна количина на вода или нешто малку повеќе, вие постигнувате еден баланс – мајката е среќна, задоволна, млеко има, а бебето расте“, објаснила Станковиќ.

Мајчиното млеко е важен природен ресурс

Таа истакнува дека мајчиното млеко е многу важен природен ресурс кој секоја породена жена го има и укажува на тоа колку ќе и помогнеме на планетата Земја ако бебињата ги доиме. Според нејзините зборови, има илјада аспекти по кои ќе ја препознаеме благосостојбата на престојот на детето покрај мајката.

„Кога бебето ќе се роди, се става на градите на мајката, тоа чувство на кожа до кожа после сите тие болки, доведува до природно склопување кое се продолжува, од тој момент почнуваат следните чекори и ниеден не треба да се пропушти“, рекла докторката.

Кога бебето ќе знае дека е сито? Докторката одговара: „Па кога мачката знае дека е сита? Ни во текот на денот ние не јадеме иста количина на храна“.

Доењето не е само храна

Станковиќ напоменува дека некогаш потребата на детето да ја прифати дојката е од емотивна природа. На бебето, како што вели таа, му е потребна мајчината блискост. Вообичаено е мислењето дека доењето е исклучиво во мајчинскиот свет, но за да биде успешно, значајна е и улогата на таткото, партнерот.

Милена Попевиќ од здружението „Родител“ укажува на тоа дека татковците се тука да им дадат на мајките поддршка, бидејќи поддршката им ја враќа самодовербата. „Се случува мајката да е уморна, бидејќи новороденчето често цица на еден час, па таткото треба да се најде во таа ситуација да и донесе нешто да јаде, да донесе чаша вода, да го задржи бебето и сѐ што и прилега“, вели Попевиќ и додава дека ако нема поддршка во куќата, тогаш мајката ќе се чувствува напнато.

На бебето сигурно ќе му биде убаво и на градите на својот татко, рекла докторката Станковиќ и додава дека „никој не го остава своето младенче во првите месеци“.

Автор: Александра Цвјетиќ



912

X