Воспитување

Забораваме да ги научиме децата да уживаат во животот

Родителите трошат огромно количество енергија за нивното дете да стекне одредени вештини, да изгради одговорност, да ги извршува домашните задачи навреме, да ја исчисти собата… Сето тоа, секако, е важно. Но, има една работа на која не само што забораваме да ги научиме децата, туку понекогаш дури и сме им препрека. А тоа е да научат да уживаат во животот. Има ли некој што ги учи на тоа денешните деца?

Да, ќе речете можеби, тоа е она што децата го прават природно, секој ден. Тие инстинктивно се стремат кон тоа. Но, некако се случува голем број од тие среќни деца да пораснат во не толку среќни возрасни. Тоа е затоа што има разлика во уживањето во животот како дете и кога ќе пораснеме.

Децата лесно можат да добијат погрешна идеја за тоа што навистина е среќа

Луѓето се најсреќни кога нивните животи се исполнети со продуктивни, значајни активности. Многу студии го покажале тоа. Но, за жал, пораките кои постојано ни доаѓаат од сите страни нѐ уверуваат дека среќата доаѓа со консумеризмот. Велат дека за среќа ви требаат пари со кои можете да ги купите сите оние производи што се застапени во реклами на билборди и на инстаграм-профилите на инфлуенсерите.

Кога големите компании ни велат дека треба да се „почестиме“ и да се задоволуваме само со купување на нивните производи, тие ни велат дека купувањето работи е всушност крајната цел, дека ќе бидеме посреќни ако купиме подобар автомобил или поголем стан.

И како да се одолее? Не создавајте навика да ги носите вашите деца во продавници каде што ќе трчаат меѓу полиците и ќе велат: „Може ли да го имам ова?“, на секои пет секунди. „Купи ми го тоа!“ и слично…

Иако вашето дете можеби не е директно изложено на сите овие реклами, многу е веројатно дека е изложено на културата што ја создале овие реклами. Можеби некој другар му покажал нова, интересна играчка или слушнал разговор за тоа како родителите на нивно другарче купиле, да речеме, конзола за игри.

Најсреќни се оние деца што повеќе ја ценат радоста на искуствата отколку материјалните работи

Не поттикнувајте ги децата да веруваат дека поседувањето повеќе работи значи среќа. И ако сте ја наполниле нивната соба со играчки и екрани, тогаш токму тоа и го правите.

Концептот за изразување љубов преку подароци е прекрасна идеја и постои со векови. И порано функционирала навистина добро. Но, многу деца денес добиваат толку многу подароци, што сета радост исчезна. Со тоа што им даваме премногу од она што мислиме дека го сакаат, им го крадеме она што навистина им е потребно – радоста на исчекувањето. Слатката неизвесност за желбата што не знаат дали ќе им се оствари.

Ако сакате да ги промените работите, започнете со семејството. Подароците што во иднина ви ги даваат децата нека не бидат материјални. Побарајте од нив отсега натаму секогаш да ви даруваат нешто што ќе биде направено од нивните раце, нешто значајно за нив и за вас.

Децата мора да научат дека иако парите им даваат способност да бидат среќни, тие сепак не можат да им го покажат патот до среќата.

Играјте друштвени игри со вашите деца за да можат да ја видат и разликуваат возбудата и чувството на среќа, во тие моменти на заедништво, од среќата што произлегува од новото нешто. Направете заедно куќа на дрво или испечете торта за децата да ги почувствуваат гордоста и среќата што произлегува од продуктивната работа.

Ако успеете да ги научите децата да ја видат вредноста на овие мали нешта, нивните шанси да бидат среќни кога ќе пораснат ќе се зголемат повеќекратно.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top