Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 14 години и оди во деветто одделение. Во последниве два месеца почна да се однесува чудно и да се дистанцира од повеќето нејзини соученици со изговор дека не сакаат да се дружат со неа, ѝ зборуваат зад грб, ја исмеваат доколку нешто не знае на час итн. Инаку, таа е одличен ученик со исклучок на оваа година кога малку попушти во учењето. Се убедуваме да учи повеќе, да ја мотивирам со нешто, па и да ја казнам понекогаш со одземање на мобилниот и така.
Проблемот е што пред 1-2 недели забележав гребеници по нејзините раце и кога ја прашав од што се, добив одговор дека не е сигурна, дека во училиште се изгребала. Вчера повторно се случи истото и решив да седнам да поразговарам со неа. По неколку обиди да изнајде изговор, ми призна дека ги направила сама со нокти во моменти на нервоза. Разговорот ни траеше прилично долго и јас се обидував да дознам дали станува збор за нешто повеќе од стресен период на училиште.
Би сакала да ме посоветувате како да пристапам кон овој проблем и дали мислите дека би можело ова да продолжи?
ОДГОВОР: Верувам дека како родители сте уплашени и вознемирени од промените што сте ги забележале кај своето дете. Самоповредувањето обично се појавува на почетокот на 13-тата година кога децата влегуваат во големи промени на физичко, когнитивно и емоционално ниво. Може да постојат различни мотиви, кои често се менуваат и не секогаш се исти. Адолесценцијата сама по себе е доста тежок период од животот на детето. Тоа се соочува со многу промени, јаки и интензивни емоции, неснаоѓање, лоша емоционална регулација, проблеми во прифаќањето од групата врсници итн. Кога детето е преплавено од јаки емоции и нема повеќе ресурси за да си помогне само на себе, да си олесни, тогаш доаѓа до потребата за самоповредување.
Со гребењето, сечењето итн., болката се фиксира на телото и на тој начин се блокира менталното страдање.
Емоционалната регулација е многу важна во решавањето на овој проблем. Со именување, рефлектирање и признавање на емоциите кои ги доживуваме и на кој начин да ги регулираме. Доста често кога ги прашуваме децата како се чувствуваат, тие и не умеат да ги идентификуваат своите емоции, а чест одговор е дека им е „тешко“.
Регулирањето на емоциите треба да почне кога детето е мало, на пр., „Сега баш си лута“, „ Ајде да видиме што правиме кога сме лути.“
Потрудете се што посмирено да реагирате и да не паничите, да ѝ пријдете со голема поддршка, разбирање и љубов, не минимизирајќи ги нејзините емоции, кажете дека сте тука за неа, дека ви е важно да ја разберете и дека сте тука да ја поддржите за заедно да побарате помош.
Би ве посоветувала да посетите психолог или психотерапевт за вашето дете да развие поголема свесност за себе и за своите емоции, да ја подобри способноста за управување со стресот и да развие нови начини за справување со животните тешкотии.
А, воедно вам ќе ви помогне подобро да го разберете однесувањето на своето дете, да развиете стратегии за ефективна и конструктивна комуникација.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912