Популарното верување дека учениците мора да бидат среќни за да постигнуваат подобри резултати на училиште не е ништо друго освен обичен мит, според мислењето на Центарот за економика на образованието.

Извештајот од неодамнешно истражување тврди дека традиционалните методи на предавање можеби не се многу пријатни за учениците, но се најефикасни.
Овие методи вклучуваат фронтално предавање, каде што наставникот стои пред учениците и ги изнесува информациите, вежбите, каде што учениците ги повторуваат зборовите и фразите по учителот, а информациите ги учат напамет.

Извештајот вели дека овие методи се клучни за успешно учење затоа што на учениците им овозможуваат да ги пренесат информациите од своето работно помнење во свое долгорочно помнење. Меѓутоа, ваквите методи на предавање не се интересни, ниту инспиративни, па денес се сметаат за застарени техники „насочени кон учителот“.
Овие методи постапно беа заменувани со учење „насочено кон детето“, кое стана популарно во 60-тите и 70-тите години и беше фокусирано кон задоволството и благосостојбата на ученикот.
Овој пристап вклучува потреба учениците да работат заедно во мали групи, да расправаат за проблемите и да ги изразат своите мислења.
Акцентот е ставен на одржување на вклученоста и интересот на учениците, така што им е дозволено да учат едни од други наместо да ги преземаат информациите единствено од учителот.

Методите што се насочени кон детето се окарактеризирани како нешто што на учениците им овозможува да продолжат со сопствено темпо за да дојдат до разни сознанија, независно од учителите.
Извештајот упатува на американска студија во која тинејџерите носеле пејџер и го снимале нивото на својата среќа во моментот кога се вклучувал алармот. Тоа покажало дека учениците се најмалку среќни кога се на училиште и кога пишуваат домашни задачи, а во остатокот од времето се многу посреќни.

Во меѓувреме, многубројни студии покажуваат дека поминувањето повеќе време на училиште и пишувањето домашни задачи го подигнуваат нивото на постигнувања кај учениците.
„Со други зборови, парадоксално е тоа што многу малку е веројатно дека учениците би научиле нешто ако не одат на училиште и ако не пишуваат домашни задачи – но веројатно ќе бидат посреќни“, стои во извештајот.
Верувањето дека резултатите на учениците се подобруваат кога тие се посреќни потекнува од погрешната интерпретација на книгата на Русо – „Емил, или за образованието“ (1762), се вели во извештајот.
„Всушност, Русо ја нагласил важноста на страдањето на ученикот како клучна педагошка алатка за присилување на учениците да учат од сопствените грешки“.
„Дополнително, тој не ја изедначувал среќата со задоволството или радоста, туку на неа гледал низ визура на класичната идеја за човечкиот напредок. Русо сметал дека среќата е цел на образованието, а не негово средство“.

Гeбриел Хелер-Салфрен, авторот на извештајот, вели дека идејата дека благосостојбата и постигнувањата на учениците одат рака под рака станала „длабоко вкоренета“ во училиштата.
„Ваквите прогресивни идеали за задоволството на учениците се важна причина зошто модерните педагози историски ги поддржувале методите на предавања насочени кон учениците“, истакна тој.
Сер Мајкл Вилшоу, поранешен директор на британската Канцеларија за образовни стандарди (Ofsted), во минатото говорел за својата спротивставеност кон учењето насочено кон детето, тврдејќи дека тоа им наштетило на многу генерации деца.

 



912

X