Велат дека децата се воспитуваат од раѓање. Од првиот плач треба да ги учиме што треба, а што не. Од првите чекори мораме да им објасниме што смеат да допрат, а што не. Од првиот залак мора да се навикнат да јадат сѐ што им даваме.

И сето тоа е во ред, сето тоа е правилно. Кога се во прашање сите тие правила кон кои главно и јас се придржувам, не е проблем. Но… тука доаѓам до она што исто така е многу важно, можеби уште поважно од храната или спиењето.

Треба да ги научиме децата на вистинските вредности

Моето дете има премногу, премногу играчки. Премногу предмети, воопшто. А за тоа сум виновна јас.

Природно е децата да сакаат сѐ што ќе видат, сѐ што ќе им се допадне. А јас во првите неколку години од нејзиниот живот бев полоша и од неа. Ѝ го купував не само тоа што го сакаше, туку и она што мене ми се допаѓаше – без разлика дали таа го бараше или не.

По извесно време нè доведов во ситуација да немаме каде да се свртиме од вишокот предмети. Ми се плаче кога ќе помислам што сè можев да направам со парите кои ги потрошив на разни глупави играчки и други предмети што импулсивно ги купував.

Зошто го правев тоа? Мислам дека сето тоа е дел од мојата приказна за самохрано родителство и фрустрациите што од тоа произлегуваа. Не е оправдување, но ми беше многу важно да сфатам зошто неуморно ги натрупував работите што не ни беа потребни, играчки со кои не си играше, облека која не стигна да ја носи.

И којзнае колку долго ќе траеше оваа хаотична состојба да не се случеше нешто што ми помогна да сфатам дека е време и двете да застанеме:

– Таа, која беше во состојба секој ден да бара нова играчка, а потоа да ја фрли во купот со другите и никогаш веќе да не ја погледне.

– Јас, која бев во состојба секој ден да ѝ купувам некоја нова глупост бидејќи така ја исполнував празнината во себе.

Неодамна одвоив дел од играчките во неколку големи кутии и ги ставив на терасата. Не се за фрлање. Да ги подарам не смеам, барем не сè уште. Секојпат кога нешто ќе му дадев на друг, следниот ден низ куќата ќерка ми го бараше токму тоа.

Минатиот месец мојата ќерка беше со татко ѝ на патување. Се врати со полни раце нови кадифени миленичиња. Потоа, утредента почна да лелека за нешто што го видела на телевизија. Тука беше мојата точка на пукнување. Го согледав нашиот живот, нашите потреби, нашата иднина. Сфатив дека сум претерала. Како родител, прво треба да ги задоволам основните потреби на своето дете. Мора да се нахрани, да спие, да биде чиста и уредна. Потоа мора да научи – што е всушност животот. Од што се состои. А квалитетот на животот нема никаква врска со бројот на предмети што ги поседуваме.

Мораме да ги научиме децата да размислуваат правилно. Што е важно, а што не. Кон што треба да се стремат. Кои навики и желби се правилни, а кои не се. Мора да научат што значи одлагање на задоволствата. Како желбата „сакам сега“ и „сакам сѐ“ да се претвори во конструктивно размислување – „како да дојдам до она што го сакам на чесен, пристоен и паметен начин“.

Потоа се запрашав како да ѝ го објаснам тоа, кои аргументи да ги употребам и каков пример да ѝ дадам? Дали јас сум навистина квалификувана, дали со својот пример можам да влијаам врз детето да го заземе правилниот став и да ги прави вистинските потези? Можам ли да тврдам дека стојам зад секоја своја одлука, во секој момент? Која сум јас да учам кого било како треба да размислува, да троши, да планира, да живее?

Всушност, ми се чини дека токму сега почнав да сфаќам некои животни вистини. Под старите денови. Благодарение на неа. Бидејќи не се децата единствените што го посакуваат сето она што ќе го видат. Човечки е да се има желби, а тоа што сме возрасни, не значи дека навреме сме научиле што е важно, а што не.

Родителството ме научи дека со воспитувањето на малото дете, всушност, се воспитуваме самите себе

Бидејќи додека се обидуваме со избраните зборови да им објасниме зошто некои постапки се погрешни или лоши, на некој начин ги утврдуваме лекциите на кои некогаш нè учеле нашите родители. Утврдуваме и обновуваме.

Благодарение на моето дете, полека учам што навистина е важно во животот, а што не е. Учам како желбата „сакам сега“ и „сакам сѐ“ да ја претворам во одлука – што е она што навистина ни треба за нашиот живот да биде убав и квалитетен.

Автор: Владана



912

X