Денешните деца се послободни за разлика од мојата генерација, јас двапати сум влегла во наставничката канцеларија да предадам пари за нешто и уште го паметам моментот колку бев засрамена и препотена

За директорката на ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци, Анита Ангеловска, ова училиште не е само работно место во кое максимално се вложува за да го направи успешна образовна приказна за секоја генерација, туку таа е и емотивно врзана за него бидејќи токму во оваа зграда завршила основно образование. За неа, оваа животна задача претставува голема чест, задоволство и среќа, но, пред сѐ, огромна одговорност. Со Ангеловска ја отворивме темата за учителствувањето некогаш и денес, споредувајќи ги предностите и слабостите во образованието во времето кога таа била ученик, и навраќајќи убави спомени од времето кога детството имало поинаква димензија.

– За жал, големата поплава ги однесе сите фотографии од моето детство, но сликите ми останаа во мислите. Од моето детство најмногу ми недостигаат дружењето, враќањето од училиште дома заедно со другите деца. Попатно имавме многу случки. Се враќавме во групи. Улиците беа полни со деца. Игравме реални игри, си помагавме и не си завидувавме на облеката, имотот… Уште ја чувам темносината кецела/мантил за училиште. Ние не чекавме покана за дружба. Ако си слободен, одиш кај другарчето и му ѕвониш на врата, ако не е дома, одиш кај друго другарче, каде што ќе ги најдеш сите. Баш бевме како во книгата „Големи и мали“. Честопати наутро пешачам обидувајќи се да го доживеам тој детски џагор што го имавме ние – вели Ангеловска.

Според неа, тогаш времето поминато во училиште значело место каде што се учеле важни животни лекции.

– Училиштето од моето детство, каде што ги учевме основните вештини за живеење, стекнувавме силни пријателства, симпатии и ги поставувавме темелите на сопственото образование. Навистина ми е посебно место и затоа се вложувам и го давам најдоброто од себе, за и сегашните генерации да го доживуваат и да го чувствуваат како такво. Во ова училиште сега има ученици на моите школски другари. Замислете колкава одговорност е тоа. Излегов од него достоинствено, како првенец на мојата генерација, и се вратив во него како директор – вели таа.

Учителот – извор на знаење

– Кога јас бев ученик, учителите ни беа голем авторитет, исто како и нашите родители. Во секој поглед знаеја повеќе од нас, затоа што нашите извори на знаење беа тие, учебниците и тетратките во кои фаќавме белешки. Учителот беше пренесувач на предметното знаење, но и на однесување, вештини и ставови. Во денешно време учителот, освен искуството, нема голема предност пред ученикот доколку не вложува во сопствениот раст и развој и во доживотното учење – додава таа.

Новите генерации живеат во едно време во кое изворите на знаење се брзи и многубројни, а развојот на науката и технологијата се одвива со молскавична брзина. Пристапот до информации, вештините на денешните деца се различни, така што и учителот се разликува.

– Пренесувањето на знаењето веќе нема никаква перспектива затоа што целта е ученикот да се научи самостојно да стекнува знаења, да истражува, критички да размислува. Сите учиме едни од други. Учителот не е сезнајко, туку добронамерен советник, кој има цел да го подобри учењето, напредокот и постигнувањата на секој ученик посебно. Не е случајно описното оценување – вели Ангеловска.

Училница е секое место каде што учениците учат

За да го одржи училиштето во добра насока, советите од повозрасните колеги, професори во пензија, нејзините учители, се секогаш добредојдени. Таа вели дека не постојат стари и нови техники во образованието.

– Училница е секое место каде што учениците учат и го доживуваат како корисно, тоа што го учат го поврзуваат со реалниот живот. Тоа се техниките/методите кои никогаш нема да застарат. Честопати си ги сретнувам моите учители. Тие се секогаш добредојдени во нашето училиште и ми даваат огромна поддршка во мојата работа. Се гордеат што нивна ученичка раководи со училиштето и тоа многу ми значи – со насмевка раскажува нашата соговорничка.

Во меѓувреме, многу нешта се сменети, појаснува Ангеловска, правата на детето, неговото активно учество во училишниот живот, мултикултурната перспектива, инклузијата, еколошката свест се водечки постулати на денешниот учител.

– Мислам дека нашите учители немаа толку голема администрација и соработката со родителите сега има една поинаква димензија – нагласува таа.

Денешните деца се послободни за разлика од мојата генерација

– Се сеќавам дека двапати сум влегла во наставничката канцеларија да предадам пари за нешто и уште го паметам моментот колку бев засрамена и препотена. Сега учениците од ученичкиот парламент присуствуваат на состаноците на наставничкиот совет, советот на родители, училишниот одбор. Доаѓаат во мојата канцеларија да се обратат за некаква ученичка иницијатива, што многу ми се допаѓа – објаснува таа.

Според Ангеловска, финскиот модел на школување, кој се смета за најдобар во Европа, е одличен пример кон кој треба да се стремиме.

– Немаат инспекциски служби во образованието затоа што се општество на доверба, а на наставничките факултети се запишуваат најдобрите студенти, кои мора да бидат магистри за да работат во образование. Не постојат приватни факултети, а политиката е надвор од образованието. Сите деца имаат еднакви права, но и исти можности да ги остварат тие права. И сиромашните и богатите учат во истите училишта.

Ги запоставивме талентираните ученици

– Предностите се во индивидуалниот пристап и инклузивното образование во секој поглед, кое треба да овозможи секое дете да се развива согласно своите можности и способности. Сметам дека малку ги запоставивме надарените и талентираните ученици, и покрај системските решенија. Повеќе се фокусиравме на учениците со пречки во развојот. Треба да работиме на зајакнување на капацитетите на наставниците во оваа област. Се вложува во разбивање на предрасудите и стереотипите во секој поглед, а со тоа се превенира и дискриминаторно однесување. Ми се допаѓа демократскиот пристап, во кој авторитетот не се стекнува со ниска оценка, туку произлегува од однесувањето на наставникот – вели Ангеловска.

Фото: приватна архива



912

X