Таткото може да го продолжи боледувањето наместо мајката само доколку во моментот на породувањето има шест месеци непрекинат работен стаж

Иако полека, расте бројот на татковци што наместо мајките ја користат можноста за платено отсуство од работа кога ќе се роди бебе, популарно познато како породилно боледување. Од 2012 до крајот на 2017 година бројот на татковци што се грижеле за бебињата додека мајките биле на работа се зголемил за 11 пати. Секој со своја, различна причина, лани вакво боледување искористиле 79 татковци.

Предминатата година, според податоците од Фонд за здравствено осигурување (ФЗО), платено отсуство зеле 54, додека една година претходно – 29 татковци. Во 2014 година на боледување биле 14 татковци, во 2013 година – 16, а 19 во 2012 година.

Таткото може да оди на боледувањето наместо мајката само доколку во моментот на породувањето ги исполнувал условите, односно да има шест месеци непрекинат работен стаж. Според правила, таткото може да земе платено боледување само по 45-тиот ден од раѓањето на бебето. Имено, во Законот за работни односи е определено дека работничка што користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство може да се врати на работа и пред истекот на отсуството, но не и пред 45 дена од денот на раѓање на детето.

Колкав надомест му следува на таткото

Платеното отсуство од работа е во траење од девет месеци непрекинато за едно дете, а за близнаци, тројка и повеќе деца е 15 месеци.
– Правото се остварува согласно Законот за работни односи, во кој е регулирано како дел за право на отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство (член 165) – објаснуваат од Фондот.

Во текот на породилното боледување се зема надомест од 100 проценти од просекот на платата во изминатата година.
– Се пресметува лична основица од негова или нејзина плата, во зависност од тоа кој од родителите користи породилно отсуство – велат од ФЗО.

Плата и плус пари за предвремено враќање на работа

Доколку мајката сака порано да се врати на работа, а таткото не го искористи правото на породилно отсуство, според Закон за работни односи, таа може да го оствари правото на вработена родилка.
– Така може да зема плата од работодавецот и плус 50 отсто надомест за породилно отсуство од Фондот за здравствено осигурување – објаснуваат од ФЗО.

Утре – Искуство на татко кој користел породилно



912

X