Иако децата често се борат против спиењето, знаеме дека спиењето е од суштинско значење за нивниот раст и развој. Затоа, легнувањето на децата навреме бара труд и доследност од страна на родителите.
Додека децата спијат, во мозокот се одвиваат процеси кои ги поддржуваат растот, здравјето, меморијата и когнитивниот развој. Информациите се консолидираат и складираат во долгорочната меморија, се ослободува човечкиот хормон за раст, крвта ги снабдува мускулите со кислород и хранливи материи за да се врати енергијата и да се обноват ткивата, а нервниот систем се обновува.
Ако децата немаат доволно сон, стануваат раздразливи, забораваат и тешко ги контролираат своите емоции. Но, понекогаш на родителите им е тешко да препознаат дали нивното дете спие или не. На некои деца им е потребна попладневна дремка и по 5-годишна возраст, иако е општо прифатено дека на таа возраст повеќе не им е потребен попладневен одмор.
Некои деца, пак, иако се уморни, воопшто не изгледаат поспано – тие се всушност хиперактивни кога се ненаспани. Врз основа на нивната активност, би можеле да заклучиме дека не им треба попладневен одмор, а родителите на таквото дете, од страв да не му го расипат ноќниот одмор, решаваат да го остават будно додека не си легне навечер. Потоа, кај мало дете кое не спие доволно, со текот на времето се акумулира замор, па тоа станува понервозно, склоно кон бес, и му е уште потешко да влезе во рутината на вечерниот сон.
Мора да се признае, во современото општество, кое е обележано со стрес, густ распоред и поместување на времето кога си легнуваме, потребата за сон и одмор е прилично потценета. Дури и оние лица што спијат во просек од 5 до 6 часа на ден се сметаат за вредни и одговорни личности, посветени на својата професија и личниот напредок, а лицата што спијат повеќе од 8 часа се сметаат за неамбициозни и донекаде неодговорни.
Но, истовремено ја заобиколуваме физиолошката потреба за сон и регенерација на телото и умот.

Како што животот на возрасните е преоптоварен со обврски, така и животот на децата станува оптоварен со училиште, воннаставни активности, спортски активности, па често не е задоволена потребата за сон. Но, еден од најзагрижувачките виновници за одложувањето на спиењето и одморот е зголемувањето на времето на користење на уредите.
Сината светлина што ја емитуваат таблетите и паметните телефони го попречува ослободувањето на мелатонин, хормон што телото го произведува за да сигнализира дека е време за спиење. Затоа експертите препорачуваат децата и возрасните да ги исклучуваат „екраните“ еден до два часа пред спиење. Но, дури и користењето „екран“ порано во текот на денот може да го попречи сонот. Студијата од 2017 година на деца на возраст од шест месеци до три години покажа дека за секој дополнителен час што детето го поминува пред екранот во текот на денот, спие речиси 16 минути помалку.
Постарите деца, кои ги чуваат телефоните во своите соби, често се на телефон до доцна, што родителите можеби и не го сфаќаат. Според истражувањето од 2011 година, 72 отсто од машките на возраст меѓу 13 и 18 години ги носат своите мобилни телефони во спалните соби, а 18 отсто од нив се будат на телефонски повик или порака барем неколку пати неделно.
Поради сите пречки на правилното спиење, многу семејства водат постојана битка со рутините за спиење и заспивањето на децата.
Долгорочни последици од недостигот на сон кај децата
Ефектите од лошиот сон не се видливи само следниот ден – тие можат да влијаат долгорочно врз здравјето. Истражувањата покажуваат дека децата што се лишени од сон имаат поголема веројатност да бидат со прекумерна тежина или дебели. Тие, исто така, се изложени на ризик од висок крвен притисок и се посклони кон несреќи, како што е паѓање од велосипед. Студијата објавена во списанието „Педијатрикс“ во август 2019 година, спроведена од истражувачи од Институтот за истражување „CHEO“ во Отава, покажа дека децата што не спијат доволно (и поминуваат премногу време на „екраните“) имаат поголема веројатност да дејствуваат импулсивно и да донесуваат полоши одлуки.
Децата што се уморни, исто така, повеќе забораваат, пораздразливи се и почесто се впуштаат во ризични ситуации, особено како тинејџери, и имаат поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли. Недоволното спиење може да го отежне фокусирањето и да влијае врз способноста на мозокот да се консолидира и да го запомни наученото во текот на денот. Некои деца дури и заспиваат во текот на наставата.
Ако откриете дека причината за нервозата на детето во текот на денот, недостигот на контрола на емоциите или зголемениот конфликт со врсниците, помал фокус, расеаност или слично всушност се поради недостиг на сон и одмор, обидете се да го преорганизирате времето на спиење на вашето дете.
Активностите со деца пред спиење треба да бидат смирувачки, како што се читање приказни, капење, разговор, гушкање. Обидете се да ја воведете оваа рутина една недела, а резултатите што ќе ги добиете можеби ќе ве убедат дека треба да ја задржите.