Атописки дерматитис е најчесто хронично заболување на кожата кај децата кое се карактеризира со сува кожа, иритации и воспалителни промени. Ова е бенигно заболување, не е заразно, но често пати се повторува.

Кај повеќе од 60 % од децата оваа состојба започнува во периодот помеѓу вториот и шестиот месец, а кај 85% се појавува до петтата година од живот. Кај една третина од пациентите болеста во блага форма може да перзистира во текот на целиот живот, но во 50 % од случаите исчезнува пред петтата година.

Причините за појава на атопискиот дерматитис не се целосно познати, но во основа се должи на заемно дејство на генетски и надворешни фактори. Тој е тесно поврзан со семејна историја и генетска предиспозиција. Ако еден родител има атописки дерматитис, ризикот за детето изнесува 30 %. Ризикот расте и над 70% ако и двајцата родители се атопичари. Атопискиот дерматитис во основа се поврзува со задоцнет развој на имунолошкиот систем и нарушена кожна бариера. Ова, од една страна, доведува до зголемена и лесна загуба на вода преку кожа, поради што таа е сува, а од друга страна, доведува до лесно навлегување на бактерии и алергени во неа, како резултат на што се јавува воспаление на кожата. Алергените можат да се најдат во опкружувањето на детето и да дојдат во контакт со кожата (полен, животински влакна, грињи) или можат да се внесат во организмот во вид на храна (кравјо млеко, јајца, кикиритки) и други фактори може да бидат тригер-фактори за алергиски реакции, како што се разни хемикалии нанесени на кожата, промени на температура, потење, прекумерна топлина.

Прв и основен симптом на атопискиот дерматитис е интензивно и упорно чешање што доведува до оштетување на кожата, што е причина за поголем ризик од секундарни инфекции. Кај доенчињата најчесто првите промени се во вид на црвени, ситни, суви лушпести промени на образите, челото, градниот кош и околу зглобовите на рацете и нозете. Поради чешањето, се нервозни, а нарушен е и нивниот сон.
За жал, лек за ова непријатно заболување нема, но има неколку работи кои може да ги направите за да се ублажат симптомите.
Секојдневната нега се состои од адекватна хигиена и нега, комбинирано со специфичен третман за време на инфламаторната (акутна фаза).

Хигиена и нега на кожата: Важно е секој ден да се заштитува кожата на вашето дете.

Се советуваат поретки, кратки бањи или туширања. Температурата на водата да биде околу 35-36 степени за да се избегне влошување на чешањето. Да се користи благо средство за хигиена, без сапун, парфеми и парабен. Медицински препарати по препорака на педијатар соодветни за третирање на состојбата. Се препорачува употреба на соодветно масло за капење. Кожата да се суши со благо тапкање и да се избегнува триење. Да се мачка со нежен маслен балзам за навлажнување и смирување на кожата, како и заштита од чешање и понатамошен прогрес на болеста.
По бањање, но и еднаш до двапати дневно да се нанесе емолиенс. На овој начин кожата се хидрира и храни, се намалува сувоста на кожата, се превенира пробивањето на алергени одговорни за појава на нови акутни инфламаторни фази (појава на егзем), а се смирува и чешањето.

Користете мека и памучна облека наместо волна и синтетика. Користете помалку детергенти и омекнувачи за перење на облека.
Во зима не прегревајте ги просториите (некаде околу 18 степени во спална соба) бидејќи потењето го зголемува чешањето. Потрудете се да одржувате и адекватна влажност на воздухот во просториите.
Избегнувајте теписи, јоргани и перници со пердуви, кадифени играчки за да се намали прашината и количина на грињи. Да се намали контакт со животни, само во случај на докажана алергија на овие алергени.
Нема потреба да го ставите детето на строга диета, освен во случај на докажана алергија на одредена храна.
Кога времето е студено и суво, потребно е да се нанесува поголема количина на емолиенс, маслен балзам за обновување и заштита на кожата. При изложување на сонце треба да се користат производи за заштита од сонце (кремови со СПФ50+).

Терапија во акутна фаза: кога се присутни егземи

Антиинфламаторните кремови и топикални кортикостероиди ја сочинуваат примарната терапија пропишана кај атописки дерматитис. Овие кремови треба да се нанесуваат во тенок слој на егземите (црвените „печати“ кои чешаат).

Прогнозата на атопискиот дерматитис е добра, со оглед на тоа што кај поголем број од децата симптомите престануваат по доенечкиот период или по завршување на пубертетот, како што веќе рековме. Овие деца само и понатаму ќе имаат сува или многу сува кожа.
Сепак, атопискиот дерматитис е болест на модерното време и е во постојан пораст, особено во урбаните и развиени средини и бара внимателен пристап и секојдневно третирање на кожата, особено кај бебиња и деца кога е најнежна и најосетлива.

Автор: прим. д-р Јадранка Живковиќ, педијатар, „Ремедика“



912

X