Воспитување

За летниот распуст

Распустот е започнат. Нема веќе викање, врескање, јавување… Тоа е единствената врева што не ми пречи бидејќи значи живот, детство, невиност, младешка неартикулираност… и сето тоа е убаво. Но, каде се децата? Слушам има разни детски кампови, организирани работилници и сѐ се плаќа.

Распуст: Кога училиштето ќе замолкне

Во мое време немаше такво нешто, ама кога бевме малечки нѐ пакуваа и нѐ праќаа кај баба, па кај тетка итн., само таму да има некое дете, некое друштво. Имав пријателка што живееше во куќата веднаш до баба ми. Мали, градски куќи со капија и двор, па неколку скалила погоре, и во нејзиниот двор и во дворот на баба ми израсна една кајсија, слива и две јаболкници, но и шарени рози… ние две ги редевме паднатите ливчиња и цел ден со нив подготвувавме „ручек“ под сенка.

Садовите што ја играа улогата на тенџериња и тави беа конзерви од паштети, а лажици беа стапчиња од сладолед. Ја мешавме земјата со малку вода и потоа од калта правевме топчиња кои ни беа ќофтиња, а понекогаш и колачи кои ги украсувавме со ливчиња. Рацете ни беа валкани, калта влегуваше под ноктите, но сето тоа убаво се миеше со стара четка за заби што се користеше само за тоа. Потоа ја викавме баба да ѝ покажеме, да ја послужиме и малку да нѐ пофали. Мораше да се преправа дека е воодушевена, да ни се обраќа како навистина да дошла на гости.

Кога ќе завршевме со ручекот, одевме кај другарка ми. Стара куќа со дебели ѕидови, дневна соба во полутемнина за да биде пријатно и разладено. Ги редевме куклите на креветот и потоа се правевме паметни. Глумев наставничка која држи предавање, но многу поважно е што секојпат ги потсетував моите имагинарни ученици со зборовите: „Седете убаво, не виткајте се“, „повторете што реков сега“, „деца, ова е многу важно“… Мислам дека куклите најмногу имаа часови по музика бидејќи ги научивме на нова песна. Потоа таткото на другарката нè носеше на сладолед – една топка во мало корнетче. Ванила за мене.

Одвреме-навреме, по појадокот, дедо ни носеше дописници за „да контактираме со мама и тато“. Не може многу зборови да собере на разгледница, писмото пак е преобемно, а дописниците се тамам. Во две реченици пишувам колку ни е убаво, дека играме по цел ден и толку. Другото го допишал дедо.

Потоа, на неколку дена одам кај тетка ми, најмладата сестра на мајка ми. Во спалната соба имаше кукла која тогаш ја нарекуваа „италијанска“ или „кукла за спиење“. Служеше како украс на креветот во спалната соба. Голема, со пунџа, облечена во синтетичка тантела. Зафаќаше третина од креветот. Знаев да лежам до неа со часови и да ја гледам. Имаше и вистински трепки. Кукла – девојче. Какво чудо од „техника“.

Самиот факт што се сеќавам на сето тоа кажува колку ми било убаво.

Децата на моите пријатели деновиве се во еден од камповите на планина, на езеро… во летни школи за странски јазици… велат – важно е сѐ да биде организирано.

Многу е поважно тие да имаат што да запомнат.

Сите тие спомени толку убаво лежат на душата.

Особено за време на викендите.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top