Различните начини на однесување на вашето дете всушност произлегуваат од листата со четири сложени емоции. Еве како да му ги објасните на вашето дете така што ќе ги разбере за да може да научи да управуваат со нив.

Од една година децата почнуваат да покажуваат емоции, и без разлика дали сте го сфатиле тоа или не, тогаш почнувате да им ги покажувате и вие. Се сеќавате на времето кога на вашето малечко му рековте „ауч“ и се намуртивте кога ја фрли играчката? Тоа е емоција!

– Ние имплицитно идентификуваме, демонстрираме и објаснуваме зошто нашите деца не треба да постапуваат на одреден начин, дискутирајќи и покажувајќи им го правилниот начин – вели Џејми Глејхер, терапевт за однесување во Центарот за психолошки услуги „Харстејн“ во Њујорк.

Но, ние честопати не трошиме исто време и напор да им дадеме такви емоционални сигнали на деца на училишна возраст.

– Ако само му кажете на вашето дете да оди во неговата соба кога се однесува лошо, пропуштате можност да разговарате со него зошто така постапило и како се чувствува – додава таа. Овие мали гестови можат да ја отворат вратата за комуникација за да му помогнат на вашето дете да ја разбере сложеноста на емоциите.

– Не постои училиштен предмет за идентификување и објаснување на емоциите, иако градењето на емоционалната интелигенција и емоционалниот вокабулар на вашето дете треба да започне на многу мала возраст. Според мое мислење, тоа е исто толку важно како и учењето броеви, букви и бои – вели Глејхер. Целта на чувствата е да се разбере што се случува во нас и околу нас. Чувствата ни даваат брзи повратни информации за да ги искористиме врз основа на нашите минати искуства.

Меѓутоа, кога сте млади, немате претходни искуства од кои нешто сте научиле – реагирате врз основа на тоа како се чувствувате.

– Родителите треба да ги обучат децата како да ги идентификуваат, именуваат, толкуваат и користат своите емоции. Тогаш децата ќе научат нов јазик за самоизразување – објаснува Глејхер. Овој јазик е јазик што не задушува, угаснува, потиснува и експлодира, туку им помага да разберат зошто го чувствуваат она што го чувствуваат.

– Најголемиот подарок што можете да им го дадете на вашите деца е способноста да ги искусат, препознаваат и да се справат со емоциите – тоа ќе биде нивниот клуч за отпорност подоцна во животот – вели Глејхер.

Наместо да се обидувате да дефинирате долг список со емоции за вашето дете, почнете со основните работи. Овде ќе ги најдете најчестите комплексни емоции од кои произлегуваат сите други емоции и како да разговарате со вашите деца за нив.

Лутина

Лутината е силно чувство на нервоза и незадоволство. Кај децата, кои можат многу лесно да се испровоцираат кога некое другарче ќе им ја грабне нивната играчка, се појавува лутина затоа што се активира одговорот на борбата. Кога вашето дете има тантрум, ќе удри или ќе направи нешто несоодветно, тоа реагира на стимули што го натерале да почувствува некаква болка или фрустрација.

– Гневот може да изгледа ирационално, но за дете кое сè уште не научило како да ги регулира емоциите, тоа е непосредна природна реакција на она што го чувствува – вели Џаклин Шлиски, лиценциран клинички психолог во Лонг Ајленд, Њујорк. Бидејќи знаете дека однесувањето на вашето дете (лутината што ја покажува) потекнува од некаде, разговарајте со него додека тоа се случува.

Идентификувајте го чувството: Кажете: „Изгледа дека многу се лутиш“ и имитирајте ги изразите на лицето како да сте лути. Важно е да не се користат зборови како: „Гледам“.  -Тоа му дава можност на детето да ги поправи родителите ако не е така – вели Глејхер.

Објаснете ги чувствата: Кажете: „Понекогаш работите не се онакви какви што сакаме и тоа прави да се чувствуваме вознемирено“. Потоа, научете го вашето дете како може да се изрази кога ќе се појават тие чувства: „Навистина не сакам кога ќе ми земеш играчка од рака“. Глејхер објаснува дека негативното однесување – удирањето, викањето или плачењето кога се чувствувате лути – е основната емоција што сè уште не е регулирана.

Како да ги олесните работите: Добра техника да ги научите децата на некоја емоција е истакнување на таа емоција кај другите.

– Кога читате книга или гледате филм, прашајте го вашето дете како би можел да се чувствува ликот? Ова не само што го зголемува емоционалниот вокабулар, туку и ги учи децата на емпатија и да се стават на нечие место – вели Глејхер.

Тага

Чувството на загуба, тага или разочарување е големо за вашите деца. Тагата може да се случи кога вашето дете се чувствува исплашено или кога некој ќе каже или направи нешто поради кое се чувствува лошо. Тагата може да биде чувство што го добивате кога ви недостига некој (без оглед дали е преку смрт или далечина) или мора да поминете низ нешто болно (на пример, кога гледате дека родителите се расправаат). Тагата може да се развие и преку разочарување, како раното затворање на училиштата поради пандемијата на коронавирусот или неможноста за игра со другарчињата.

Идентификувајте го чувството: – Кога вашето дете е тажно, тоа не само што се чувствува тажно, туку мисли тажно и дејствува тажно – вели д-р Шлиски. Солзите се најочигледен знак дека вашето дете е тажно, но децата можат да манифестираат тага и на други начини, како гнев, изолација, па дури и голема емоционална зависност.

– Додека да наполнат една година, малите деца добиваат свесност дека родителите можат да им помогнат да ги регулираат своите емоции. Кога ќе заплачат, вие трчате. Како што растат, децата почнуваат да разбираат дека одредени емоции се поврзани со одредени ситуации – вели д-р Шлиски.

Опасноста од тага и неразбирање на нејзиниот основен извор е дека тагата може да се претвори во гнев, а потоа да резултира во пропаѓање. Ако секојпат кога вашето дете плаче се обидувате да го смирите, вие едноставно ставате завој на ситуацијата наместо да му помогнете да го реши проблемот.

– На децата им требаат алатките за да можат да кажат: „Се чувствувам тажно затоа што…“ во спротивно тие учат дека нивните чувства можат да бидат придушени и нема да научат како да ги именуваат вистинските причини за нивната тага, додава д-р Шлиски.

Објаснете го чувството: На пример, ако вашето дете ја изгуби својата омилена кадифена играчка и се чувствува тажно, ислушајте го и покажете му дека сте тука за него ако му требаат прегратки или гушкање или само му треба да се исплаче.

Како да ги олесните работите: Избегнувајте да кажете: „Користи ги зборовите“ кога детето е вознемирено бидејќи тоа не е разумно очекување додека малото дете сè уште е во рана фаза на учење како да ги поврзе сензациите на телото и умот со вокабуларот за чувства.

– На родителите им велат да направат табела со чувства користејќи емотикони што ги сакаат сите деца и да ги користат за да ги научат децата да препознаат како изразите на лицето се поврзани со чувствата – вели Глејхер. Или, ако не можат да стават име на чувството што го имаат, тие можат да укажат на изразот што одговара на чувството.

Страв

Децата не се плашат природно, но чувството на страв произлегува од вознемиреност и грижа.

– Кога малите деца се плашат, тоа вклучува одредено ниво на перцепција за опасноста – вели Глејхер. Некои стравови се природни – повеќето деца се плашат од непознати луѓе, темница и од разделба од своите родители.

Но, можеби вашето дете слушнало нешто на ТВ, видело нешто или некој го натерал да се чувствува непријатно или некој настан од реалниот живот го вознемирил.

Идентификувајте го чувството: Бидејќи постојат стравови од кои не можеме секогаш да ги заштитуваме нашите деца, како светската пандемија, не заборавајте да ги потврдите грижите на вашето дете за ситуацијата („Тоа звучи навистина страшно“), наместо да ги минимизирате чувствата со тоа што ќе му кажете дека сè ќе биде добро.

– Бидете смирени кога ќе му велите на вашето дете дека е безбедно – вели д-р Шлиски.

Објаснете го чувството: Можете да кажете дека и вие имате слични чувства („И јас така се чувствувам“) и да го прашате вашето дете дали сака да ви постави прашања во врска со тоа.

Љубомора

Зеленото чудовиште на љубомората има начин како да допре до сите нас, а како чувство се појавува дури и кај бебињата од 3 месеци, вели Франсин Зелцер, психолог од Њујорк. Станува збор за емоција што лесно се чувствува и често се изразува – мајката држи бебе на непозната личност или братчето или сестричето добива подароци за роденден – но концептот на љубомора е тежок да се објасни. Иако често се опишува како чувства или мисли на несигурност, страв или загриженост за релативен недостиг на имот или безбедност, тоа може да биде и чувство на несоодветност, беспомошност или незадоволство.

– Чувството на љубомора честопати е вкоренето во неисполнувањето на потребите на поединецот. Може да се развие од недостиг на доверба и честопати доведува до чувство на несигурност – вели д-р Зелцер.

Идентификувајте го чувството: Љубомората и зависта се тесно поврзани, меѓутоа, со зависта, го сакате она што никогаш не сте го имале, додека со љубомората ви се заканува губење на нешто што го имате или барем верувате дека го имате.

Децата имаат и таканаречена социјална љубомора, на пример, ако вашата ќерка не е поканета да спие кај другарче. Првото правило за родителите е никогаш да не ги минимизираат чувствата на нивните деца. Иако мислите дека ова е нешто за кое не треба да се биде вознемирен, тоа може да му значи цел свет на вашето дете. Откако вашето дете ќе каже што го мачи, бидете разбирливи. Решете го проблемот нудејќи вистински предлози со кои ќе му помогнете на детето да ги надмине чувствата на љубомора.

Тука е и љубомората кај малите деца што ги тера да мислат дека ќе изгубат некаква наклонетост, внимание или безбедност од друга личност поради некого. Ова може да се појави и во најмали ситуации како кога вашето дете сака да го има најголемото парче торта на роденден. Прашајте го зошто плаче, затоа што треба да го натерате да зборува за своите емоции и да препознае зошто тие се појавуваат.

– Потврдете ги неговите емоции и признајте ги. Кажете му: „Гледам дека си вознемирен поради тортата, но понекогаш не ги добиваме работите што ги сакаме – вели д-р Зелцер.

Како да ги олесните работите: Најголемата грешка што ја прават родителите е кога ќе му кажат на детето: „Нема причина да се биде тажен“ или „Престани да плачеш“ затоа што тоа не помага во фактот дека вашето дете веќе е тажно. Вие само дополнително ги стеснувате неговите емоции и му порачувате да не ги покажува, наместо да се справи со нив.

Автор: Џена Аутуори Дедиќ

Извор



912

X