Децата ги затрупуваме со играчки, најчесто сакајќи да ги израдуваме или смириме. Нè пече совеста кога ќе сфатиме дека на тој начин често се обидуваме да „купиме“ малку мир за себе. Кога ќе сфатиме дека времето поминато со детето е темел на неговиот живот, ќе ни биде полесно и самите да уживаме во заедничката игра.
Сашка Нешиќ е воспитувач и целото стручно знаење со љубов им го пренесува на децата и на родителите. Таа вели дека во секое дете се крие љубопитен истражувач на кој му е потребен само мал поттик за да ги искаже своите потенцијали и способности, па предлага во истражувањето на светот да тргнете со помош на обична лупа.
– Во периодот на раниот развој голема улога има поттикнувачката средина за учење, истражување и експериментирање. Токму таква средина се наоѓа во природата. Места за учење во природа може да бидат дворот, паркот, градина, крајбрежје од река, игралиште, шума… Еден од начините да ги мотивираме децата на креативни и истражувачки игри е лупата – вели Нешиќ и додава зошто оваа нова играчка е „магична“.
Му открива на детето сосема нов свет на чуда
Лупата му помага на детето да ги види работите што никогаш претходно не ги видело. Му отвора сосема нов свет кој изгледа неверојатно. Со нејзина помош тоа го истражува она што го гледа во своето опкружување. Од лисја и земја до камен и мравка, структури на материјали како сол, шеќер, камен, кора од дрво…
Поттикнува размислување и заклучување
Иако изгледаат едноставно, ваквите активности го поттикнуваат детето на размислување, уочување, поврзување поими, ја развиваат фантазијата и креативноста. Користењето на лупата му отвора на детето нови сознанија за кои тоа размислува и си поставува сопствени теории и заклучоци.
Ја активира креативноста
Креативноста и имагинацијата можеме да ги активираме со набљудување на кората на дрвото, со споредување со различни видови дрвја или игра во која детето, доведувајќи хартија на кора, поминува со восочни бои преку нејзината површина. Со оглед на тоа дека кората е нерамна, на хартијата ќе остане пресликан релјеф околу кој може да ги нацрта животните што ги видело на стеблото.
Ги развива научните вештини
Кога ќе му понудиме на детето да го илустрира она што го забележало, го навикнуваме да ги бележи своите откритија и со тоа му ги развиваме научните вештини. Истражувајќи ги инсектите во природата, детето ги поврзува стекнатите знаења и ги надградува со нови, развива емпатија и разбирање кон живиот свет што нè опкружува.

Што сè можете да правите со детето и со лупата
Набљудувајте ги кристалите во коцка мраз – Водата и нејзините различни облици се непресушен извор на идеи за истражувачките игри. Понудете му на детето неколку коцки мраз, на кои ќе додадете малку боја и сол (што ќе го забрза топењето), дајте му лупа и пуштете го да ужива во оваа интересна игра.
Земете ќебе и предложете му на детето со лупа да ги прегледа влакната. Поттикнете го во просторијата да пронајде слични ткаенини и да ги спореди. Понудете му на детето шеќер, сол, ориз и други слични материјали кои може да ги набљудува со лупата и со тоа да ги споредува и класифицира. Кога сте на отворен простор, мотивирајте го детето со прашањата: „Можеш ли со помош на лупата да пронајдеш нешто зелено?“ или „Можеш ли да најдеш нешто што ползи?“
Децата се мали истражувачи
Со внимателно набљудување на малите деца согледуваме дека тие постојано се во истражувачки поход. Затоа би требало да им се овозможат услови за истражувачки игри. Но – и поддршката во вид на поттикнувачки прашања: „Што мислиш ти за тоа?“, „Како дојде до тој заклучок?“, „Зошто е тоа така?“ Ваквите активности влијаат врз интелектуалниот, социо-емоционалниот и развојот на говорот. Исто така, придонесуваат за разбирање и почитување на светот што нè опкружува.
Автор: Сашка Нешиќ, воспитувач