Трендот на намалување на наталитетот се забележува со децении. Тоа директно влијае врз бројот на младото население. Додајте го тука и иселувањето на младите. Македонија одамна е навлезена во демографска старост, вели Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика

Дури 10.000 помалку бебиња се родиле во Македонија лани во споредба со бројката во 1994 година. Ова е рекорд во последните 23 години, а деновиве податоците официјално ги објави Државниот завод за статистика. Според листата, лани во Македонија на свет дошле вкупно 21.754 живородени бебиња. За споредба, оваа бројка во 1994 година изнесувала 31.421 бебе.
Според Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика, оваа бројка за неколку години директно ќе се одрази врз основното, а потоа и врз средното образование. Ќе има села што одвај ќе состават една паралелка. Многу училишта ќе треба да ги заклучат вратите, ќе има непотребен наставнички кадар.
– Овој тренд на намалување на наталитетот се забележува со децении. Тоа директно влијае врз бројот на младото население. Додајте го тука и иселувањето на младите. Македонија одамна е навлезена во демографска старост – вели Герасимовски.

Инфографикон: Ања Несторова

Само Чаир, Куманово и Tетово со четирицифрени бројки

Од вкупниот број живородени деца, 11.160 биле машки, а 10.594 биле женски. Во споредба со 2016 година, лани биле родени 5,4 отсто помалку бебиња.
Традиционално, најмногу бебиња биле родени во Скопје – 6.463. Најплодна скопска општина лани била Чаир – со 1.025 новородени бебиња. Драстична разлика има во Општина Зрновци кај Кочани, каде што лани се родиле најмалку бебиња во земјава – вкупно 13. Само три општини лани достигнале четирицифрена бројка во наталитетот – Чаир, Куманово (1.204 бебиња) и Тетово (1.233 бебиња).

Во Липково повеќе бебиња отколку во Кочани

Интересна статистика може да се направи ако се споредат бројките во општините. Така, во Кочани, општина со површина од 360,36 квадратни километри, 28 населени места и 38.092 жители (според процената од преклани – 37.758 жители) лани се родиле 302 бебиња. Во Липково, пак, општина со 267,82 квадратни километри, 22 населени места, 27.058 официјални жители (односно 29.965 од последните неофицијални процени), лани биле родени 363 бебиња.
Уште попоразителни се бројките во Кратово, каде што лани се родиле 52 бебиња. Во оваа општина од 31 населено место, со 375,44 квадратни километри, има реално население од околу 9.400 жители. За споредба, во Желино, кое зафаќа површина од 201,04 квадратен километар и има 18 населени места, лани се родиле 316 бебиња.

 

Како тоа ќе се одрази врз образовниот процес?

Според Герасимовски, податоците од наталитетот директно проектираат податоци колку првачиња ќе бидат запишани за шест години, колку ученици ќе завршат основно училиште, колку средношколци ќе се запишат во средните училишта.
– Наталитетот силно влијае врз образовниот процес, врз состојбата во детските градинки. Од друга страна, влијае и врз староста на населението. Постои и уште еден аспект. Многу повисок наталитет се забележува во руралните општини Арачиново, Боговињe, Липково, Чучер Сандево, отколку во местата со градска структура – Ресен, Демир Капија, Гевгелија, Кратово, Пехчево – вели тој.
Така, во Дојран лани се родиле 24 бебиња, во Вевчани 22, во Конче и Новаци по 25 бебиња.
– Во овие места има негативен прираст. А во општините има повеќе подрачни училишта. Многу од нив нема да успеат да основаат една паралелка. Овие состојби ќе се рефлектираат врз многу состојби во образованието – објаснува Герасимовски.

Бројките се поклопуваат

Факултети.мк деновиве објави дека годинава се пријавени рекордно мал број матуранти за да полагаат државна матура – 15.256 матуранти. Пред само шест години матура полагале речиси 19.000 ученици.
Статистиката вели дека во оваа учебна година, последната (четврта) година ја почнале 17.622 ученици. Од нив 5.652 имале 17 години, 10.914 имале 18 години, а 1.051 имале 19 години. Ако земеме предвид дека во учебната 2017/2018 година матурирале ученици родени меѓу 1998 и 2001 година, со акцент на оние родени во 2000/2001 година (бидејќи се најмногубројни), може да се добијат интересни податоци од наталитетот во тие години. Во 2000 година во Македонија биле родени 26.168 бебиња, а во 2001 – 24.183 бебиња.



912

X