Родителите стравуваат да ги остават децата сами дома по цели денови, а истовремено не можат да земат слободни денови за отсуство од работа. Сметаат дека протоколите повеќе создаваат проблеми отколку што штитат од ширење на коронавирусот

Голем број родители чии деца одат во основно училиште се соочуваат со проблеми поради ковид-протоколите во училиштата, особено кога во едно одделение ќе се појави позитивен ученик, па другите се наоѓале во негова близина треба да одат во изолација.
Состојбата дополнително се комплицира зашто децата кои се во изолација треба некој да ги чува, а нивните родители не добиваат решение за изолација кое им е потребно за да ги оправдаат деновите кога нема да одат на работа.

Родителите стравуваат да ги остават децата сами дома по цели денови, а истовремено не можат да земат слободни денови за отсуство од работа.
Сметаат дека протоколите повеќе создаваат проблеми отколку што штитат од ширење на коронавирусот.

Дали се функционални предвидените мерки за заштита во училиштата или само го отежнуваат образовниот процес?

Наставниот процес оваа учебна година се одвива со физичко присуство во училиштата. Според мерките за заштита, децата седат со маски на часовите и се на растојание.
Доколку се потврди дека ученик е заболен од ковид-19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје, која итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за процена на степенот на ризик од проширување на инфекцијата во одделението или целото училиште.
Родителите на детето што е позитивно одат во домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен институт.

Во изолација двапати во еден месец

Мајка на близнаци првачиња го опиша нејзиното искуство од почетокот на оваа учебна година. Останувањето во изолација за нејзиното семејство се покажало дека е повеќе од проблем.

-Вторпат во еден месец сме дома зашто во одделението на синовите имаше дете позитивно на ковид-19. Освен стресот дали децата ќе покажат симптоми, иако веројатноста за тоа беше мала зашто во училиште се постојано со маски, поголем беше стресот кај нас возрасните во однос на секојдневните обврски и неочекуваниот прекин на сите започнати работи, проекти и обврски, воншколски активности, домашни планови -посочува таа.

Боледување или денови од одмор – опции ако имате дете во изолација

Нејзиниот сопруг нема услови да остане дома со децата и да ги чува, а тие сè уште се мали и мора некој да ги надгледува.

– Принудена сум да земам боледување или да користам денови од одмор, опции што воопшто не ми одговараат бидејќи ниту сум болна ниту сум на одмор, а на работа имам почнато проекти и активности што ненајавено морам да ги паузирам или откажам, што претставува проблем. Се обидувам да продолжам онлајн, но со толку мали деца тоа е речиси невозможно. Дури и да имам простор и сопствена соба, не можам да ги оставам сами доволно долго време колку што ми треба за да ја завршам тековната работа -објаснува таа.

Тестирањето може да ги намали ризиците

Смета дека е погрешно останувањето дома толку долго бидејќи губат навики и им се разводнува рутината што и онака им е нова и сѐ уште слаба. За таа цел, според неа, треба да се редефинира целиот протокол во вакви случаи.

– Нема причина изолацијата да трае толку долго. Треба да се воведе опција за продолжување на наставата со негативен ПЦР-тест. Доколку се појави позитивно дете, другите деца да се тестираат или веднаш или по неколку дена. Така сѐ би било многу поедноставно за сите – додава мајката.

Се бараат и потврди од училиштата за правдање на отсуствата од работа

Светлана Масларевска, директорка на училиштето „Коле Неделковски“ во Општина Центар, вели дека досега во училиштето немале пример од пониските одделенија децата често да одат во изолација. Постојано се во контакт со епидемиолозите од Центарот за јавно здравје во Скопје.

– Такви ситуации има во погорните одделенија. Ако се појави ученик позитивен на ковид-19, воспоставивме практика цело одделение една недела да оди на онлајн настава, со цел да не се појават симптоми кај преостанатите ученици. Но, најчесто децата седат дома по желба на родителите, кои се исплашени. Во училиштето има и многу деца што веќе го прележаа вирусот – додава таа.

Според Масларевска, досега немале проблем со родителите околу останувањето дома на децата.

– Бараат потврда од училиштето со која ги правдаат деновите за отсуство од нивните работни места – додава таа.

Секој случај е посебен, нема единствен протокол

Епидемиолог од Центарот за јавно здравје објаснува дека секој случај со позитивно дете во секое одделение е индивидуален. Според податоците што ќе ги добијат од учениците и наставниците, ја проценуваат можноста за ширење на вирусот.

– Нема единствен протокол кој може да важи за сите случаи. Секој случај на позитивно дете го испитуваме поединечно и заклучоците се различни. Најважни се податоците. Ако имаме сигурни податоци за контактите на децата меѓу себе, тогаш лесно се решава состојбата. Но, многу често имаме ситуации децата да ги менуваат изјавите за контактите и тогаш потешко ни е да ја лоцираме состојбата. Затоа некогаш се случува цело одделение да оди макар една недела во изолација. Децата од прво или второ одделение не можат секогаш да објаснат дали имале контакт со детето позитивно на ковид-19 и каков бил тој контакт, во случајот дали биле со маски или без маски – вели епидемиологот.

Според него, и понатамошната процена за изолација на родителите оди во иста насока.

– Ако детето добие решение за изолација, тогаш родителот се обврзува да ја спроведе таа изолација на детето. Покритие за отсуството од работа родителите имаат од решението за изолација на нивните деца. Има родители кои се бунат, има некои што веднаш ја прифаќаат состојбата, но мораме сите да разбереме дека ова се услови на пандемија и сите треба да бидеме трпеливи – објаснува тој.
Целта е, како што вели, да не дојде до оптоварување на здравствениот систем. Најважно е кај учениците да се подигне свеста за тоа што значат незаштитени контакти и да не се групираат.



912

X