Секојдневната употреба на паметните телефони, кратките пораки и социјалните мрежи може да придонесат за појава на синдромот на недостиг на внимание и хиперактивност (АДХД) кај младите, покажа ново истражување.
Во истражувањето биле опфатени група адолесценти кои на почетокот на испитувањето немале симптоми на АДХД и се покажало дека зачестената употреба на дигиталните медиуми е поврзана со настанувањето нови симптоми на АДХД. Причинско-последичната врска меѓу употребата на дигитални медиуми и појавата на АДХД не може да се потврди само од една студија, но ова истражување отвора нови прашања околу употребата на паметните уреди во периодот на детството.

Се мерела зачестеноста на 18 симптоми на АДХД

Умерената употреба на дигиталните медиуми е од голема корист за образовниот процес, но прекумерната изложеност на дигитални уреди и социјални мрежи има негативни последици врз менталното здравје.
Со истражувањето биле опфатени 2.587 адолесценти на просечна возраст од 15 години, од кои 54% биле девојчиња од 10 средни училишта од Лос Анџелес, Калифорнија, во период од две години. Ниту едно од испитуваните деца не покажувало знаци на АДХД на почетокот од истражувањето, што било утврдено преку анамнеза и пополнување обрасци за моменталните симптоми на детето. Се мерела зачестеноста (никогаш, ретко, понекогаш, често, многу често) на 18 симптоми на АДХД во последните 6 месеци пред истражувањето. Биле оценувани вкупно 9 симптоми на вниманието и 9 хиперактивно-импулсивни симптоми. Децата што дале оцена „често“ и „многу често“ дека имаат шест или повеќе симптоми биле категоризирани како симптоматски позитивни на АДХД. Истиот прашалник го пополнувале по 6, 12 и по 24 месеци.

На почетокот од истражувањето младите ја пополнувале анкетата за тоа колку често користат 14 популарни дигитални медиумски активности (проверка на социјални мрежи и групи, текстови, играње дигитални игри, видеозаписи или сурфање на интернет…). Врз база на нивните одговори биле поделени во три категории: без употреба на дигитални медиуми, умерена употреба и високо зачестена употреба на дигитални медиуми. Категоријата „високо зачестена употреба“ била дефинирана како употреба на сите 14 различни медиумски активности повеќепати во денот во претходната седмица.
1.398 од испитаните деца (54,1%) биле класифицирани во највисоката категорија кога станува збор за користење социјални мрежи, и тоа била најчесто користената активност.
Според истражувањето, зачестеното користење на социјалните мрежи било значително зголемено кај децата што покажале одредени симптоми на АДХД во текот на 24-месечното следење. Симптомите на АДХД што се појавиле во текот на испитувањето биле констатирани кај 9,5% од децата што биле класифицирани во групата со зачестена дигитална активност во минимум 7 различни медиуми (вкупно 114 деца) и кај 10,5% од оние што пријавиле дека сите дигитални медиуми ги користат зачестено (51 дете). Од 495 адолесценти што биле класифицирани во групата која не користела дигитални медиуми, кај само 4,65% биле констатирани некои од симптомите на АДХД во периодот на следењето.

Времето поминато на социјалните мрежи треба да се сведе на минимум

Односот меѓу зачестеното користење на дигиталните медиуми и симптомите на АДХД статистички бил значаен, но скромен поради малиот примерок на испитуваната популација. Посилна врска меѓу употребата на дигиталните медиуми и АДХД е пронајдена кај адолесценти кои имале и некои други нарушувања, како деликвентно однесување и симптоми на депресија.
Моменталниот пристап кон современите технологии може да влијае врз контролата на импулси и очекувањето повратна информација без трпеливост кај децата. Дигиталните технологии не дозволуваат мозокот да се одмори, да се досадува или да развие свесност. Зачестената употреба на дигиталните медиуми ја намалува способноста на детето да остане концентрирано на предизвиците и потешките задачи кои бараат подолга концентрација и време за решавање на проблемите.
Поради малиот примерок, сите резултати од студијата треба да се анализираат внимателно, но секако треба да се има предвид дека високата зачестеност во користењето социјални медиуми може да доведе до појава на симптоми на АДХД меѓу адолесцентите.
Родителите, наставниците и педијатрите мора да бидат свесни за врската меѓу менталното здравје на децата и честото користење дигитални медиуми и секогаш при прегледите треба да поразговараат со тинејџерите за користењето на социјални медиуми. Како помош, на телефонот или таблетот треба да се инсталира апликација која следи колку време корисникот поминува на одредени апликации бидејќи децата не се свесни колку време поминало од вклучувањето на уредот. Времето поминато на социјалните мрежи треба да се сведе на минимум, а најмногу 2 часа на ден. Врз база на времето поминато на социјалните мрежи, потребно е при наредниот преглед да се сугерира времето што детето ќе смее да ги користи на социјалните мрежи и паметните уреди.

Подготвил: д-р Милена Николиќ, педијатар

 



912

X