Враќањето во училишните клупи по летниот распуст ги става и учениците и родителите пред нови предизвици. Иако минатата учебна година за повеќето ученици беше во знакот на онлајн-наставата, таквата ситуација нè научи сите дека настава може да се следи и на поинаков начин од оној на кој сме навикнати. Некои сметаат дека децата имаат само штета од тоа, а некои во тоа гледаат и совладување на нови вештини, некои деца имале помош од родителите во совладувањето на материјалот, а некои се научиле на самостојна работа.
Се разбира, сè зависи од епидемиолошката состојба, но едно е неминовно, повторно треба да се загрее столчето и да се учи. Како прво, многу родители со желба нивните деца да постигнат што подобар успех на училиште ги завршувале повеќето училишни задача наместо децата. Експертите ни велат нешто друго, дека е поважно за детето да научи како да учи отколку да се стреми да го постигне саканиот успех кој се обележува со оценка. Учењето е индивидуален процес и во голема мера зависи од когнитивните и перцептивните вештини што ги поседува детето. Затоа, на секој ученик ќе му одговара некој различен начин на учење, во зависност од неговите животни интереси, карактерот, навиките… што заедно со уште многу други фактори го креира стилот на учење на секој поединец.
Но, пред детето да навлезе во самиот процес на учење, важна е мотивацијата. Ако нема мотивација, и процесот на учење ќе оди потешко. Притоа е клучна мотивацијата кон која се стремиме за успешно учење. Учењето може да вклучува различни игри, кои можеме и самите да ги смислиме, а додека детето или родителите ги смислуваат, веќе може да се научи половина од содржината. На пример, за материјалот од историја може да се направи игра со прашања и одговори. Меморија, квизови, крстозборки, стрипови, игри кои вклучуваат физичко движење, песни и слично. Постојат деца кои се исклучиво визуелни типови, па ќе им помогне соствувањето на ментални мапи со важни поими, а притоа и ќе се забавуваат. Некој повеќе би запомнил ако ја потцртува содржината во книгата, а некој ако нацрта стрип за прочитаното поглавје.
Но, во процесот на учење голема одговорност имаат родителите, а тоа е во која мера ќе му дозволат на детето самостојно да работи и лошите оценки да не му бидат „крај на светот“, туку показател за напредок. Факт е дека денешните родители се претерано фокусирани на училишниот успех на детето, премногу вложуваат од сопственото време во учењето со децата, што не е добро за нивниот иден развој. Од една страна, разбирливо е што родителите сакаат децата да им бидат успешни, но педагозите сметаат дека, како родители, би требало да го избегнувате учењето со децата или учењето наместо децата бидејќи тоа нема да им го даде она што навистина им треба – самостојна моќ на постигнување. Се разбира, во нижите одделенија, додека детето не се вклопи во новите обврски, се препорачува да му се прави друштво на детето во текот на учењето, но секогаш со акцент на детето како водич на тоа учење. Колку и да учествува родителот во учењето со детето, може тоа да го направи и во мера да ги зајакне вештините на детето за учење и така да се направи себеси непотребен на тоа поле.
Се разбира, ако детето бара помош, помогнете му, но ако секојдневно и постојано му е потребна помош, значи дека нема развиено вештини за учење, па токму на тој дел треба прво да се работи. Вештините за учење се темел на целото образование и се надградуваат, во зависност од степенот на образование. Најголема грешка на сите родители е пишувањето на домашните задачи наместо детето, јавувањето на други родители или деца за да дознаат што има детето за домашна, читање лектири наместо детето…
На тој начин родителот не му помага на детето бидејќи не ги јакне неговите вештини, туку со тоа однесување му дава до знаење дека самото не е способно да се грижи за своите обврски.
Автор: Сања Маташиќ
912