Ноќ е, време е децата да спијат. Секоја вечер се подготвувате за тоа како да одите во битка. И не е важно на која возраст е детето, не е важно колку години има, тоа едноставно не сака да спие. Тоа е кога има ненадеен наплив на енергија, па не сака да се пресоблече и да си ги измие забите, па тогаш е гладно, жедно, тогаш има толку добра идеја…
И некако успевате да го решите сето тоа, успевате да го одведете в кревет, успевате да го заспиете, но сето тоа бара многу енергија. Сепак, некои деца што исто така одбиваат да одат в кревет се однесуваат малку поинаку од опишаното. Некои деца одбиваат да одат в кревет затоа што се премногу загрижени или вознемирени.
Според истражување спроведено во САД, откриено е дека секој четврти родител има дете кое се бори со анксиозност пред спиење. Истражувањето го реализирала детската болница „Ц.С. Мот“, а било спроведено на примерок од речиси 800 родители чии деца биле на возраст меѓу една и шест години. Не станува збор за деца кои сакаат да го одложат неизбежното, односно легнувањето в кревет затоа што премногу се забавуваат или се плашат дека нешто ќе пропуштат. Се работи за деца кои се претерано загрижени и вознемирени пред спиење.
Повеќе од една третина од родителите во оваа анкета рекле дека нивните деца понекогаш не спијат цела ноќ и се будат вознемирени или плачат. Речиси половина од родителите, исто така, рекле дека нивното дете ќе го напушти креветот и ќе спие со родителите повеќето ноќи, а секој трет родител рекол дека неговото дете „често или повремено“ инсистирало родителот да остане во собата со него додека не заспие.
Во интервју за Си-ен-ен Сара Кларк, водачот на ова истражување и педијатар, изјавила дека тоа е сосема очекувано:
-Од 1 до 6 години децата многу се менуваат. Различните фази низ кои поминуваат често се сосема предвидливи: тие се плашат од темнината, а потоа како што се развива нивната имагинација, се плашат од чудовишта…
Ако овие стравови или вознемиреност се јавуваат и кај вашето дете, еве што можете да направите.
За почеток, важно е да се има постојана рутина пред спиење, односно важно е детето да знае дека она што се прави на крајот води кон легнување в кревет. Истите постапки што водат до сон му помагаат на телото да се подготви за кревет – му помагаат на неговото тело да се опушти, му даваат чувство на сигурност и го учат како само да заспие.
Еве што можете да воведете како пример за добра рутина пред спиење за децата:
-Хранлива ужина
-Капење или туширање (или промена на пелени)
-Одење во тоалет
-Миење заби
-Читање книга
-Пеење приспивна песна
-Гушкање, масирање или нишање
-Зборување за изминатиот ден.
Она што постојано се нагласува, а многу луѓе го игнорираат е фактот дека е важно на децата да не им се нуди можност за гледање во екрани барем еден час пред спиење, со цел да се намали изложеноста на сина светлина, која влијае врз спиењето и способноста на телото природно да произведува мелатонин. Добредојдени се активностите како читање, боење, сликање или истегнување.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912