Доколку се користи на правилен начин, може да има ефект во решавањето на проблематичното однесување, тврдат американски експерти.

И покрај критиките за ваквиот начин на воспитување, ниту анксиозноста кај децата пораснала ниту нивното агресивно однесување се влошило, покажало осумгодишно истражување на семејствата.

Британски психолог вели дека клучот е во тоа како се користи оваа техника бидејќи не реагираат сите деца исто на авторитарната форма на дисциплина.

Истражувањето спроведено на Универзитетот во Мичиген следело 1.400 семејства и нивните родителски стратегии во различни периоди, кога децата имале три, пет и десет години. Научниците ја следеле позитивноста на децата и нивната негативност кон родителите, како и нивното ментално здравје и социјални вештини, користејќи игри.

Кога децата имале три години, третина од родителите им давале тајмаут или ќе им кажеле да седат мирно во ќошот. Истражувањето не открило разлики во нивоата на депресија и анксиозност во споредба со децата чии родители не користеле тајмаут.

Спротивно на тоа, родителите што користеле физичка казна, рекле дека децата станале поагресивни. Сепак, бидејќи истражувањето било сведено само на набљудување, не може да се каже дека овој начин на воспитување е директно одговорен за однесувањето на детето подоцна.

Чести недоразбирања

Докторката Рејчел Најт, детски психолог и автор на истражувањето на Универзитетот во Мичиген, вели дека родителите често си го поставуваат прашањето дали ја прават правилната работа за своите деца.

– За жал, првото место на кое родителите го бараат одговорот е интернетот, социјалните мрежи или пријателите, а не медицинските работници, особено бидејќи одговорите што ги добиваат често се непроверени и неточни – вели Најт. Таа додава дека постојат многу истражувања за тоа дека тајмаут-техниката може да влијае врз проблематичното однесување, доколку се користи на вистински начин.

– Тоа е родителска стратегија што често е погрешно сфатена и која се злоупотребува – вели таа.

Докторка Најт вели дека тајмаутот е составен од:

– Смиреност;
– Константност;
– Позитивно опкружување;
– Планирање на процесот однапред;
– Потребно е и родителите и децата да сфатат како функционира;
– Избегнување на вревата.

Докторката Хелен Барет, пензиониран психолог, вели дека упорноста е многу важна кога станува збор за воспитување на децата.

– Иако има родители што го користат овој метод, полека се откажавме од идејата дека децата мора да бидат казнети. Секогаш зависи од децата – за некои тоа е понижувачки. Притоа, зависи и пред кого го правите тоа. Тоа може да биде поштетно – вели таа.

Докторка Берет наведува дека постојат алтернативи, на пример, за децата чии родители под казна ги испраќаат во соба или им велат да седат мирно.

– Топли, но авторитативни родители, а не авторитарни имаат најдобар ефект – додава таа.

Извор



912

X